Почетна Анализи Загрижувачко сведоштво на мајка за врсничко насилство врз нејзиното дете

Загрижувачко сведоштво на мајка за врсничко насилство врз нејзиното дете

Навреди како „лузер“, „аутистичен“, „глуп“, физички повреди, цртежи со полови органи и закани по живот, на своја кожа искусил малолетник од Скопје. Родителите апелираат булингот навремено да се адресира од страна на наставниците и училишните служби, наместо да се чека родителска реакција.

0
44
Илустративна фотографија | Фото: mohamad azaam, Unsplash

За првите навреди дознавме уште во второ одделение кога на блузата и на книгите му беше напишано „лузер“. За кулминацијата дознавме на крајот на петто одделение кога мојот сопруг забележа модрица на раката на нашиот син, пред крајот на учебната година. Вака го опишува случајот со булинг врз нејзиното малолетно дете, мајка од Скопје, која и е позната на редакцијата на ПИНА, но поради чувствителноста на темата, сакаше да остане анонимна.

Како што раскажува мајката, нејзиното дете континуирано било мета на навреди, а ова не бил единствениот случај во скопското училиште.

„По разговори со него, други деца и родители, дознавме дека едно од децата го „сечело“ со линијар и му викал „ќе те убијам“. Едно дете реагирало за да го заштити, а уште едно друго дете му скокало по рамењата и по главата. Кога успеал да излезе во определен момент од училницата, заминал во тоалет и бил таму додека друг соученик негов дошол да види што му е и го повикал да се врати. За ова дознавме сами, никој не ни кажа што се случило, иако и децата и наставнички знаеле за ова. Потоа дознавме и за други настани дека во повеќе наврати претходно имало навреди, а некои деца дури го нарекувале аутистичен, лузер, глуп и слично. Имало и зборови кон него како „те чекам во пеколот, таму ќе те мачам, или ќе гориш во пеколот.“ објаснува мајката за ПИНА.

Психолошките последици и потрагата по безбедна средина

Мајката е загрижена и како што сподели, се уште не е сигурна како сето ова влијаело на психолошката состојба на нејзиното дете бидејќи не покажувало промени во расположението или разочараност, освен поинтензивни главоболки.

„Тој се уште тешко ги кажува ваквите настани, заштитнички е настроен кон неговите соученици. Дури и беше лут на мене што јас реагирав така бурно на сите тие настани. Не можам уште да проценам дали тој со игнорирање на овие настани има создадени некаков одбранбен механизам или „собира во него“. Бевме и на психолошко советување, на кое не дознавме не знам што ново, добивме некои насоки, но секако беше потенцирано дека со детето се е во ред. И во ваква ситуација мене ме разочарува што јас морам да го влечам моето дете, кое не е проблем, по психолози и стручни лица. Единствена утеха ми е што тој тврдоглаво ги следи своите интереси и воопшто не им дава значење на ваквите ниски напади, иако сигурно сето ова има влијание на целиот негов развој“, споделува мајката.

По овие настани, родителите одлучуваат детето да го преместат во друго одделение, но насилството продолжило.

„Последно, на неговата блуза беше нацртан полов орган и за ова дознав кога лично ја видов блузата, никој за ништо не ме извести, ниту пак детето ми кажа дека било повикано во службите да каже што се случило. Децата кои го направиле тоа беа повикани во службите откако јас реагирав и, за волја на вистината, класната и стручните служби овој пат презедоа мерки, кои секако не знам дали ќе имаат влијание или пак ќе се врати се по старо. Потоа дознав и дека моето дете се спротивставило физички на ваквите настани и некако како родители се доведуваме во ситуација секој ден, згрчени од страв и од сè тоа што се случува, да му повторуваш секој ден на детето „брани се“, зашто не гледаш друго решение“ вели мајката.

Десетици пријави годишно до МОН за врснично насилство

Пред точно три години, во мај 2023 година, беа отворени електронски адреси каде младите, родителите и воопшто граѓаните можат да пријавуваат врсничко насилство: prijavinasilstvo@mon.gov.mk и paraqitdhune@mon.gov.mk. Оваа мерка, следеше по масовните пукања во Белград и Младеновац каде убијци беа 14 годишен ученик и 20-годишник, кои убија 17 лица.

