Недостигот на јавен превоз од селата на oпштина Боговиње кон Тетово продолжува директно да влијае врз секојдневниот живот на жителите, особено на младите. Можностите за движење, велат тие, остануваат ограничени и несигурни.
Околу 31 илјада жители на општината секојдневно се соочуваат со овој проблем, кој, според нив, постои повеќе од дваесет години и сè уште нема решение.
За да ги извршат своите обврски во Тетово, граѓаните се потпираат главно на приватни комби или такси превозници. Сепак, овие алтернативи не се одржливи. Комбињата често доцнат или не тргнуваат навреме, а после 19 часот, во многу случаи воопшто и не сообраќаат. Во текот на викендите состојбата уште повеќе се влошува, во сабота комбињата се ретки, а во недела речиси целосно ги нема.
Превозот со такси претставува висок трошок за семејниот буџет, со цени меѓу 400 и 600 денари, младите велат дека не можат да си го дозволат.
Студенти: „Немаме како да се вратиме дома”
Најмногу се жалат студентите, за нив недостигот на јавен превоз претставува секојдневно мачење. Една 21-годишна студентка раскажува дека за време на испитната сесија често се соочувала со недостиг на превоз во вечерните часови.
„Има случаи кога испитите се одржуваат во 18 часот. Бев принудена да ги повикам роднините да дојдат да ме земат, бидејќи немав друго решение”, вели таа.
Истата студентка раскажува дека поради овој проблем морала да се откаже и од други активности.
„Во недела често се организираат конференции. Еднаш учествував, но се вратив со родител на другарката. Сега повеќе не одам, бидејќи не сакам да ангажирам некого да ме врати дома”, вели таа.
И останатите жители се соочуваат со истите тешкотии. Еден граѓанин вели дека недостигот на јавен превоз го принудува да го планира секое движење.
„Нема никаков јасен ред на сообраќање на комбињата, па тргнувањето од дома не може да се планира со сигурност. Не се знае дали комбито ќе помине веднаш или ќе задоцни, што секое движење го прави несигурно и неорганизирано”, вели тој.
Општината запозната со проблемот, решение нема
Според раководителот на секторот за јавни дејности во Општина Боговиње, Нуриман Тефику, надлежностите за јавниот превоз порано ги имало локалното претпријатие „Полет“. Додава дека со територијалната поделба не само јавниот превоз, туку и други услуги останале нерешени и недоволно функционални.
Тефику за ПИНА вели дека општината е запозната со актуелната состојба со проблемите со јавниот превоз, но во моментов нема конкретен план за брзо враќање на линиите како што функционирале некогаш. Според него, секое решение треба да биде организирано на повисоко ниво за да биде одржливо и функционално во пракса.
Тефику додава дека главните предизвици на општината се инфраструктурата, недостигот на возила и финансиски средства, што го отежнува воспоставувањето на нов систем на општинско ниво. Појаснува дека враќањето на функционален систем не може да се направи само на локално ниво, бидејќи тој процес бара координација во целата зона во која се опфатени и останатите села од регионот.
За студентите вели дека не се ветува итно решение, но постои можност да се разгледа организирање на посебен превоз за нивните потреби.
Во очекување на конкретни мерки, за илјадници жители на Боговиње, враќањето дома после 19 часот останува секојдневен проблем без решение.
Авторка: Виола Мазлами
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





