Употребата на вештачката интелигенција во високото образование кај нас сѐ уште не е регулирана со закон. Од Министерството за образование и наука (МОН) не откриваат дали работат на некаква стратегија за употребата на вештачката интелигенција во образованието, но посочија дека постојано ги следат јавните и стручните расправи кај нас и европските практики.
„При креирањето на политиките, МОН ќе ги усогласи и со најновите текови на европската легислатива во сферата на образованието а, во соработка со нашите меѓународни партнерски институции и организации, исто така ќе го адресира прашањето за одговорна, критичка и креативна употреба на вештачката интелигенција во образованието,“ велат од МОН за ПИНА.мк
Сепак, што се однесува до студиските програми, универзитетите се автономни и самостојно ги менуваат наставните програми, додека одбор за акредитација дава согласност за нивна примена.
Вештачката интелигенција дел од некои факултети
Вештачката интелигенција веќе е дел од студиските програми на неколку факултети при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, како Факултетот за електротехника и информациски технологи (ФЕИТ), Факултетот за информатички науки и комјутерско инженерство (ФИНКИ), Машинскиот факултет и Медицинскиот факултет, дел како задолжителни предмети и дел како изборни предмети, посочува УКИМ. Освен тоа, ваквата технологија се користи и како помош во наставата.
„Вештачката интелигенција (ВИ) не се користи директно како алатка во наставата, но при учењето се советуваат студентите да користат различни алатки потпомогнати од ВИ. Најкористена алатка кај инженерските дисциплини е секако chatGPT или нејзини copilot варинати. Се сведува на учење преку примери (Learning by Example). Во GPT 4 има огромна база на документи со соодветни примери и кога студентот ќе праша како да се направи нешто (или испрограмира некој алгоритам) добива сугестија како се прави тоа преку примери. Исто така, и наставниот кадар ги користат овие алатки, за да дознаат која е момнеталната состојба во науката, односно како другите решаваат одреден проблем,“ велат од УКИМ за ПИНА.мк.
Покрај тоа, на Факултетот за земјоделски науки и храна во постапка на акредитација е заедничка студиска програма од прв циклус студии со ФИНКИ – „Дигитално земјоделство“ во која студентите ќе имаат можност да се запознаат со ВИ, откриваат од универзитетот.
Потенцијални проблеми
Во меѓувреме, експертите посочуваат на одредени проблеми кои ги носи вештачката интелигенција во образованието.
„Професорите денес се соочуваат со нови предизвици за плагијаторство кои стануваат поголеми и потешки за контролирање. Досегашните алатки за проверка на плагијат веќе не работат соодветно. Според мене, со тек на време сѐ повеќе ќе го напуштаме концептот на проект или семинарска работа за положување на предмет – односно оценувањето ќе се прави во живо, со испрашување на студентот, и со ограничен пристап до интернет и ВИ алатки“, вели за ПИНА.мк Христијан Ѓорески, вонреден професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и истражувач во областа на вештачката интелигенција и машинското учење.
Според него развојот на оваа технологија бара соодветно обучување и адаптација, а професорите и студентите ќе треба да се навикнат да ја користат вештачката интелигенција одговорно и ефикасно.
„Најголема грешка што можеме да ја направиме е да се обидеме да ја забраниме или да спречиме употреба на вештачката интелигенција во образовниот процес,“ смета Ѓорески.
Светските експерти за вештачка интелигенција најавуваат крај на традиционалната училница поради развојот на новите технологии. Наместо тоа, учениците ќе имаат тутори во стилот на „Чет-ГПТ“ кои ќе овозможат персонализирано учење. Вештачката интелигенција може да биде искористена и за автоматско оценување на задачи, тестови и проекти, што би го олеснил процесот на оценување за наставниците и би им овозможил да се посветат повеќе на индивидуална работа со студентите.
„Ова ја наметнува потребата наставната програма да биде преструктуирана соодветно да ги едуцира студентите подетално за принципите врз кои се темели знаењето, а помалку на вежби во кои би се спроведувале репетитивни умствени активности кои се заменуваат со новите достигања на вештачката интелигенција,“ вели за ПИНА. мк Стојанчо Туџарски, експерт за вештачка интелигенција и креатор на генератор на поезија во стилот на Блаже Конески.
Според него од очигледни економски причини, луѓето ќе бидат заменувани со машини, и тоа е неизбежно.
„Тоа нема да се случи во наредните месеци, секако дека ќе поминат неколку години додека современите дигитализирани бизнис процеси не се прилагодат соодветно да ги вклучат и моделите на вештачка интелигенција во продукција, но само прашање на време е кога ова ќе се случи. Останува како исклучително важна задача на образовните институции да ги обучат студентите да ги извршуваат оние работи кои нема да бидат автоматизирани, а тоа се сите оние активности каде што е неопходна креативност. Креативноста, како што луѓето ја изведуваат, сѐ уште не може да биде имитирана од моделите на вештачката интелигенција, и прашање е дали воопшто ќе може“, вели Туџарски.
Според него, улогата на образовните институции е од исклучителна важност во годините што доаѓаат бидејќи тие треба да обезбедат кадри кои ја познаваат доволно добро материјата чии информации се процесирани од вештачката интелигенција, и се способни да проценат колку резултатите добиени од неа се употребливи.
Драгана Петрушевска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА