Повеќе од триста фирми кои искористиле државна помош наменета за плати на работниците, но плата никогаш не исплатиле на свој грб ги навлекоа даночните власти и трудовиот инспекторат, а се соочуваат и со можна кривична одговорност, со оглед дека постапува и обвинителството. Потребни се ефикасни мерки од надлежните органи по наводите за злоупотреби на државната помош, а не само јавна објава на имињата на компаниите, велат познавачите.
Над 111 милиони евра изнесувала вкупната државна помош доделена во период од 5 месеци кон приватните компании, врз основа на Уредбата и Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од ковид-кризата за исплата на плати на работниците, покажуваат податоците што ги обезбедивме од надлежните институции. Врз основа на обработката на официјалните податоци, пак, произлегува во 4 од овие 5 месеци вкупно 342 компании земале буџетски пари, но не ја исполниле законската обврска да им исплатат плати на нивните вработените.
Според податоците што ни ги доставија од Управата за јавни приходи како имплементатор на оваа мерка, во месеците април, мај и јуни, врз основа на Уредба со законска сила донесена за време на вонредната состојба, биле одобрени вкупно 58.001 барања на компаниите во вкупен износ од околу 79.5 милиони евра. Поточно, во април кон 19.827 компании се исплатени 29,2 милиони евра за 128.181 работници, во мај кон 20.001 компании се исплатени 18.173 милиони евра за 119.132 работници и во јуни кон 18.173 компании се исплатени 23 милиони евра за 101.594 работници.
По завршувањето на изборите и формирањето на старо-новата Влада, Собранието усвои Закон за финансиска поддршка на работодавачите погодени од ковид-кризата за исплата на плати на работници за месеците октомври, ноември и декември. Според информациите со кои располагаме, во октомври на 12.598 компании им се исплатени 15,6 милиони евра, додека во ноември на 13,015 компании им се исплатени 16,5 милиони евра од буџетот за плати на вработените. Не се достапни расположиви податоци за досегашната динамика за тековниот декември.
Оттука, за досега 5 заокружени од вкупно 6 опфатени месеци за таканаречено субвенционирање на платите на работниците, исплатени се вкупно 111,6 милиони евра преку вкупно 83.614 трасфери, при што треба да се има во предвид дека бројот на трансфери не одговара на бројот на компании, бидејќи многу компании се корисници на оваа мерка повеќе од еден месец. Притоа, 342 компании во месеците април, мај, јуни и октомври земале буџетски пари, но не ја исполниле законската обврска да им исплатат плати на нивните вработените. Се уште не се обработени податоците за ноември.
ЧЕТИРИ КОМПАНИИ НЕ ДАЛЕ ПЛАТА 3 МЕСЕЦИ, А 28 ФИРМИ ДВА МЕСЕЦИ
Од ажурираните списоци што ги објави владиниот Генерален секретаријат, преку кој впрочем се реализираат исплатите на државната помош, произлегува дека обврската за исплата на плати на работниците од средствата добиени како државна помош во април не ја исполниле 55 компании, во мај не ја исполниле 48 компании, додека во јуни не ја исполниле 82 компании. Патем, анализата на објавените листи во овие 3 месеци покажува дека 28 компании не ја исполниле оваа обврска во два од трите месеци, додека 4 компании тоа го сториле во сите 3 месеци.
Во таа смисла, за најголеми, условно кажано, прекршители во периодот април-јуни важат друштвото за угостителство „Коцеви-ТТ“, слаткарницата„Фура Арена Скопје“, градежната компанија „Бедр Гроуп“ и фирмата за подготвување и послужување пијаоци „Сикрет Сектор“, кои сите три месеци не исплатиле плати од парите добиени за таа цел. Пресметките што ги извршиме покажуваат дека станува збор за средства во вкупен износ од 362.500 денари, колку што овие 4 компании добиле од буџетот за април, мај и јуни.
