Почетна Анализи Младите во Радовиш ја препознаваат важноста на проверката на информации, но медиумската...

Младите во Радовиш ја препознаваат важноста на проверката на информации, но медиумската писменост останува предизвик

0
27
Фото: Compare Fibre on Unsplash

Во време кога социјалните мрежи се главен извор на информации за голем дел од младите, а лажните вести и дезинформациите се шират со голема брзина, медиумската писменост станува неопходна вештина. Способноста да се препознае веродостојна информација, да се провери нејзиниот извор и критички да се анализира содржината е клучна за правилно информирање.

За овој поим најчесто се зборува генерално во сите средини, но каква е состојбата во помалите средини како Радовиш? Разговаравме со средношколци и млади за тоа колку тие сметаат дека се медиумски писмени, дали и колку често ги проверуваат информациите што ги читаат на интернет и социјалните мрежи, дали некогаш биле жртви на лажни вести и како се справуваат со дезинформациите во секојдневниот живот.

Средношколката Михаела од Радовиш смета дека медиумската писменост е вештина за користење на медиумите.

„Медиумска писменост е нешто што ни овозможува да ја разбереме и процениме информацијата која ја примаме на социјалните мрежи, телевизија и слично “, вели Михаела.

Кога ќе се соочи со информација во која не е сигурна, таа најчесто проверува кај луѓе на кои им верува.

„Најчесто прашувам личности што знам дека можеби знаат. Ако има нешто што може да ме убеди во тоа, тогаш ќе поверувам, иако можеби на почетокот не би ѝ поверувала на информацијата“, додава таа.

Според Ивана, медиумската писменост пред сè значи способност да се препознаат точните и неточните информации што се објавуваат на интернет.

„Медиумска писменост претставува препознавање на интернет информациите, дали се точни или не, односно да знаеме да разликуваме што е вистинито, а што не“, вели Ивана.

Таа посочува дека информациите најчесто ги проверува преку споредување на повеќе извори и ги проверува преку отворање на други страници.

„Не сум била жртва на лажни вести, затоа што секогаш проверувам и на други страници“, истакнува Ивана.

На прашањето дали смета дека младите денес се доволно медиумски писмени, Ивана вели дека има простор за подобрување.

„Можеби, но мислам дека не сите млади доволно ги проверуваат информациите пред да им поверуваат. Затоа е важно секогаш да се споредуваат повеќе извори и да не се верува веднаш на сè што ќе се објави на социјалните мрежи“, смета таа.

Средношколката Елена смета дека медиумската писменост е особено важна и за помладите генерации.

„Можеби најмногу им е потребна на помалите од нас, бидејќи полесно можат да поверуваат во неточни информации. Затоа мислам дека медиумската писменост ни е навистина потребна. Има неколку начини како да дознаеме дали информацијата е точна, да ја провериме датата кога е објавена, да видиме кој ја напишал или да го прегледаме профилот од кој е објавена“, објаснува таа.

Студентот Стефан смета дека лично е доволно медиумски писмен и предупредува дека повозрасните граѓани се многу поизложени на дезинформации на социјалните мрежи.

„Јас лично мислам дека сум медиумски писмен, но многу повозрасни луѓе се изложени на социјалните мрежи без претходно да имаат свесност како функционираат и зошто одредени содржини стануваат вирални. Голем дел од објавите што ги гледаат се политички пропаганди, па затоа мислам дека токму повозрасните треба да бидат медиумски писмени“, вели тој.

Кога се информира, најмногу им верува на независни новинари и извори што со текот на времето ја стекнале неговата доверба.

„Следам новинари во кои имам голема доверба, главно независни извори. Мислам дека веќе имам изградено чувство за препознавање на веродостојни информации, бидејќи секојдневно сум на интернет“, вели студентот.

Сличен став има и Звонко кој смета дека медиумската писменост е особено важна за повозрасните генерации, бидејќи тие сè почесто користат социјални мрежи, а не секогаш знаат како да ги препознаат неточните информации.

