Ѓорѓи Лазаревски, кој заедно со колегата Звонко Костовски од УБК ги извади нелегално прислушуваните материјали во Македонија кои подоцна станаа популарно познати како „бомби“ кои потоа претседателот на СДСМ, Зоран Заев ги објавуваше во јавноста, беше гостин на првиот Истражувачки филмски фестивал – Скопје, како дел од дебатата посветена на укажувачите. Тој помина 11 месеци во притвор од кои 10 во самица поради неприфаќање на спогодба со обвинителството и е буквално е познат како свиркачот кој помогна да се промени репресивната влада на Никола Груевски и еден од најзаслужните за промените кои настапија потоа. Во продолжение на ПИНА, интегрално го објавуваме неговиот говор наменет за фестивалот:
Искрено речено, пред десет години не знаев многу за „свиркачите“, а и сега сѐ уште не ја знам точната дефиниција, но сум навистина горд што бев поканет на дебатата на Истражувачкиот филмски фестивал како укажувач.
Не знам дали укажувачите може да го променат текот на историјата, но сигурен сум дека може да остават силен печат во општеството. Сведоци сме на промените што настанаа во Македонија по објавувањето на „бомбите“ пред две и пол години. Никогаш нема со сигурност да знаеме дали тоа се должи на неколкумина луѓе кои истапија, или пак на македонското општество во целост кое созревајќи природно почна да се преобразува. Ниту една состојба во едно оштество не може да трае вечно, порано или подоцна нештата се менуваат, а јас сум сигурен дека македонскиот народ заслужено се избори за промени на подобро. Се надевам дека „бомбите“ го потпомогнаа тоа.
Луѓето се преоптоварени со свои проблеми и не можат веднаш да ги забележат девијациите во општеството. Кога ќе почнат да ги препознаваат, веќе е предоцна. На граѓаните им е потребно нешто да ги освести, но кога конечно ќе ги отворат очите и мислите, тогаш самите преземаат акција што ќе ги промени состојбите. Верувам дека „свиркачите“ се оние што го огласуваат алармот, но вистинската моќ лежи во народот, во граѓаните.
Македонското општество нема многу искуство со укажувачи, не затоа што досега ги немало, туку затоа што нашата држава немала начин да ги прифати и заштити. Верувам дека многу добри луѓе кои сакале да ја информираат јавноста за престапите што ги посведочиле, биле замолчувани или игнорирани. Се надевам дека оваа дебата ќе придонесе да се создадат поволни услови за секој кој ќе размислува да пријави неморални и нелегални активности, да може да го направи тоа без да се доведе себе и своето семејство во опасност.
Зборувајќи за мојот случај, зошто го направив тоа што го направив, одговорот е дека се чувствував обврзан. Не само што бев професионално деградиран на пониска позиција и етикетиран дека не сум патриот, забележав и низа активности кои ме уверија дека оние што раководат со мојата институција ја злоупотребуваат својата моќ и ги кршат законите. Бев обврзан некако да им се спротивставам, чувствувајќи дека ако пасивно ја прифатам таа состојба и самиот станувам соучесник.
Бев свесен за ризиците како за мене, така и за моето семејство. Но, мојата возраст, моето искуство и мојата репутација не ми дозволуваа да останам пасивен набљудувач. Забележав непотизам, мобинг, професионалци заменети со почетници, луѓе принудени да се повлечат или да ги прифатат понижувањата, кодоши кои ги поткажуваа колегите, приватизација на институцијата. Видов показатели за корупција и докази за нелегални активности што едноставно не можев да ги игнорирам.
Започнав да собирам докази, одлучив да дадам отказ за да ги заштитам доказните материјали, пријавив до одговорните за нелегалните дејства што сум ги посведочил, неправедно обвинет завршив во притвор, ми го испревртеа целиот живот, моето семејство живееше во постојан страв, ги изгубив приходите и пензијата, а сега се соочувам со несигурна иднина. Но, ако ме прашате дали повторно би го направил истото, одговорот е – да. Вредеше!
Мислењата и ставовите во рубриката „Колумни“ на pina.mk целосно им припаѓаат исклучиво на авторите и тие може но и не мора да ја рефлектираат уредувачката политика на pina.mk или позициите на организацијата ПИНА. ПИНА не секогаш се согласува целосно со ставовите изнесени од страна на авторите на колумните.