Загадувањето како прашање од национална безбедност

0
1400

Во Скопје во една година 1000 наши сограѓан(к)и ги губат своите животи како последица од загадениот воздух. Во 2014 година преку публикацијата „колку вреди животот“ дознавме дека загадувањето на воздухот во Македонија е највисоко во Европа и дека не чини околу 253 милиони евра годишно. Денеска, три години по објавувањето на овие податоци Македонија сѐ уште се гуши во загаденост а податоците не укажуваат на значителни подобрувања.

Верувам дека за една ваква закана кон граѓаните на една држава разумно е да очекуваме дека институциите ќе имаат: 1) сеопфатно истражување за причините поради кои сме во моменталната состојба, 2) координиран пристап и планови кои ќе водат кон решавање на ова прашање (каде локалните и централните власти делуваат заедно), 3) политики кои ќе се фокусираат на решавање на корените на проблемот а во истовреме ќе ги лечат последиците, 4) стратегија која ќе успее да ги вклучи граѓаните, граѓанскиот сектор, компаниите и сите останати заинтересирани страни во партнерски однос кон решавање на овој проблем кој одзема илјадници животи на годишно ниво.

Доколку немате големи несогласувања со погоре напишаното, тогаш верувам дека би се сложиле и со поентата дека (ние граѓаните) мораме да ги охрабриме институциите да го сместат овој проблем во центарот на дневно политичките случувања со надеж дека ќе успееме да го префрлиме од сферата на нормалната политика во сферата на „политики на итност“.

Платформата која може да се размисли за да се постигне ова е: загадувањето во Македонија да се третира како прашање од национална безбедност. Во мојата тажна дневна беспомошност во загадено Скопје ова е една од работите кои можам да ги направам. Бидејќи имам некое искуство од областа на општествените дисциплини затоа сум осуден на нудење платформи а не решенија. За решенија немам знаење ниту искуство, но можам да се обидам да допринесам околу платформата која би овозможила луѓето, институциите кои ги имаат решенијата да го добијат заслуженото време, простор, финансии, политички капитал да се обидат да започнат да го решаваат овој проблем.

Овој текст нуди неколку поенти:

– Што значи едно прашање да се третира како прашање од национална безбедност?

– Како може ова да ја промени моменталната ситуација?

– Кои би биле придобивките од ваквиот пристап?

За да се објасни зошто е добро да се третира загадувањето како прашање од национална безбедност треба да видиме кои прашања всушност потпаѓаат во оваа категорија. Одговорот на ова прашање зависи од тоа во која теорија на меѓународни односи верувате или припаѓате и кого прашувате. На пример, според Иванов „насилниот екстремизам, странски терористички борци, исламскиот калифат, транснационалниот организиран криминал, и регионални екстремистички групи кои се стремат кон промена на границите за остварување на големи националистички идеи“ се закана за нашата национална безбедност.

Секако, различни теории на безбедност и меѓународни односи ќе ви дадат различна поддршка за тоа што ќе класифицирате како „закана“ за национална безбедност. Но ве охрабрувам да се запрашате себеси: од што вие чувствувате поголема закана како граѓани. Дали се чуствувате позагрозени од регионални екстремистички групи кои сакаат да ги променат нашите граници (тоа што претседателот го сметал како безбедносен ризик), или пак од загадувањето кое непрекинато ни се заканува нам и на нашите најблиски и кое емпириски е докажано дека немилосрдно секојдневно одзема животи? Која од овие закани директно ви влијае вас и на вашите најблиски? Од која од овие закани имаме повеќе жртви?

Дури и да прифатиме дека се што набројал Иванов во неговото годишно обраќање во 2015 е безбедносна закана и ризик, не може а да не го ставиме и загадувањето во истата категорија според било кој параметар.

Доколку загадувањето го класифицираме како „прашање од национална безбедност“ истото ќе имаме можност (фигуративно) да го извадиме од рубриката вообичаена политика и да го префрлиме во рубриката политики на итност и таму на безбедносното прашање може да биде одговорено со посебни мерки кои се оправдани поради самата природа на заканата. Кога еден проблем се става во категоријата „прашања од национална безбедност“ тоа има огромна моќ како инструмент на политичка и општествена мобилизација и затоа најочигледната причина да се класифицираат прашањата од еколошки карактер како прашања од безбедносен карактер е самата закана која тие ја претставуваат и потребата да има итна мобилизација и одговор кон овој проблем каков што инаку би немале (Buzan,1991). Односно, кога едно прашање се означува како безбедносно, и неговата приоритетност и ургентност на тој начин се етаблираат. Во една таква новонастаната ситуација револуционерни политички одлуки не само што се толерираат туку и се охрабруваат.

Уште еден пример за моќта на класифицирањето на одредени предизвици како безбедносни закани е начинот на кој се третираше бегалскиот бран кој ја зафати Македонија. За ова прашање Иванов зборувал во скоро секој говор кој го има дадено во тој период а дури и била свикана средба на Советот на безбедност на Македонија. Во образложението за потребата од средбата се вели дека „бегалскиот бран е закана по безбедноста на националниот и територијалниот суверенитет на нашата држава“. Токму овој навидум процедурален политички чин (средбата на Советот на безбедност) овозможува проблемот да се секуритизира и прашањето за бегалците да се означи како нешто итно за кое мора да има посебни координирани мерки од страна на државниот апарат и други засегнати страни.

Токму онакви координирани мерки за кои што сите се сложивме на почетокот на овој текст дека би биле очекувани и разумни во борбата против загадувањето. Дел од мерките кои беа преземени како реакција на бегалската криза беа: прогласување на кризна состојба, ангажирање на АРМ, спроведени заеднички македонско-бугарски копнени и воздушни операции, примена на политики на притвор итн. Сите овие мерки им биле достапни на институциите заради фактот дека проблемот го третирале како закана од националниот интерес. Немој да ме сфатите погрешно, јас не велам дека подигнувањето на бегалската криза како безбедносно прашање беше исправно, ниту пак дека превземените мерки беа оправдани и пропорционални, ниту пак дека истите се применливи за решавањето на проблемот со загадувањето. Ова е само илустративен пример за тоа што може да биде направено кога едно прашање го третираме како безбедносно.

Што сметам дека покажавме досега. Прво дека загадувањето може и треба да се класифицира како прашање од национална безбедност. Впрочем дури и во стратегијата за одбрана на Р. Македонија уништување и деградација на животната средина е излистана како еден од ризиците по националната безбедност. Понатаму со оваа класификација имаме можност да оправдаме низа мерки кои во нормални услови не би ни биле достапни како општество а кои верувам ни се потребни за да се обидеме да го решиме овој проблем. Финално, со овој чекор би можеле да очекуваме дека сите ние кои сме чинители во општеството да бидеме фокусирани на ова прашање (на ист начин кога веруваме дека има закана од некоја надворешна или внатрешна закана) и ќе бидеме во можност да допринесеме кон неговото решавање. Впрочем нели е тажно што целиот овој револт кон загадувањето не е целосно искористен за сеопшта граѓанска мобилизација.

Автор: Лазар Поп Иванов
м-р по меѓународни односи на King’s College London
м-р по меѓународно право на Правниот Факултет „Јустинијан Први“ – Скопје

Мислењата и ставовите во рубриката „Колумни“ на pina.mk целосно им припаѓаат исклучиво на авторите и тие може но и не мора да ја рефлектираат уредувачката политика на pina.mk или позициите на организацијата ПИНА. ПИНА не секогаш се согласува целосно со ставовите изнесени од страна на авторите на колумните.