Почетна Анализи Повеќето млади во Македонија видоа младински центри само преку спотовите на изборните...

Повеќето млади во Македонија видоа младински центри само преку спотовите на изборните кампањи

Младинските центри, заедно со останатите механизми што треба да ги нуди Законот за млади, се прават со брзина на полжав, покажува анализата на Националниот младински совет. Истражувањето покажува дека општините, иако ги надминаа законските рокови, не се премногу заинтересирани да им понудат на младите сервиси и простори преку кои тие ќе се собираат и одлучуваат за своите потреби, за култура, образование или социјализација.

0
39
Младински центар Битола, Извор: НМСМ

Елена има 17 години и живее во Свети Николе. Сака поезија, да гледа едукативни документарци со нарација од Дејвид Атенборо, да собира стари касети со њу-вејв музика од 80-те, ама сака и да се дружи со врсници и истомисленици. Тоа ѝ е, вели, издувен вентил.

„Знаете ли дека немаме место каде да се собираме со другарите?! Кафулињата и кафеаните не ги сметам за место за собир. Ни треба место каде ќе си пуштаме филмови, каде ќе дискутираме за екологија, технологија или љубов, каде ќе учиме заедно со другарите после школо. Еден соодветен младински центар би ни решил многу проблеми“, вели Елена.

На иста линија е и Маја, 19-годишна девојка од Берово. Ако на времето нејзините родители следеле проекции, излегувале навечер и биле дел од разни социјални и културни собиранки, сега таа тврди дека е лишена од простор за млади.

„Ги слушам политичарите, зборуваат дека младите ја напуштале Македонија. Па, како нема?! Немаме живот после полноќ, ниту пак младински простори. Важно работат коцкарниците и брзите кредити“, вели Маја.

Недостатокот на простор за Елена и Маја требаше да го пополнат младинските центри, предвидени преку Законот за младинско учество и младински политики, познат како Закон за млади. Беше донесен во 2020 година, а преку него секоја општина во Македонија имаше обврска да воспостави и поддржи младински центар со 50% до 70% од неговиот буџет. Општините тоа требаше да го направат во рок од пет години од влегувањето во сила на законот.

Рок истече во јануари 2025 година, a повеќето млади видоа вакви центри само преку спотовите за време на изборните кампањи.

„Во Северна Македонија функционираат вкупно 13 младински центри во Центар, Куманово, Липково, Пробиштип, Велес, Кавадарци, Битола, Струмица, Македонски Брод, Охрид, Боговиње, Новаци и Гостивар, што се нешто повеќе од 16% од општините. Дури има намалување за еден центар во споредба со 2024 година“, соопштуваат од Националниот младински совет (НМСМ), кои правеа извештај за исполнувањето на Законот за млади за 2025 година.

Ане Матеска, програмска менаџерка во НМСМ, објаснува дека и онаму каде ги има, дел од центрите не функционираат целосно според предвидените стандарди, особено кога станува збор за континуирани програми, кадар и ресурси.

„Сликата во суштина не се менува значително од претходните години, имаме нерамномерна развиеност, недоволна поддршка од општините и проблем со одржливост“, нагласува Матеска.

Младински центри согласно законот и стандардите има само во 8 општини, односно 10% од сите во земјата. Дополнително, само 7 од нив имаат програма за работа, а 2 општини не одвоиле средства за активностите на младинскиот центар.

Извор: НМСМ

 

Извршната директорка на Младински образовен форум (МОФ), Ивона Кузмановска објаснува дека центрите не треба да значат само активности, туку локален сервис преку кој младите ќе добиваат пристап до неформално образование, поддршка, информации, менторство, вклучување во заедницата, како и можности за личен и професионален развој.

„Во средини каде што нема многу можности, надвор од нивните секојдневни обврски – училиште и работа – младите најчесто остануваат без стабилна точка каде можат да се организираат, да добијат поддршка за своите идеи, да развиваат вештини и да учествуваат во локалниот живот. Дури тоа да значи и само постоење на физички простор“, посочува Кузмановска.

Младински центар во Гостивар, Извор: НМСМ

Според неа, немањето вакви центри особено ги погодува младите од помалите општини, руралните средини и младите со помалку можности. За нив, вели таа, младинскиот центар често може да биде првата можност за вклучување во активности кон социјалниот капитал.

„Може да се обуки, волонтерство, кариерно насочување, културни и образовни активности, но и платформи преку кои можат да ги искажат своите интереси и потреби. Кога ваков простор во средините во кои делуваат младите не постои, тие уште полесно се исклучуваат од процесите, ја губат довербата во тоа колку институциите се заинтересирани за нив и се сведуваат на пасивни корисници на политики, наместо активни учесници во нивното креирање“, вели Кузмановска.

Младинските центри се само дел од Законот за млади

Кога се зборува за активности, простори и сервиси за младинско учество, токму овие поими требаше да ги поддржи Законот за млади. Сепак, Национално собрание на млади, следствено и Национално советодавно тело за младински политики сè уште не се формирани, а локални младински совети има само во 24 општини (29.63% од општините) што е за 4.94% (4 општини) помалку во споредба со состојбата на почетокот на 2024 година.

Извор: НМСМ

                                                                                                                       

„На локално ниво, состојбата и понатаму е нерамномерна и со бавен напредок. Дел од општините сè уште немаат интерес или капацитет да воспостават младински механизми и сервиси, а трендот на намалување на локалните младински совети низ годините е загрижувачки што укажува на предизвици во нивната одржливост и функционирањето. Дополнително, мал број општини имаат усвоени локални стратегии за млади и акциски планови за истите, а таму каде што постојат механизми, често недостасуваат стабилни ресурси и јасно планирање“, посочува Матеска од НМСМ.

