Системот „Безбеден град“ кој започна со едномесечен тест-период на први декември годинава, за многумина е вистинското, трајно решение со кое би требало неколкукратно да се намалат бројот на сообраќајни несреќи во земјава, кои неретко завршуваа и со фатален исход. Во пробниот период, на возачите им пристигнуваат смс пораки и пораки на електронските пошти во вид на опомени, а по завршувањето на овој период опомените ќе се заменат со ефективни казни за сообраќајни прекршоци.
Со „Безбеден град“ за прв пат автоматизираниот видео-надзор во Македонија ќе може да се користи системски и континуирано за детекција на сообраќајни прекршоци, оти камерите кои беа поставени на главните сообраќајни артерии во 2012 година, се користеа за увид по несреќи и истражни цели, но не и за санкционирање на несовесните возачи.
Во првата фаза, системот ќе функционира во Скопје, на дел од автопатите од Коридорите 8 и 10, како и во Куманово и Тетово, а согласно плановите на полицијата, системот постепено ќе се прошири во сите урбани средини.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски за медиумите изјави дека до јуни или јули 2026 година, системот „Безбеден град“ ќе биде имплементиран на територијата на целата држава.

Тест-периодот служи пред сѐ проверка на техничката стабилност на платформата, како и на квалитетот на препознавање на регистарските таблички, точноста на геолокацијата, капацитетите на серверите, брзината за испраќање на известувања… Првите денови на виделина ја покажаа и (не)дисциплината на скопските возачи, откако за само 24 часа беа регистрирани околу 110 000 сторени прекршоци. Опомените, кои пристигнуваа експресно до возачите, во себе содржат информации за сторениот прекршок, износот на глобата која треба да се плати, како и местото на кое е сторен прекршокот. Во јавноста мошне проектот претрпе голем број на критики, и позитивни и негативни, а согласно првичните реакции на властите, од нивна страна е оти оценките се позитивни, оти бројот на регистрирани прекршоци опаѓа, а сообраќјната диманика се смирува.
Иако првично беше најавено оти ќе започне официјално да казнува од 1 јануари, 2026 година, од МВР сега велат оти овој рок е променет за еден месец, односно 1 февруари. Сепак останува отворено прашањето дали „Безбеден град“ ќе проработи без доработка, особено по негодувањето на голем дел од возачите и јавноста, дека е потребно да се има ниво на толеранција, бидејќи како што стојат работите, „Сејф сити“ ќе казнува дури и за пречекорување на брзината од само еден километар на час, односно за возење 51 км/ч во зона каде што е дозволено 50 км/ч.
Еден од главниот аргумент против строгото почитување на пропишаната брзина е фактот што во поголемиот дел од европските земји, постои техничка толеранција поради можноста за грешка на радарските уреди од една страна, но и на брзиномерот во возилото од спротивната страна. На пример, во европските земји како на пример во Германија, праксата вели оти најчесто се одземаат 3 километри на час од измерената брзина, исто како и во Австрија, додека пак во Франција, прагот на толеранција е 5 км/ч. Најлиберални во овој поглед се Шпанците, каде важи правилото „50+7“, па казни добиваат само возачите кои возат над 57 км/ч. Целта на ваквата толеранција не е олеснување за возачите, туку правична пресметка.
Од Министерството за внатрешни работи за Пина.мк велат, свесно одлучиле да во тест периодот не се применат прагови на толераниција, а за редовната примена одговорија:
„Предвидено да се донесе решение според европските стандарди и практики и се очекува тогаш да се утврди и прагот на толеранција кој ќе биде во интерес на граѓаните. Целта секако не е МВР да казнува за минимални надминувања, туку да ги спречува опасните брзини и безобѕирни употреби на моторни возила кои предизвикуваат сообраќајни незгоди кои одземаат човечки жртви“, велат од МВР.
Дека одредена толеранција е потребна, согласен е и професорот Никола Крстаноски од Отсекот за сообраќај и транспорт на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“, во Битола. Вели, таа толеранција не би требало да значи дозвола за учесниците во сообраќајот да се движат побрзо од пропишаното, туку да обезбеди заштита од непрецизноста на одредени мерни инструменти.
„Во поголем број на европски земји толеранцијата е 3 км/час за брзини под 100 км/час и 3% за брзини над 100 км/час. Во помал дел од земјите во ЕУ, толеранцијата е 5 км/час за брзини под 100 км/час и 5% за брзини над 100 км/час. Овој недостаток е забележан и мислам дека претставниците на МВР веќе изјавија дека системот ќе предвидува одредено ниво на толеранција, иако не кажаа колкава ќе биде таа“, вели проф. Крстаноски.