Меѓу фирмите кои тоа не го сториле два од овие три месеци пак се: „Елком Трејд“, „Ботра Шпед“, „Бета Авенија“, „Рен А Кар Тони“, „Мели Електро“, „Јоже Шпед“, „Трокадеро Плус, Дра-„Пет, Нафака“, „Е-27 Кафе“, „Епицентар Груп“, „Автокозметика Путин“, „Бле-Конт“, „Зендељи 2015“, „Коннект 2016“, „Перпарим“, „Мај-Веј“, „Нјам-Нјам“, „Балтан Стар“, „Сам-М ЛТД“, „Те Баца Љек“, „Белисимо Рекордс“, „Или Етиљен“, „Кај Томбе“, „Шуготенши“, „Сеиа“…
На крајот, во оваа група влегуваат и две меѓусебно поврзани компании. Една од нив е друштвото за товарен транспорт „Рувиен“, чиј сопственик и управител, според податоците од Централниот регистар, истовремено се јавува и како прокурист во уште една компанија за товарен патен транспорт – „Зоц-Транс“. И двете компании не ги исплатиле парите во износ од вкупно 72.500 денари, што ги добиле од буџетот за исплати кон вработените во мај и јуни.
Инаку, ниту една од компаниите што присвоиле средства во април, мај и јуни ја нема на најновиот список за октомври, каде се наоѓаат вкупно 179 фирми, чии газди ја оштетиле државата за 85.000 евра и не исплатиле плата на околу 340 вработени. Така, најголемиот износ од 4.500 евра го добила фирмата „ДА-МА-ДА“ од Скопје за служење на храна од Скопје, која парите требало да ги исплати на 13 вработени. Потоа следува битолската градежна компанија „Орис“, која за 12 вработените требала да исплати 3.700 евра, но не го сторила тоа. Итн.
ОПОМЕНИ И БЛОКИРАНИ ТРАНСАКЦИСКИ СМЕТКИ ЗА ПРЕКРШИТЕЛИТЕ
Од УЈП велат дека постапуваат согласно нивните законски овластувања според Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и Законот за даночна постапка. Во таа насока, од Управата посочуваат дека започнале постапки на присилна наплата од парични средства (блокади на трансакциска сметка) кон работодавачите кои не исплатиле плата за месеците април, мај и јуни 2020 година. За оние што не исплатиле плата за октомври, додаваат од таму, доставени се опомени за неплатен долг и ќе започнат постапки на присилна наплата, доколку должниците не го платат долгот во рокот од опомената.
„Исто така, кај работодавачите кои примиле износ на финансиска поддршка, а не ја исплатиле платата на работниците, започнуваме со вршење на детални контроли, по сите видови на даноци, а истите ги координираме со Државниот инспекторат за труд. Во претходниот период, работевме на продлабочување на соработката со Инспекторатот. И покрај овие контроли за финансиската поддршка, ќе следи и инспекциски надзор кај компаниите кои исплатиле плата пониска од минималната, согласно со закон“, објаснуваат од УЈП.
Од таму посочуваат дека за други механизми кои може да се употребат или се употребуваат врз овие работодавачи да се обратиме до Генералниот секретаријат на Владата. Од таму, пак, велат дека како носители на мерката и исплатувач на поддршката се во постојана со другите органи. И од Илинденска велат дека доставени се опомени за неисплатена плата и дека започната е постапка за присилна наплата на платите, но воедно укажуваат и на законски предвидените глоби.
„Во Закон за финансиска поддршка предвидено е изрекување на глоба за направен прекршок во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност на микро правно лице, од 500 до 2.000 евра во денарска противвредност на мало правно лице, од 1.000 до 6.000 евра во денарска противвредност за средно правно лице и од 1.000 до 10.000 евра во денарска противвредност на големо правно лице. До компаниите кои добија финансиска поддршка, а не ја исплатија платата за месеците април, мај и јуни 2020 година, е спроведена присилна наплата заради неисплатена плата“, стои во одговорот што го добивме од Владата.
Исто така, од таму истакнуваат дека листата на работодавачите кои не ја исполниле обврската за исплата на плати за вработените е објавена и е предадена на Основното јавно обвинителство, кое веќе постапува. Меѓутоа, од ЈО не можат да изнесуваат детали бидејќи предметот е во предистражна постапка. Единствено, од обвинителството велат дека надлежен обвинител „ги прибира и ги анализира неопходните материјални докази за расветлување на наводите од кривичните пријави“.
ЕКСПЕРТИТЕ БАРААТ ПОЕФИКАСНИ МЕРКИ ОД НАДЛЕЖНИТЕ ОРГАНИ
Вања Михајлова, експерт за антикорупција, смета дека односот на компаниите кои државната помош наменета за вработените ја земале за себе зборува за целосно отсуство на морал и одговорност кон своите вработени, особено, како што потенцира, поради загрозување на нивната егзистенција и здравје во услови на пандемија. Таа вели дека освен осуда од јавноста, потребно е и преземање на промптни и ефикасни мерки од надлежните органи после јавното објавување на имињата на фирмите кои ја злоупотребиле државната помош за свои лични потреби.
