Најмалку 120 лица во Владата и во министерствата работат односи со јавност, пиар и комуникации, покажуваат податоците што „Макфакс“ ги доби од институциите преку барања за слободен пристап до информациите.
Бројот на лицата што работат односи со јавност и комуникации во министерствата и Владата е зголемен за најмалку 18 лица од лани, објави „Макфакс“.
Според истражувањето на агенцијата, платите и хонорарите на вработените што работат односи со јавност во Владата и министерствата ги чинат граѓаните најмалку 690 илјади евра годишно, покажуваат податоците за 2016. Иако сè уште е рано да се спореди сумата потрошена за годинава, која не е завршена, дека пиарот, освен на претходната, ѝ е важен и на новата Влада, говорат бројките на вработените во одделите за односи со јавност, кои и годинава остануваат слични, а некаде има и дополнителни вработувања.
„Оваа бројка е најверојатно и поголема затоа што кога направивме повторна проверка, дознавме дека некои институции ни доставиле нецелосни информации или, пак, имаат вработени што работат односи со јавност, но технички нивните работни места се заведени со други имиња. Некои од служениците, пак, работат пиар и односи со јавност, но имаат и други работни задачи, па се водат како да се вработени во друг сектор.
„Макфакс“ поднесе барања за слободни информации до 15-те министерства и Владата за тоа колку лица имаат што работат односи со јавност и комуникации. Поради тоа што дел од барањата беше одговорен нецелосно, некои од информациите потоа со дополнителни проверки ги добивме и во контакт со портпаролите на институциите или од други извори. Информации од Владата добивме и за некои од вработените што работат односи со јавност кај министрите без ресор и потпретседателите на Владата“, се вели во истражувањето.
Најмногу вработени што работат односи со јавност и комуникации и информирање има во Владата, каде што најмалку 40 лица работат односи со јавност и комуникации. Во 2017 тие во секторот за односи со јавност дополнително вработиле 25 лица ангажирани со авторски договор, како и еден портпарол и еден посебен советник за односи со јавност во кабинетот на претседателот на Владата.
Во владата во 2016 година во Секторот за односи со јавност имало 17 вработени како државни службеници под генералниот Секретаријат и дополнителни 13 вработени лица и 2 портпарола на владата, кои биле задолжени за односи со јавноста директно во Кабинетот на претседателот на Владата или вкупно 32 лица. Вторите 13 лица, како и двата портпарола, веќе не се вработени во Владата.
Од 17-те државни службеници, четворица не се веќе во тој сектор, но 13 лица, се сè уште вработени во секторот за информирање што значи дека заедно со нововработените во Секторот за односи со јавноста, бројката е најмалку 40 лица.
Првиот дел од истражувањето на Макфакс прочитајте го на следниот линк.