[Интервју] Ангел Димитриевски: Сакаме да имаме образование кое ќе промовира и практикува еднаквост

0
284

Ангел Димитриевски е младински работник и програмски координатор во Здружението за едукативен развој, Еквалис. Тој има магистрирано на одделот за медиумска едукација во Тампере, Финска и после своите студии се враќа и почнува активно да работи во Еквалис со стотици млади ентузијасти. Ангел истовремено е и поборник за човекови права бидејќи кај него тоа се јавува како животна борба и начин на живеење.

Потпретседател сте и основач на Здружението за едукативен развој ЕКВАЛИС – Скопје кои се младинска невладина организација којашто се занимава со едукативен развој, со фокус на теми кои често се истиснати во формалното образование како медиумската писменост, мировното образование, родовата еднаквост, но и подигнување на јавната свест за врсничко насилство. Од каде се роди идејата за оваа организација и која е вашата мисија?

Нашиот мотив да го формираме Еквалис дојде како одговор на неколку млади луѓе на тоа за што се имаме залагано наназад во нашиот активизам. Еквалис го формиравме во 2017 година со желбата да понудиме образование коешто ќе промовира и практикува еднаквост. Една од личните пориви за формирањето на Еквалис е низ нашите активности да креираме безбедни младински простори и можеби подолгорочно да ги инспираме младите да се активни во сопственото општество и секако да не го остават и да му се вратат. Нашата приказна како основачи е дека голем дел од нас заминаа од Македонија да се едуцираат, живеат или работат, но на крајот  се вративме назад и одлучивме дека неуморно ќе се бориме, исправено со предизвиците со коишто младите се соочуваат.

Ја започнавте кампањата „Спас за учебната година” со којашто  покренувате петиција за намалување на наставниот материјал за 70 % во основните и средните училишта кај нас. Какви беа реакцииите на оваа иницијатива и дали наидовте на позитивен одговор?

Оваа кампања и петиција беше започната во март месец- две недели откако отидовме во целосен карантин. Целосно ја иницираа и предводеа млади од нашата едукативна програма за онлајн активизам. Ние како младински работници ги менториравме и водевме низ целиот процес. Беше навистина предизвик и задоволство во најдолгите полициски часови некогаш што му се случиле на светот да се работи со оваа енергична група на млади.

Големите предизвици коишто тогаш клокотеа и се натрупуваа во училиштата се чини дека многу им тежеа на младите. Беше побарано да се скрати материјалот, со многу валидни аргументи како недостатокот на ИТ опрема, менталната состојба на младите, но и општата неспремност на системот да се справи со ситуацијата.

Интересот беше изненадувачки за нас. Петицијата собра над 3500 потписи, постојано ни пишуваа ученици, родители, професори- сите оние засегнати страни што во тој момент се чинеше нема каде да се обратат.

За жал, во тогашната постава на Министерството никој не се согласи ниту да се сретне, нити да ги разгледа нашите барања, иако сега може да видиме дека сите овие барање се аплицирани од оваа учебна година. Но има нешто и во тоа да ги валидизирате напорите на младите луѓе, а не само да преминете преку нив.

Како дејствувате или соработувате со институциите во темите и полињата за коишто се залага Еквалис?

Имаме историја на неуспешни обиди во првите две години на целосна игнорантност од Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Праќавме писма, предлог програми за пилотирање, апели, јавни реакции и никој никогаш не се огласи по нашите барања. Нашиот активистички хор како реакција на овој игнорантски однос во февруари оваа година застана пред вратите на МОН и ја пееше песната “Another Brick in the Wall“ како револт кон тоа дека системот не ги слуша гласовите и потребите на младите.

Сепак, ние во никој момент не се откажавме. Сметам дека нашата работа со млади ќе е комплетна само ако институциите соработуваат со нас. Нив им е од корист да ја искористат нашата експертиза, да ги слушнат младите преку нас и да креираат образование по нивна мерка- затоа што искуствата кажуваат дека младите многу повеќе веруваат во третите алтнернативни просотри за едукација и нема да е фер кон нив да не ги претставуваме на едно повисоко ниво.

Во моментов сме вклучени во работна група во МОН и предлагаме програма за служба на заедницата во формалното образование со фокус на средните училишта. Се стремиме кон тоа учениците да станат активни чинители во своето општество, да ја запознаат својата заедница, да и помогнат и притоа да стекнат многу универзални позитивни вредности како емпатија, солидаризација со маргинализираните заедници и активизам. Очекуваме оваа програма интензивно да ја развиваме во наредната година.

Деновиве се актуелни најавите за реформи во образованието, кои предизвикаа доста реакции во јавноста, особено за предметот историја. Се споменуваше Финска како модел, за што вие коментиравте дека постојат еден куп големи културолошки, општествени разлики коишто нашиот систем не може да ги реплицира од тој систем, па и обратно.