-Со оглед дека се работи за присвојување на парични средства наменети за други субјекти – за нивните вработени, извршени се неколку кривични дела, па оттука е неопходна брза реакција на надлежните органи, пред се МВР и Јавното обвинителство да покренат постапка за кривична одговорност. Одолговлекувањето на преземање на мерки на одговорност што се оправдува со „прибирање на податоци“ ги охрабрува неодговорните фирми да продолжат со ваквите незаконски постапки и создавање на клима на толеранција – смета Михајлова, апелирајќи ЈО под итно да даде приоритет на ваквите предмети.
Воедно, Михајлова посочува дека во вакви случаи исклучително значајна е и улогата на медиумите. Според неа, медиумите треба да дадат придонес за спречување и санкционирање на ваквите злоупотреби со јавно објавување на имињата на фирмите. Истовремено, порачува поранешната членка на Антикорупциската комисија, медиумите континуирано да бараат од надлежните органи да преземат мерки за нивно санкционирање и практично функционирање на владеење на правото.
Во тој контекст, Кривичниот законик пропишува кривично делот „Повреда на правата од работен однос“, кое настапува кога не постои придржување кон закон или друг пропис за засновање или престанок на работниот однос, за одмор или отсуството, како и при исплата на плата и надоместоци. Во рамки на ова кривично дело, се предвидува и казна затвор до една година. Воедно, постојат индиции и за потенцијално прекршени други кривични дела кои забрануваат злоупотреба и послужување на субвенција спротивно на условите за кои е доделена.
Сепак, се чини дека во овој случај постои и класична злоупотреба на службена положба, имајќи во предвид дека под службени лица спаѓаат и одговорните лица во приватни компании. Според Член 353 од КЗ, службено лице кое со искористување на својата службена положба или овластување, со пречекорување на границите на своето службено овластување или со неизвршување на својата службена должност ќе прибави за себе или за друг некаква корист или на друг ќе му нанесе штета, ќе се казни со затвор од шест месеци до три години.
ИМА ЛИ ОДГОВОРНОСТ КАЈ ИНСТИТУЦИИТЕ
Додека се прават ,,ѕидови на срамот“ за оние компании не дале средства на вработените, се отвора и прашањето за одговорноста на оние кои ги доделуваат средствата на самите компании, особено ако се има во предвид дека триесетина компании два или трипати добиле државна помош за време на првите три месеци од спроведувањето на мерката – април, мај и јуни, но не поделиле плата. Тоа значи дека откако еднаш веќе ја злоупотребиле државната помош, тие повторно аплицирале во наведениот период и добиле субвенции.
Ниту една од овие фирми ја нема во најновиот извештај за октомври, но сепак, во исчекување на листите за ноември и декември, се поставува прашањето дали овде има одговорност и кај Владата, и како е можно да се дозволи да и се случи злоупотреба на државната помош? Од таму тврдат дека сите компании кои ги исполниле критериумите, можеле да аплицираат за државната помош за плати за работниците.
„Оние што добија државна помош, а не исплатија минимална плата на работниците, ќе одговараат пред законот. Нивните имиња се објавени, а листата е предадена на Основното јавно обвинителство“, уверуваат од Владата, упатувајќи кон компаниите како единствено одговорни за злоупотребата на буџетски средства.
Овој случај уште еднаш ги покажува можностите за злоупотреби кога се делат субвенции и финансиска помош без соодветен мониторинг, велат познавачите. Според нив, надлежните органи мора експресно да реагираат за да не охрабрат вакво незаконито однесување. На тој начин, истакнуваат тие, ќе се спречи во извештаите што допрва ќе бидат објавени за ноември и декември повторно да се појават исти фирми од октомвриската листа.
Автори: Влатко Стојановски и Кристина Озимец
Овој текст е изработен во рамки на проектот „Антикорупциски политики и ризици во време на вонредна состојба“, грант на Здружение ИМПЕТУС, спроведуван од Транспарентност Македонија, а е финансиран од ЕУ. Содржината на објавениот материјал е единствена одговорност на авторите и на никаков начин не ги одразува гледиштата на ЕУ.