Податоците на Министерството за образование и наука покажуваат дека електронската адреса за пријавување насилство во училиштата, отворена во 2023 година, бележи десетици претставки годишно, најчесто поврзани со врсничко насилство во основното образование. Дел од пријавите се однесуваат и на насилство врз девојчиња, а министерството тврди дека по секоја претставка се постапува преку советодавни средби, препораки до училиштата и вклучување на надлежните служби.

Во 2023/2024 учебна година на тогаш новоотворената електронска адреса prijavinasilstvo@mon.gov.mk пристигнале околу 120 пораки, но не сите се однесувале на случаи на насилство во ученици, односно најголем дел биле препораки и сугестии за преземање мерки, активности и политики за надминување на вакви предизвици во училишна средина, велат од МОН.

Во 2024/2025 учебна година на истата адреса се евидентирани 49 пријави.

„Од нив 42 пријави се однесуваат на случаи од основното образование, а 7 пријави се однесуваат на случаи од средното образование. 13 од пријавите се однесуваат на насилство врз девојчиња. 39 од пријавите се разрешени, а останатите се водат во процедура, односно по овие пријави покрај Педагошката служба, постапува и Државниот просветен инспекторат“ изјавија од МОН за ПИНА.

За актуелната учебна година до крај на месец март на е – адресата за prijavinasilstvo@mon.gov.mk евидентирани се 41 пријава.

„Од нив 39 пријави се однесуваат на случаи од основното образование, а 2 пријави се однесуваат на случаи од средното образование. 25 од пријавите се разрешени, а 16 се сé уште во процедура. 10 од пријавите се однесуваат на насилство врз девојчиња“ додаваат од министерството.

Оттаму уверуваат дека одделението за советување на родители и ученици при Педагошката служба во МОН ги реализира активностите во врска со пријавите на електронската адреса за prijavinasilstvo@mon.gov.mk, односно ги следи пријавите и соодветно постапува по истите.

„Во најголем процент пријавите се од родители кои реагираат за извршено врсничко насилство врз нивните деца во училиште, а дел од пријавите се однесуваат на реакции на родители во врска со несоодветен однос на наставник кон ученик. Одделението за советување на родители и ученици согласно надлежностите одржува состаноци и средби со релевантни претставници на училиштата и со родители. Состаноците се од советодавна и консултативна природа со цел преку размена на конструктивни мислења да се изнајдат најдобрите можни решенија како би се промовирала здрава училишна клима. Во таа насока Педагошката служба ги задолжува училиштата да постапуваат согласно утврдени насоки и препораки, со цел создавање и одржување здрава, безбедна и поддржувачка училишна клима за сите ученици.“ изјавија од МОН.

Од ресорното министерство велат дека превенцијата е клучна во справувањето со врсничкото насилство, поради што училиштата имаат обврска да спроведуваат програми за заштита на учениците, спречување дискриминација и унапредување на училишната клима. Од МОН споделија дека секоја година испраќаат насоки до училиштата за организирање активности што поттикнуваат меѓусебна почит и ненасилна комуникација, додека наставниците и стручните служби имаат централна улога во препознавањето и спречувањето на насилството.

Булингот не смее да се адресира само по родителска реакција

По повеќегодишни реакции, разговори и обиди проблемот да се реши внатре во училиштето, родителите на малолетникот кој трпел булинг останале со чувство дека институциите реагираат доцна, формално и без суштински резултат. Наместо навремена заштита и јасна одговорност, следувале административни пропусти, недоволна комуникација и префрлање на товарот врз самото дете и неговото семејство.

Мајката вели дека училиштето покренало постапка откако таа директно на прес-конференција се обратила до министерката за образование по што самото училиште го пријавило случајот во Државниот просветен инспекторат и го повикало родителот на детето на разговор. Според неа, училиштето гледало само формално да ги испочитува постапките. Поради институционалното непостапување, родителите го побарале извештајот од Државниот просветен инспекторат во кој како што велат, имало неколку реченици со грешки.

