(До) Каде се дигиталните редакции во Македонија, а како работат новинарите во светот, дискусии на третиот ден на ИФФС

0
152

Предлог Акцискиот план на Владата за борба против лажни вести и дезинформации, што наиде на сомнеж кај многумина од медиумската сфера и граѓанскиот сектор беше на тапет на вториот фестивалски ден на Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, вчера во „Кино Култура“.

Што е работата на акцискиот план? Кој ќе ја контролира работата на акциската група? Какви се нивните планови за справување со лажните вести и дезинформациите? Кој ќе одлучува што е лажна вест, а што вистина?, беа само дел од прашањата за кои дискутираа Џелал Незири, Назим Рашиди, Жанета Трајкоска, Александар Србиновски, Васко Маглешов и Зоран Бојаровски, советник за медиумски реформи во Владата.

Назим Рашиди, Џелал Незири, Зоран Бојаровски, Васко Маглешов, Жанета Трајкоска и Александар Србиновски

Бојаровски истакна дека стратегијата за борба против лажните вести и информации сѐ уште нема име и дека сѐ уште се работи на овој план.

– Не постои готов акциски план. Има неколку точки, тоа се само насоки или теми што Владата планира да ги отвори во делот на работите врзани за државните институции, каде што ќе се преиспитаат работите кои ги имаме сега. Тие треба да ни укажат на тоа што треба да подобриме и во кои насоки треба да се движи подготовката и финализирањето на акцискиот план. Нема готов акциски план, тоа е предлог. Тоа што беше презентирано беше само најава и насоки кон кои ќе се движи подготовката. Владата ќе анализира, прави проценка за тоа какви се информациите, дали се дезинформации или не. Владата и сега го прави тоа низ секторите за односи со јавност низ министерствата. Ние редовно го мониторираме медиумскиот простор за работи кои се врзани за Владата и владините политики. Го следиме дали тој тип на тек на информации соодветствува на објективната ставрност или објективните политики кои ги инциира и спроведува Владата – рече Бојаровски.

Новинарот Назим Рашиди пак, се осврна на проблемот со контролата.
– Ако има владина институција која на било каков начин има било каква улога за некаква контола, ние веќе имаме сериозен проблем. Не сум за тоа владините институции или било какво тело да се конституира од владина страна и да контролира. Ова е постулатот кој никој не смее да го допре. Ова е свето – рече Рашиди.

Се отвори и прашањето и за лажните вести.
– Имаме многу актери кои што се борат против лажните вести, а не гледаме резултати. Требаше да се формира некакво координативно тело од професионалци кои имаат некакво искуство во таа борба против лажните вести, а државата да се стави на располагање за сите ефикасни идеи. Тоа го очекував јас – рече новинарот Џелал Незири.

Жанета Трајкоска од Институтот за комуникациски студии на темата што би требало да прави Владата за поддршка на медиумите рече:

– Медиумската писменост е долгорочна акција, резултатите можеби нема да се забележат веднаш, ама ќе се видат за десет години.

Се начнаа и прашањата и со состојбите кога владини институции се рекламираат во медиуми кои немаат ниту импресум, за медимите кои пласираат лажни вести.

Целата дебата ја има на следниот линк: https://www.facebook.com/pina.mk/videos/408776600040670/?eid=ARAJzhR5llZyHu3DnlNcgXHFu9s9G-XjK7vJuCoqau6v26MdvAjwLa6sKALmOpTojPA7dT0-khlauks3

Програма за третиот ден на ИФФС

Денеска, во 11:00 часот во „Кино Култура“ започнуваме со дискусијата: „Прекугранична соработка на новинари од Грција и С. Македонија“.

Новинарите Тимос Факалис, Билјана Георгиевска Спасовска, Кристина Озимец, Алексија Калаици и Флоријан Шмиц ќе зборуваат за неколкуте успешни примери и како би можеле да отвориме нови можности за зајакнување на соработката меѓу колегите од двете држави кои често се соочуваат со слични предизвици и проблеми.

На работилницата „Видео на барање“ (Video-on-Demand) во 12:30 часот ќе биде презентирана првата домашна Video-on-demand платформа Cinesquare, која е достапна во повеќе од 13 земји и можностите кои ги нуди за дистрибуција на документарни филмови. Говорници се Марина Лазаревска и Саша Станишиќ.

Во 13:30 следи дискусија: „#MoJo storytelling, можностите за развој на мобилно новинарство на домашната медиумска сцена“. ПИНА ја започна Програмата за мобилно новинарство и организира обуки за студенти и млади новинари заинтересирани за горливите општествени прашања. Ќе разговараме за можностите што ги нуди оваа програма, како и за иднината на овој новинарски жанр во Македонија, а ќе погледнеме и дел од работата на учесниците во обуките на ПИНА. На дискусијата ќе учествуваат: Ивана Настеска, Теодора Цветковска, Флоријан Шмиц, Жарко Настоски, Кристина Озимец, а модератор е Марина Лазаревска.

Имаме и уште една работилница во 14:30 – „Дигитализирани редакции – примерот на Svenska Yle“ на која гостинот Матијас Еркиле ќе ни покаже како Svenska Yle, отсекот на шведски јазик при финскиот јавен сервис, изминатите неколку година активно развива современа, примарно дигитална редакција.

Во 16:30 е закажана проекција на филмот „Како екстремно десничарското движење на Стив Банон згасна во Европа“.

На работилницата „Блокчејн, медиуми и поздрав интернет“ во 18:30 часот Матијас Еркиле ќе ни покаже кои се можностите на блокчејн технологијата во новинарството.

Главната дебата е во 19:45 часот, а ќе видиме „(До) Каде се дигиталните редакции во Македонија“. Може ли да се разговара за иновативен пристап кога се соочуваме со проблеми и предизвици на основно ниво – ниски плати, напори за финансирање независно новинарство, мали редакции соочени со голем обем на работа, сè помалку млади заинтересирани за оваа професија? На дебатата која ќе ја води Ивана Настеска ќе учествуваат: Горан Михајловски, Сашка Цветковска, Билјана Николовска, Александар Манасиев, Ана Петрушева, Магдалена Михајлоска.

Третиот фестовалски ден го затвораме со проекцијата на филмот„Белингкет- вистината во светот на пост-вистината“ кој ќе почне во 21 часот.

Годинава ИФФС првпат ќе прикаже и игран филм, драмата „Официјални тајни“ заснована на вистински случувања. Филмот каде Кира Најтли ја игра Кетрин Ган која споделувајќи тајни документи се обидела да ја спречи американската инвазија врз Ирак, ќе се прикаже во Кино Фросина во МКЦ во 18 часот на 4 ноември како дополнителна програма.

Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА заедно со партнерите ФЕС – Скопје од 31 октомври до 2 ноември годинава во Кино Култура по трет пат го организира Истражувачкиот филмски фестивал – Скопје, неколкудневен настан посветен на новинарството и медиумите.

Фотографии: Different Photography

Фестивалот е од интернационален карактер и дел од настаните се на англиски јазик.

Влезот за сите настани е бесплатен.

Сите детали за фестивалот може да ги следите на веб-страниците: www.pina.mk, и www.iffs.mk, како и на нашите страници на Фејсбук:https://www.facebook.com/pina.mk/ https://www.facebook.com/iffs.mk/

Твитер https://twitter.com/pinamkd и Инстаграм.