Несоодветната брзина не е единствениот прекршок кој ќе биде „под радарот“ на Безбеден град, оти предвидено е системот да забележи и санкционира и минување на црвено светло, ќе се „ловат“ нерегистрираните возила, а мобилни екипи на Министерството за внатрешни работи ќе ги санкционираат несовесните возачи кои паркираат на места каде што тоа е забрането. Казните кои возачите ќе ги добијат ќе можат да ги платат во рок од осум дена, кога би платиле 50 отсто од вкупниот износ. Доколку не го сторат тоа, во следните осум дена ќе мора да го платат целиот износ, а доколку не се плати во законскиот рок, почнува процесот на присилна наплата. Но, ова според надлежните е само почеток на планираната еволуција на системот во иднина.
„Ова е почетен дијапазон; во идните надградби е предвидено проширување на типот на прекршоци кои системот ќе може да ги детектира (на пр., користење мобилен телефон, некористење на сигурносен појас и сл.). Системот ќе продолжи да се развива и надградува и во иднина. „Безбеден град“ ќе стане „Безбедна држава“ и ќе го регулира сообраќајот низ целата држава. Еволуцијата на системот „Безбеден град“ ќе биде исклучително важна инвестиција во безбедноста на сите граѓани“, велат од МВР.
Дополнително, важно е да се знае дека согласно постоечките законски регулативи, казната секогаш се испраќа на сопственикот на возилото, а не на лицето кое го возело во моментот. Доколку сопственикот не бил возач, може во рок од осум дена да достави изјава со податоци за вистинскиот возач, по што постапката се пренасочува. Доколку не се поднесе изјава, сопственикот останува одговорен за прекршокот.
Од аспект на јавната безбедност, аргументите за имплементација се јасни, а примерите од земјите кои го воспоставиле овој систем се позтивни, нешто што е од огромно значење за Македонија, бидејќи земјава е во групата европски земји со висок број на жртви и тешки повреди во сообраќајни несреќи во однос на бројот на жители, што дополнително го поттикнува прашањето дали автоматската детекција може да влијае врз навиките на возачите и да ја намали ризичноста на критичните делници.
Професорот Крстаноски вели оти како вешто лице кое работи на вештачења на сообраќајни несреќи, забележал оти најголем број од нив се последица на пребрзо возење, или пак брзо возење во комбинација со други фактори, па оттаму, дециден е дека со воведувањето на системот „Бебеден град“ оправдано се очекува позитивен ефект во однос на безбедноста на сообраќајот, што впрочем е докажано од искуствата на градови кои одамна применуваат вакви системи, како на пример Хелсинки кои со години наназад, нема ниту една жртва во сообраќајна несреќа во градот.
„Ограничувањата на брзина во населени места на 50 км/час као општо ограничување кое важи секогаш ако нема поинаков знак, не се случајни. Научните анализи на сообраќајни незгоди во кои возило налетува на пешак јасно покажуваат дека со зголемувањето на брзината на возилото брзо расте веројатноста за смртен исход на пешакот. Кога брзината на возилото е над 50 км/час, веројатноста за смрт на пешакот е над 50%. Веќе за брзини над 60 км/час веројатноста за смрт на пешакот достигнува вредност од над 80“, заклучи тој.
Паралелно со позитивните очекувања, „Безбеден град“ ги отвора и прашањата за приватност и надзор, оти камерите регистрираат таблички, движење и локации, а снимките се обработуваат централизирано.
Сепак, прашањето на приватност не е под ризик, уверуваат надлежните. Пристап до снимките ќе имаат само овластени лица, кој ќе бидат строго контролирани и кои ќе функционираат според претходно утврдени протоколи.
„Снимениот материјал од камерите на системот ‘Безбеден град’ се чува согласно законските прописи, односно 30 дена. Исклучок се ситуациите кога е констатиран прекршок. Тогаш видеодокументацијата се задржува сè до целосно завршување на прекршочната постапка и извршувањето на санкцијата, без разлика дали се работи за парична казна или за забрана за управување“, појаснуваат од Министерството.
Како ќе изгледа системот на хартија, ќе зависи од тоа колку добро ги поминал тестовите, оти иако овој систем претставува значителен исчекор во дигитализацијата на сообраќајниот надзор, неговата долгорочна успешност ќе зависи од техничката прецизност, правичниот пристап во санкционирањето, како и транспарентноста на институциите и подготвеноста за корекции, онаму каде што ќе се покаже дека се неопходни.
Автор: Михаил Милошевски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