И Кузмановска од МОФ смета дека Законот за млади сè уште се спроведува повеќе формално отколку суштински. Според неа, критична точка е нефункционалноста на механизмите за учество, второ е локалното планирање, а трета е финансирањето.

Извор: НМСМ

„Особено загрижува тоа што мал број општини го издвојуваат законскиот минимум од 0,1% од буџетот за млади, а и таму каде што се наведуваат средства за млади, често во нив се вбројуваат спортски клубови, културни манифестации или општи настани, наместо директна поддршка за младинско учество, младински центри, локални младински совети и младински програми. Според последниот извештај, само 9 општини го издвоиле законскиот минимум, а 13 општини одвоиле средства за конкретни одредби од законот, како центар или локален совет“, вели таа.

Загрижува и недоволната транспарентност и координација. Ако младите не знаат кој е службеник за млади, каде можат да се обратат, како се носат одлуките и како можат да учествуваат, тогаш според Кумановска, системот не функционира како сервис.

„Истото важи и за Истражувачкиот центар — ако тој постои институционално, но нема јасни истражувачки обврски и јавни резултати, тогаш младинските политики не се градат врз податоци, туку врз претпоставки“, забележува таа.

Не е сѐ така црно

Но, во Гостивар постои центар кој работи со младински активности. „ICan“ е отворен во 2021-ва, една година откако беше усвоен Законот за млади. На почетокот бил базиран единствено на донаторски проект, а кога завршил проектот општината презела да ги плаќа сите трошоци и самата локација.

Извор: НМСМ

„Годишниот буџет е од општината. Последните 2-3 години е 100% од општината. Знам дека не сме научени на ваква соработка, бидејќи генерално имаме проблеми со институциите, но со општината во Гостивар имаме убава соработка, и е една од локалните самоуправи која ги пополнува речиси сите потреби од законот“, посочува Арт Спахиу од „ICan“.

Центарот е исполнет со разни активности. Почнувајќи од ИТ курсеви, за дигитализација, преку култура и уметност, па до активности за развој и унапредување на младите.

„Центарот кај нас е отворен до полноќ. Некогаш е отворен и 24 часа. Не се посетува само поради активностите, туку се користи и како слободен простор за работа (co-working space). Служи и како читална, затоа што во Гостивар немаме читална. Ова особено важи за испитни сесии. За овие 5-6 години имаме над 35.000 посетители“, вели Спахиу.

Извор: НМСМ

Во југозападна Македонија, во Битола, исто така постои младински центар. Во него функционира еко клуб, арт клубот, дигитален клуб, музичкиот клуб, но и т.н. ГЛОУ клубот за девојки, каде се организираат активности за личен и кариерен развој, лидерство, ментално здравје, волонтерство и летни кампови.

„Секоја година се трудиме да понудиме нови и различни активности, согласно интересите, потребите и барањата на младите, бидејќи сметаме дека младинскиот центар треба постојано да се развива заедно со нив. Соработката со Општина Битола е добра и значајна за функционирањето на центарот“, вели Милчо Дули од „Сфера“ од Битола.

Генерално се задоволни од работата и интересот што младите го покажуваат кон центарот. Сепак, тој вели дека секогаш постои простор за подобрување, особено во делот на долгорочна финансиска одржливост, институционална поддршка и создавање повеќе можности за младите.

Младински центар Битола, Извор: НМСМ

Слични барања има и Спахиу од Гостивар. Најпрво, вели, може да се подобрат финансиите.

„Лично би сакал да има некаква поддршка од Министерството за млади. Или директно кажано, од Владата. Било финансиски, било програмски. И за младински центри, и комплетно за законот за млади. Ако зборуваме генерално за општините, би сакал да има и казнени одредби за оние локални самоуправи што не ги пополнуваат потребите од законот“, посочува Спахиу.

На потег се пратениците

Тоа го побара и група здружени организации, кои лани до Собранието испратија предлог-измени за Законот за млади. Не само што тој се спроведува со брзина на полжав, туку, според организациите, важно е да има и контрола како и колку се спроведува.

Оттука, клучната измена е воведување систем на одговорност. Новината би носела казна за градоначалник кој нема да направи младински центар, нема формира канцеларија за млади или нема да назначи службеник за млади.

Понатаму, според измените, младинските центри би станале обврска на општините, а преку јавен повик би се избирала организација-раководител. Се става ред и во делот на финансиите. Законски определените 0,3% од државниот буџет би се слевале во наменска „Програма за млади“, што би донела транспаретност и насока за младите. Воедно, измените треба да го решат и формирањето на Националното собрание за млади, досега „заглавено“ во процедури.

„Измените веќе се доставени до Собранието, но сè уште не се ставени во формална процедура и се чека институционален чекор за нивно отворање и разгледување. Важно за целиот процес е и воспоставување на вистинско партнерство меѓу институциите, општините и младинските организации. Клучниот предизвик не е недостиг на политики, туку нивната доследна примена, при што вистинскиот фокус мора да биде на силна локална имплементација, подобра национална координација и реално, суштинско младинско учество во сите процеси, затоа што само така младинските политики стануваат практична поддршка, а не само ветување на хартија“, констатира Ане Матевска од НМСМ.

Авторка: Симона Коцевска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинар(к)и на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.