Периодичниот извештај на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, покажа дека реформите во јавниот радиодифузен сервис се започнати, но не се исполнети. Владиното рекламирање, како и Пристапот до информации се делумно исполнети, а четвртиот столб од Итните реформски приоритети кои се однесуваат на медиумите, клевета и навреда се целосно неисполнети.
Ниту еден од четирите столба на Итните реформски приоритети кои се однесуваат на медиумите и слободата на изразување во периодот од 1 октомври до 31 декември не се целосно исполнети. Ова го покажа периодичниот извештај на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“ кој го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ во партнерство со ЗГ „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Недостиг на кадар во МРТ
Реформите во јавниот радиодифузен сервис се започнати, но не се исполнети. Извештајот покажува дека почнатите законски измени со кои се утврдува фоинансиската стабилност на јавниот радиодифузер се само дел од потребните реформи во насока на професионализација, техничко-технолошки, програмски и кадровски развој на МТВ. Се проценува дека досега усвоената мерка ќе доведе до драстично ограничување на неговиот буџет. Има и недостиг на кадар како и финансии за новиот, четврт канал на редакциите на етничките заедници.
Вториот столб Владино рекламирање, како и Пристапот до информации се делумно исполнети, покажа извештајот на „Опсерваторија на медиумските реформи“.
– Откако ги укина своите реклами на домашните медиуми, Владата најави дека понатамошната комуникација со јавноста ќе ја врши преку јавниот сервис и социјалните мрежи. Но, Владата не обезбеди детални објаснувања за низа спецификации за обезбедување на целосна транспарентност и отчетност, преку објавување на правилници, процедури и протоколи – пишува во извештајот.
Институциите ги пробиваат роковите за слободен пристап
Филип Стојановски од фондацијата „Метаморфозис“ на денешната презентација на извештајот изјави дека клеветата и навредата се единствениот столб кој е целосно неисполнет.
– Во оваа област нема никакви промени и поместувања во периодот на следење и известување. Не е преземена иницијатива за ревидирање на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда и процедуралните правила со цел да се усогласат со практиката на Европскиот суд за човекови права. Владата нема објавено мерки за поддршка на механизмите на саморегулација, ниту е почната координација со стручната јавност – рече Стојановски.
Кристина Озимец, претседателка на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА истакна низ какви потешкотии и со кои предизвици се соочувале новинарите работејќи на сториите во рамки на проектот.
– Вообичаено наши најголеми предизвици додека ги работевме темите беа во однос на добивањето одговори од некои институции и дел од функционерите. Во новиот амбиент генерално се чувствува одредено ослободување на медиумската сфера, но сѐ уште постојат многу предизвици и проблеми – рече Озимец.
Таа истакна дека новинарите упорно го користат правото на слободен пристап до информации и дека повеќето институции одговараат, но некои доцнат со одговорите.
– Не го запазуваат ниту законскиот рок од 30 дена, а некогаш делумно одговраат на прашањата. Роковите ги бројат од деновите кога тие ги виделе барањата, а не кога ние сме им ги пратиле, а некогаш информациите што сме ги барале сме ги прочитале во други медиуми па дури и на прес- конференции – изјави Озимец.