Поранешната пратеничка Силвана Бонева и бившиот министер за земјоделство Љупчо Димовски се меѓу седумнаесетмината осомничени за кои Специјалното јавно обвинителство отворило седум нови истраги. Првата истрага со кодно име „Странски служби“, како што информира обвинителката Фатиме Фетаи, се однесува на двајца осомничени-директен извршител и поттикнувач.
Станува збор за поранешен началник за оперативна техника во УБК кој направил извештај за да се потврди тогаш промовираната теза дека нелегалното масовно прислушување го вршеле тајни служби. Во декември 2014 година преку фаворизирање странска компанија добила тендер за опрема во МВР. Целата постапка, според СЈО, е незаконски спроведена.
„Друмарина“ и „Рентген“ – нови истраги на СЈО
Бонева е централна фигура во вториот случај -„Друмарина“. Поранешната пратеничка е осомничена дека со злоупотреба земала надомест за патарини од 100.000 евра во периодот од јули 2011 до декември 2015. Според СЈО, Бонева давала лажни фискални сметки за реализирани патувања од местото на живеење иако имала сместување во Скопје.
Според утврдените податоци од СЈО, ако биле реални поднесените сметки, таа за посочениот период требало да има поминато 235.928 километри. Од СЈО утврдиле дека километражата на возилото со кое ги реализирала патувањата била 133.520 километри. Со тоа направила злоупотреба на средства во износ од околу 100.000 евра.
Третата истрага „Рентген“ се однесува на поранешен министер за здравство за набавка на опрема за радиолошки лаборатории во 2012 година. Тој е осомничен за фаворизирање на една фирма да го добие тендерот за опремата. Во јануари 2014 договорот бил раскинат откако во јавноста излегоа информации за учество во тендерот на една новинарка и нејзината мајка. Сепак, министерот не го поништил тендерот, туку склучил договор со второрангираната фирма со што е направена злоупотреба вредна околу 860.000 евра.
И тројца директори на битолски училишта осомничени во „Транспортер 2“
Четвртата истрага „Продуцент“ се однесува на Димовски кој како поранешен министер за земјоделство во ноември 2009 година без јавна набавка склучил договор со продуцентската куќа „Смарт центар“ ДООЕЛ Скопје за снимање емисија која се емитувала на ТВ Сител во вредност од 50.000 евра.
Петтата истрага „Лидери“ што ја отвори СЈО произлегува од телефонски разговор меѓу лидери на две политички партии во врска со уривање на нелегално изграден објект. Осомничен е сопственикот на објектот што бил изграден во периодот од ноември 2011 до февруари 2013 година без одобрение на површина од 1.000 метри квадратни.
Шестиот случај „Тарифа 2“ се однесува на злоупотреба на набавка на софтвер во ЕЛЕМ. Осомничено е едно лице кое веќе е обвинето и во предметот „Тарифа“. Вкупната направена штета со извршените злоупотреби е 288.880 евра.
Седмата истрага „Транспортер 2“ е продолжение на случајот „Транспортер 1“, а се однесува на злоупотреби со превоз на ученици во Битола во периодот од 2009 до 2011 година. И во оваа истрага осомничен е поранешниот градоначалник на Битола, но и тројца директори на основни училишта. Вкупната причинета штета со направените злоупотреби во „Транспортер 2“ изнесува 1.873.583 денари.