Финската концепција на образование е една од подобрите и таа е дури и извезувана како модел во други држави. Постојат смерови на финските универзитети за експортирање на финските наставни модели и јас за ова научив всушност додека бев на студии во Финска. Потребно е точно да знаат нашите креатори на политики, дека не можеме концепциите до крај да ги преземеме онака како што се таму. Секое пренесување на наставен модел треба да ги има предвид и локалните контексти. Децата во Финска учат за работи целосно насочени кон иднината. Кодирањето е во многу голем фокус уште во најрана возраст. Образованието е целосно насочено кон иднината. Од друга страна, ние периодов гледаме како нашето образование се мачи со големи проблеми во поглед на содржината на учебниците и дискриминаторските содржини. Финскиот модел одамна има расчистено со тоа. Препорачувам да почнеме од таму.

 „Еквалис” пред пандемијата ги понуди своите простории на бесплатно користење од страна на помалите организации, кои немаат свој простор  за да им помогне на младите кои имаат идеја и сакаат да променат нешто во општеството. Каков беше одзивот и дали сметате дека иницијативите од ваков тип придонесуваат за поголема активација за подобрување на  можностите во  образовниот процес?

Имаше одличен одзив на ова и многу позитивни реакции. Пред се нашиот фокус на давање на просториите беше кон организации во развој или неформални движења. Повеќе протестни движења ги користеа нашите простории за подготовка на свои транспаренти, неформални групи коишто снимаа свои кампањи и помлади организации. Разбираме што значи да растеш и да се оформуваш како организација, знаеме што значи да немаш сопствен простор бидејќи и самите поминавме низ тоа. Ова е само малку што може да направиме за активизмот во нашата држава.

Инаку, иако овој повик важеше за нашите физички простории, сепак сега бесплатно го даваме на користење и нашиот виртуелен простор односно нашите Зум акаунти и повторно организациите ги користат овие можности.

Спроведовте и  Младинската програма за „Родова и ЛГБТ+ стигматизација”  за сите средношколци околу разликите меѓу полот и родот, како и поделбата на типично „машки” и типично „женски” професии. На што се фокусира вашата работа на овие теми?

Ова е една од нашите стратегиски области во којашто дејствуваме. Имаме годишна програма којашто ја спроведуваме секоја година со рзличен пристап и се нарекува “What’s Gender Got to Do With It“?. Минатата година тоа беше со средношколци коишто креираа весник за темите поврзани со родова еднаквост и еднаквост на ЛГБТ+ заедницата- претходен со доста интензивен процес на едукација за овие теми. Силно се залагаме за едукација како превенција кон родово базирано насилство или ЛГБТ+ насилство. Нашата организација е и место каде што членуваат припадници на ЛГБТ+ заедницата и жени и претставува безбеден простор којшто самите млади го креират, за жал во недостатокот на вистински физички безбедни простори.

Оваа година програмата ја спроведуваме како женска програма за феминистичка слем поезија. Програмата моментално е во тек , а наскоро ќе може да се видат и плодовите од веќе тримесечната работа на нашите социјални мрежи.

Еквалис работи со доста млади луѓе и често освен на човековите права, имате разни проекти посветени и на медиумската писменост. Колку кај нас младите имаат интерес за медиумската писменост и дали сметате дека имаат знаења на овие теми?

Медиумската писменост е многу важна област за нас особено кога работиме. Има интерес за нашите програми за медиумска писменост. Во однос на знаења, сметам дека има познавање на одредени  теми, но тоа многу пати е несвесно. Многу од младите знаат што се clickbaits, ама потребна е корелација од перспектива на медиумската писменост за да се преиспита зошто медиумите создаваат clickbait содржина.

Исклучително сме флексибилни, креаитивни и сакаме да креираме содржина во дигиталните средини каде што престојуваат младите. Пред некое време спроведовме цела програма базирана на користење Инстаграм алатки. Многу е важно истовремено програмите да се едукативни, но на крајот и интересни за младите, затоа што само така ќе останат ангажирани.

Често говорите јавно за предизвиците на животот со епилепсија. Каква е борбата на луѓето со ваква состојба во земја како нашата? Кои се најголемите проблеми и предизвици?

Ова е мојата лична приказна и борба којашто ме има зајакнато за многу работи. Не е поврзано со организацијата во којашто работам, но ме препознаваат по тоа што гласно говорам за овие теми. Проблемите и предизвиците се секогаш тука кога припаѓате на одредена маргинализирана заедница. Особено кога имате невидлива попреченост како мојата. Сепак, сметам дека и во оваа мака ме има направен поотворен и посензибилизиран за многу други прашања.

Автор: Маја Терзиова

Текстот е дел од Програмата за менторска поддршка на млади новинари на ПИНА поддржана од Civil Rights Defenders.