„Инспекторатот го затвори случајот, не добивме никакво известување. Го баравме и добивме извештајот по слободен пристап до информации од јавен карактер. Случајот бил затворен бидејќи инспекторот “истражувал” случај во паралелка во 6-то одделение наместо во паралелка во 5-то одделение. Само иста бројка на паралелка иако во училиштето беше испратен допис за сите случувања и за точната паралелка. Ама бидејќи немало ништо во таа паралелка од 6-то одделение, Инспекторатот го затвори случајот во 5-то одделение. Информиравме до надлежните за грешките во датумите и други грешки во извештајот, ама се си остана на тоа. Инспекторатот не навел ниту што сработеле стручните служби во училиштето, а имаа активности и разговори најверојатно при инспекцијата не ни прашувале за тоа. Настанот кој се случи во второ одделение никогаш не беше пријавен во стручите служби. Сите наставници се во исто време и педагози, кои треба да знаат како да реагираат во вакви случаи. Особено многу ме револтира што сите тие години на сите мои реакции наместо да им се укаже на децата кои се насилни, се анализираше како моето дете било многу мирно и дека требало да се брани, па во разговорите лошото стануваше добро, а доброто лошо. Притоа како педагози и психолози треба да знаат дека секое дете е различно и дека ниту ние како родители, ниту тие, не може да влијаеме на неговиот карактер. Едноставно детето сака да ги почитува правилата, да не прави лоши работи, не поднесува конфликти. И наместо тие вредности да бидат пример за сите, тие вредности се напаѓаат дека ете кај нас работите не функционираат така и дека детето треба да се прилагоди“, истакнува мајката.

За неа, проблемот со врсничко насилство е сизифоска битка. Процесот да се пријави и да се реши насилството, според неа е „маѓепсан круг“ од кој тешко се наоѓа излез, бидејќи тука не е само училиштето, тука се и родителите кои не покажуваат никаква соработка, дури и бурно реагираат ако нивните деца бидат пратени на разговор во стручните служби.

„Едноставно не признаваат дека нивното дете му направило лошо на друго дете, максимум што ќе направат ќе ветат дека ќе разговараат, да се извинат и после сè се враќа по старо. Јас секако разбирам дека меѓу децата постојат меѓусебни закачки и тие се нормални, но за мене е загрижувачки што во секое одделение се создава група која се изживува со некое мирно дете и сите се нафрлени кон него. Од една страна сфаќам дека тие се деца, но не можам да не реагирам и да седам мирна кога гледам дека се навредува некој со погрдни зборови и да ја искористува неговата добрина“ вели таа.

Мајката е скептична дека овој системски и општествен проблем може да се реши и тоа поради фактот дека родителите слепо ги штитат своите деца, а наставниците го имаат изгубено авторитетот, под постојан притисок на родителите и управата, кои се спремни да потпишуваат петиција за нивна смена дури и ако им подвикнат на нивните деца.

„Голем број од родителите се чувствуваат неоправдано моќни и ги учат нивните деца дека никој ништо не им може, а тоа го потврдува и самото општество во кое моќни се оние кои се партија, имаат врски и пари. Мислам дека наставниците и службите треба да бидат поагилни во постапувањето да реагираат соодветно на сите вакви настани, а не да чекаат реакција на родителите и сè да се турка под тепих“, децидна е мајката.

Кривични пријави против 4 малолетнички за случајот со врсничко насилство во Ѓорче Петров

Додека институциите уверуваат дека работат на превенција и навремено постапување, нов случај на врсничко насилство повторно ја отвори дебатата за безбедноста во училиштата и одговорноста на сите инволвирани страни. Министерството за внатрешни работи соопшти дека се поднесени кривични пријави против четири малолетнички поради физички напад врз 13-годишно девојче во Ѓорче Петров, а најавени се пријави и против нивните родители. Случајот, кој се прошири и на социјалните мрежи преку видеоснимки и фотографии, повторно го актуализира прашањето колку системот успева навреме да препознае и спречи ескалација на врсничкото насилство.

Во меѓувреме, мајката која за ПИНА го сподели своето искуство е скептична дека овој системски и општествен проблем може да се реши и тоа поради фактот дека родителите слепо ги штитат своите деца, а наставниците го имаат изгубено авторитетот, под постојан притисок на родителите и управата, кои се спремни да потпишуваат петиција за нивна смена дури и ако им подвикнат на нивните деца.

„Голем број од родителите се чувствуваат неоправдано моќни и ги учат нивните деца дека никој ништо не им може, а тоа го потврдува и самото општество во кое моќни се оние кои се партија, имаат врски и пари. Мислам дека наставниците и службите треба да бидат поагилни во постапувањето да реагираат соодветно на сите вакви настани, а не да чекаат реакција на родителите и сè да се турка под тепих“, децидна е таа.

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.