„Дефинитивно е потребна медиумска писменост, а посебно таква едукација им треба на постарите генерации кои користат социјални мрежи. Голем дел од нив веруваат буквално на сè што ќе видат на социјалните мрежи. Особено загрижуваат објавите со вештачка интелегенција каде не можат да препознаат дали некој навистина го рекол тоа или не “, вели Кикиреков.

Медиумската писменост станува сè поважен дел од образованието на младите

Во време кога младите секојдневно се изложени на огромен број информации од интернет и социјалните мрежи, медиумската писменост станува неопходна алатка за препознавање на лажните вести и критичко анализирање на содржините. Според професорката по англиски јазик во СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш, Катерина Сусинова, учениците денес сè повеќе се запознаваат со овој концепт и преку наставата и преку различни образовни проекти.

„Во денешно време, кога сме претрупани со вести од најразлични извори, најмногу од интернет и социјалните мрежи, терминот медиумска писменост често го слушаме и во училиштето и надвор од него. Потребно е учениците да бидат запознаени со тој термин, бидејќи тој е неизбежен и главен дел од процесот на препознавање лажни вести“, вели Сусинова.

Катерина Сусинова, професорка по англиски јазик во СОУ „Коста Сусинов“ – Радовиш

Таа објаснува дека во СОУ „Коста Сусинов“ учениците стекнуваат знаења за медиумската писменост преку повеќе наставни предмети.

„Во нашето училиште учениците во главно учат и знаат за медиумската писменост преку предметите мајчин јазик како што се македонски и турски, како и преку странските јазици англиски и германски, бидејќи во нив има содржини што ја обработуваат темата медиумска писменост“, истакнува професорката Сусинова.

Професорката Сусинова вели дека училиштето во изминатите години активно работело на унапредување на медиумската писменост кај учениците преку домашни и меѓународни проекти.

„Нашето училиште во изминатите неколку години беше вклучено во проекти кои ставаа акцент на медиумската писменост. Преку нив учениците учествуваа на едукативни работилници, настани и посети на медиумски куќи, со што подетално се запознаа со темата медиумска писменост“, вели Сусинова.

Таа посочува дека еден од позначајните проекти бил BRAVE, реализиран во 2023 година преку програмата Global Teacher Grant, под нејзино раководство.

„Проектот траеше едно полугодие, од февруари до јуни 2023 година, и опфати пет работилници со различни теми, од кои една беше посветена на медиумската писменост. Во него учествуваа 25 ученици“, објаснува Сусинова.

Како особено значаен го издвојува и меѓународниот проект „To be or not to be Media Literate!“, кој бил целосно посветен на медиумската писменост.

„Проектот го реализиравме во соработка со училиштето „Петро Кузмјак“ од Руски Крстур, Србија, преку програмата „RYCO Super Schools“. Се реализираше шест месеци, од ноември 2024 до април 2025 година, а во него беа вклучени по 12 ученици од двете училишта, односно вкупно 24 ученици“, истакнува Сусинова.

Според неа, учениците најдобро ги совладуваат принципите на медиумската писменост кога, покрај теоретските знаења, имаат можност и практично да ги применуваат.

„Во рамки на проектот BRAVE учениците се запознаа со значењето на терминот медиумска писменост, со причините поради кои се шират лажни вести, како да ги препознаат дезинформациите и на кои начини можат да ги проверуваат фактите пред да поверуваат во некоја информација“, вели Сусинова.

Таа објаснува дека знаењата биле пренесувани преку интерактивни методи, наместо само преку класични предавања.

„Преку разновидни игри и активности, како глув телефон, играње улоги, анализа на реклами и дискусии, учениците имаа можност подобро да разберат колку е важна медиумската писменост и зошто секој треба критички да ги анализира информациите што секојдневно ги добива преку медиумите и социјалните мрежи“, истакнува професорката.

Особено значајно искуство, според неа, било и учеството во меѓународниот проект „To be or not to be Media Literate!“, реализиран со партнерско училиште од Србија.

„Проектот беше целосно посветен на медиумската писменост. Учениците работеа на критичка анализа на вести и извори на информации, новинарска етика, пишување новинарски текстови, креирање радио вести, организирање и снимање подкаст, изработка на едукативни содржини за социјалните мрежи и обработка на теми поврзани со сајбер-булингот“, објаснува таа.

