Предизвиците на жените Ромки во време на пандемија

0
259

Немањето пристап до достојна формална работа, електронски уреди за следење настава на далечина, инфраструктура, средства за хигиена, недостиг од гинеколошки услуги, но и матични лекари ја прави дел од ромската заедница најпогодена од кризата предизвикана од ковид-19, а воедно ова се и главните проблеми кои беа посочени на „Кафе муабет“ настанот на Zoom, насловен „Предизвиците на жените Ромки за време на пандемија“, кој го реализираше коалицијата „Khetane“, а е имплементиран од Регионална Ромска Образовна Младинска Асоцијација РРОМА.

Припаднички на ромската заедница – активистки, актерка, бизнисменка, односно Ромки со различни профили на работа, зборуваа за нивните искуства и видувања од нивните секојдневија, односно кои се предизвиците на жената Ромка за време на пандемија.

Tие истакнаа дека не очекуваат Владата за време на кризата да ги реши сите постојани проблеми на ромската заедница, но во услови кога здравјето и егзистенцијалните потреби им се загрозени, потенцираа дека потребна е насочена акција и активност кон олеснување на овие состојби.

„Економските и социјалните мерки на Владата може само на краток рок и делумно да им го олеснат животот на овие луѓе, но нема да им го решат проблемот по завршувањето на оваа состојба, ситуацијата со вирусот ја засега целата држава и покрај фактот што голем дел од населението економски зависат од мерките и бенефициите што се кројат во време на вонредна состојба“, вели Фатма Бајрам Аземовска од „Кетане“, модераторка на настанот.

Живеењето на прагот на сиромаштијата заедно со коронакризата го влоши и така лошиот пристап до здравство на Ромите. На настанот се истакна дека е потребно да се најде трајно решение и да се реши проблемот со недостиг на матични лекари во Шуто Оризари, како и да се подигне свесноста кај здравствени работници во однос на третманот кон припадниците на ромската заедница, особено кон жени
Ромки.

– Потребно е темелно да се истражат сите спорни случаи во однос на третманот особено во време на пандемијата, истакна Фатма Бајрам од „Кетане“.

Санела Емин – актерка и советничка во општина Шуто Оризари соопшти дека конечно, после долго време, на жените Ромки ќе им се обезбеди едно од основните права на жената – пристап до гинеколошки услуги. Таа вели дека од први јануари конечно ќе биде обезбеден гинеколог таму.

На настанот беше донесен и заклучок дека треба да се обезбеди бесплатен пристап до маски и хигиенски средства за сите социјално ранливи Роми, да се подобри пристапноста до здравствените институции вклучително и преку подобрување на инфраструктурата – во поглед на пристап до вода, канализација, асфалтирани патишта и болници кои што не се на задоволително ниво во многу ромски населби ширум државата.

Одлуката за настава од далечина во време на пандемијата , особено влијае врз образованието на Ромите, истакнаа гостинките на настанот.

-Потребна е електрична енергија, компјутер, интернет, а во голема мера Ромите ги немаат тие услови, па пандемијата многу се одрази врз формалното образование кај нив, вели Фатма од „Кетане“.

Не може една жена Ромка која никогаш не користела компјутер да му помогне на своето дете при учењето – истакнуваат тие.

„Покрај тоа огромен проблем е што девојчињата во ромските заедници се уште се ставаат во втор ред, во поглед на образование, но и општо“, потенцираше Салија Бекир, активстка за репродуктивни права на жени. Таа вели дека се уште се фаворизираат машките деца во ромските семејства иако постојано се разговара со младите мајки и родилки во насока да се искоренат овие мислења.

Амиде Шакири – наставничка, во основно училиште во Шуто Оризари, на ученици од второ одделение кои имаат настава со физичко присуство, вели дека многу од родителите не ги пуштаат своите деца во училиште, бидејќи се исплашени од вирусот, но од друга страна пак, не можат да им обезбедат онлајн настава и со тоа го спречуваат образовниот процес кај децата.

На настанот беше посочено Владата да направи напори и да обезбеди основни електронски уреди и пристап до интернет за секое дете, да се осмислат и спроведат програми за поддршка на Ромите родители да можат тие да ги поддржат децата во процесот на образование, и да се мотивираат родителите за сè поголема посетеност на училиштата, дури и во време на ковид-19.

Една од препораките во поглед на образованието беше и неопходноста да се намали јазот на писменоста помеѓу ромското и неромското население, преку насочени политики и програми за поттикнување на образованието на ромската заедница.

Правото на достојна работа е уште еден од многубројните проблеми, кој беше потенциран на овој онлајн настан. Жените Ромки, гостинки на настанот посочија за итноста Влада да креира политики за Ромите вклучени во неформална работа имајќи предвид дека тие придонесуваат кон почиста еколошка средина.

Тие бараат мерки за вработување на ромската заедница и насочени политики за жената Ромка со цел намалување на јазот во однос на вработеноста, односно вклучување на Ромката на пазарот на трудот, како и потреба од подзаконски акти за примена на законот за неевидентираните лица во матичната книга на родени.

Настанот беше организиран со цел подобрување на политики за Ромите и нивната интеграција, социјална инклузија, недискриминација, меѓуетнички дијалог, социоекономски развој и граѓански права, но и за да ги охрабрат жените Ромки, давајќи им видливост и важност на нивните улоги и придонеси во нашето општество.

Љубица Иванова