Во рамки на проектот учениците ги посетиле и Радио-телевизија Војводина во Нови Сад, Македонската радио-телевизија во Скопје и Канал 77 во Штип, каде одблиску се запознале со процесот на создавање и проверка на информации.

„Како финален производ учениците изработија онлајн брошура на македонски, српски и англиски јазик, во која самите беа во улога на новинари и известуваа за активностите од проектот. Најважната порака што ја понесоа од сите овие активности е дека секоја вест треба да биде темелно проверена и поткрепена со факти пред да биде објавена, а и публиката секогаш треба дополнително да ја провери пред да ѝ поверува“, нагласува  Сусинова.

Професорката смета дека медиумската писменост треба да биде посебен предмет во образовниот систем, бидејќи младите сè почесто се информираат преку интернет и социјалните мрежи.

„Сметам дека треба да се стави поголем акцент на изучувањето на медиумската писменост како посебен предмет во училиштата, поради сè помасовната употреба на интернетот и социјалните мрежи, кои младите секојдневно ги користат за комуникација и учење. Но, тие треба да бидат свесни дека не е сè што ќе прочитаат или ќе видат на интернет точно“, вели Сусинова.

Според неа, воведувањето на ваков предмет би им помогнало на учениците да развијат критичко размислување и полесно да ги препознаваат дезинформациите.

„Учениците треба да се едуцираат да ги препознаваат вистинските содржини, да разликуваат вистинити од лажни вести и да развиваат вештини за критичко размислување. Токму тоа е целта на изучувањето на медиумската писменост“, нагласува таа.

Дигитално писмени млади не значи и медиумски писмени

Иако младите денес растат со интернет и социјални мрежи, тоа не значи дека се доволно подготвени да ги препознаат дезинформациите и манипулативните содржини, смета комуникологот Бојан Кордалов.

„Младите денес користат дигитални технологии повеќе од која било претходна генерација, но тоа не значи дека автоматски стануваат и медиумски писмени. Често велиме дека тие се раѓаат дигитално писмени, но за жал тоа ги прави повешти во користењето на дигиталните уреди, а не и поотпорни на дезинформации или манипулативни содржини генерирани со вештачка интелигенција“, вели Кордалов.

Бојан Кордалов, комуниколог

Тој посочува дека во земјава постојат бројни позитивни иницијативи кои им помагаат на младите да ги развиваат своите вештини за критичко размислување и проверка на информациите, но нагласува дека медиумската писменост не е нешто што се стекнува еднаш засекогаш.

„Постојат многу позитивни примери и иницијативи кои им овозможуваат на младите да ја унапредуваат оваа животна вештина, но тоа е процес кој никогаш не престанува. Затоа е потребно индивидуално да се надградуваме, да се прилагодуваме и постојано да учиме нови вештини“, истакнува комуникологот Кордалов.

Комуникологот смета дека медиумската писменост денес е една од најважните животни вештини, бидејќи им помага на граѓаните не само да препознаваат лажни вести, туку и да носат информирани одлуки и одговорно да учествуваат во општеството.

„Таа не ни помага само да препознаеме лажна вест, туку првенствено да носиме подобри одлуки, да комуницираме одговорно и инклузивно, како и проактивно да учествуваме и да ги креираме демократските процеси“, вели Кордалов.

Тој предупредува дека брзото ширење на информациите и развојот на вештачката интелигенција дополнително ја зголемуваат потребата од критичко размислување.

„Во време кога информациите се шират за неколку секунди, алгоритмите одредуваат што е актуелно, а вештачката интелигенција може да создаде фотографии, видеа и текстови што на прв поглед изгледаат целосно веродостојно, критичкото размислување станува најсилната заштита што ја имаме“, истакнува тој.

Недоволната медиумска писменост може да има сериозни последици, како за поединците, така и за целото општество.

„Последиците можат да бидат сериозни. Луѓето полесно стануваат жртви на измами, манипулации и говор на омраза, но и свесно или несвесно можат да придонесат за ширење дезинформации и да дадат поддршка за одреден тип на сајбер напади“, вели Кордалов.

Според него, недостигот од медиумска писменост има далекусежни последици и врз функционирањето на општеството.

„На општествено ниво, недостатокот на медиумската писменост директно придонесува за намалување на довербата во институциите, медиумите и науката, ја продлабочува поларизацијата и го отежнува носењето одлуки засновани на факти. Затоа сметам дека медиумската писменост не е само образовно прашање, туку и прашање на зачувување или губење на демократијата, слободата и економијата“, истакнува тој.

Младите најчесто стануваат жртви на дезинформации преку содржини што се шират на дигиталните платформи и социјалните мрежи.

„Најчесто преку консумирање на неадаптирани на возраста или целосно наведувачки онлајн информации кои се шират преку дигиталните платформи. Алгоритмите дополнително го засилуваат тој ефект, бидејќи ни прикажуваат содржини што предизвикуваат силни емоции и реакции, често влијаат врз нашето однесување, создаваат зависност и таканаречени ехо-комори“, вели Кордалов.

Тој посочува дека дополнителен предизвик претставува и сè поголемата употреба на вештачката интелигенција, која овозможува лесно создавање лажни, но уверливи содржини.

„Денес дополнителен предизвик се и фотографиите, видеата и аудиоснимките генерирани со алатки за вештачка интелигенција. Токму затоа, пред да споделиме некоја информација со другите, треба да одвоиме неколку секунди за да ја провериме. Сите, а особено младите, треба да запомнат: во дигиталниот свет брзината е важна, но точноста е уште поважна“, порачува нашиот соговорник.

Медиумската писменост треба да биде дел од секој наставен предмет

За да се подобри медиумската писменост кај младите, потребен е системски пристап што ќе започне уште од најрана возраст, смета комуникологот Кордалов.

„Пред сè, дигиталната и писменоста поврзана со вештачката интелигенција треба да станат составен дел од образованието уште од најрана возраст. Но, не како посебен предмет, туку како дел од буквално секој час и секој наставен предмет“, вели тој.

Тој нагласува дека училиштата не можат сами да ја понесат одговорноста за развивање на овие вештини и дека е потребна поширока општествена вклученост.

„Училиштето не може да биде единствениот фактор во овој процес. Неопходна е заедничка работа на наставниците, родителите, медиумите, институциите, граѓанските организации и самите млади“, истакнува Кордалов.

Иако често се смета дека повозрасните се најранливи на дезинформации, комуникологот оценува дека медиумската писменост е предизвик за сите генерации, но дека секоја возраст бара различен пристап.

„Може да ја поставиме работата така, но подобро би рекол дека станува збор за проблем кој бара различно соочување и различни решенија. Младите најчесто се изложени на огромен број информации преку различни дигитални канали, додека повозрасните често имаат поголема, па дури и некритичка доверба во содржините што ги добиваат преку пораки, групи на апликации за комуникација или од различни профили на социјалните мрежи“, вели Кордалов.

Според него, токму затоа медиумската писменост не треба да биде насочена само кон една возрасна група.

„Медиумската писменост е потребна на сите генерации, но прилагодена на потребите на секоја возрасна група. Денес сите сме ученици во дигиталниот свет, особено со брзиот развој на вештачката интелигенција“, истакнува тој.

Кордалов смета дека општеството треба многу повеќе да вложува во доживотно учење и развој на вештини, наместо само во традиционалните модели на образование.

„Ако сакаме поотпорно и поинформирано општество, тогаш треба да инвестираме во доживотно учење и стекнување вештини, а не само во стандардно образование засновано на меморирање на бројки и податоци, преточено во системот на „училница, креда и табла“, порачува Кордалов.

Состојбата со медиумската писменост во Радовиш, генерално ја одразува сликата за медиумска писменост во сите помали средини. Освен преку проекти, потребен е сеопфатен системски пристап, во кој би биле вклучени бројни чинители и засегнати страни.

Автор: Кристијан Трајчов

Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.

Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.

Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.