Во домот на семејството Илиевски во кумановското село Пчиња има неколку туби со вода, одбележани со ластик во различна боја за да знаат која вода е техничка, која вода е за пиење и готвење.
Жељка како добра домаќинка прашува што ќе пиеме, вели има сè, освен вода. Се одлучивме за чај. Таа пресипува вода од тубата со зелен ластик во чајникот и ја отвора машината за садови кои делуваат чисто, но Жељка е скептична.

„Прво се соочуваш со фактот дека водата е дискутабилна дури и за техничка употреба. Сега сфаќам што значи кога ќе пуштиш чешма и да не размислуваш дали водата е чиста и дали можеш да се напиеш чаша вода“, вели таа.
Нивната вода е хемиски и бактериолошки неисправна. Пчиња е на само 12 километри од Куманово. Но, како и повеќето села во земјава, и во голем дел од 43-те села во општината нема организиран водоснабдувачки систем.
Селски водоводи без контрола
Од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека на водоснабдителниот систем се приклучени некои постари приградски населби – „Бедиње“, „Железничка станица“, „Карпош“, „Ајдучка чешма“, „Иго Тричковиќ“, „Јане Сандански“, „Перо Чичо“ и „Средорек“, како и селата Доброшане, Черкези и Којнаре, каде што водата се испорачува до резервоар за селото Тромеѓа.

Од Oпштина Куманово велат дека водоводен систем има во селата Четирце, Вак’в, Горно Којнаре, Долно Којнаре и Агино Село, како и во месноста Сланиште во близина на Табановце, каде што функционира систем со бушотина, за кој населението не плаќа одржување.
Сепак, во голем број рурални населби ситуацијата е поинаква.
„На територија на Општина Куманово постојат уште 30-тина селски населби. Во дел од нив постојат селски водоводи кои месното население делумно ги користи како системи за водоснабдување. Овие импровизирани системи се изградени од поединци или групи граѓани, без соодветна техничка документација и без системи за третман на водата. Во нив практично поминува неопределена количина неисправна, односно техничка вода“, изјавија од ЈП „Водовод“.

Од општина Куманово, која е надлежна за изградба на водоводни системи, велат дека годинава нема активни проекти за изградба или проширување на водоводната мрежа до селските средини, ниту пак се предвидени средства за таа намена.
Трошок за вода – 50 евра месечно
За семејството Илиевски, водата е секојдневна логистика и дополнителен трошок.
„За пиење исклучиво купуваме вода. Некогаш кога одам кај мајка ми во село Војник носам туба вода, но децата и сопругот не се навикнати на нејзиниот вкус. За готвење точиме вода кај пријатели во Куманово, кои ни ја отстапуваат чешмата. Тубите ги обележуваме за да знаеме која вода за што е“, вели Жељка Диклиќ Илиевска.
Во летните месеци, проблемот станува уште поизразен.

„Најмалку три месеци годишно сме без вода во бушотината. Тоа значи дека ја чуваме само за казанчето. Перењето го носам во Војник. На два дена носам и земам алишта. Тоа е дополнителен трошок – време, гориво и енергија,“ вели нашата соговорничка.
Само за вода, семејството троши околу 50 евра месечно, а во одредени периоди и повеќе.
„Во одредени периоди, особено од јули кога почнуваат големите жештини, водата од бушотината едноставно не е доволна. Се случува садовите да чекаат додека донесеме вода од друг извор за да можеме да се вратиме во нормала“, додава таа.
Ризици по здравјето
Недостигот од безбедна вода не е само инфраструктурен проблем, туку и здравствен ризик.
„Состојбата со водата од руралните средини не е на задоволително ниво. Најчесто утврдуваме ешерихија коли и колформни бактерии. Од физичко-хемиското испитување најчесто застапена е зголемената содржина на нитрати“, изјави специјалист д-р Блерта Шаини Азизи од Центарот за јавно здравје Куманово.

Извештајот за 2025 година покажува дека од 344 анализирани мостри од руралните средини, 130 се бактериолошки неисправни за пиење, 87 се физичко-хемиски неисправни, а кај 68 е утврдена зголемена концентрација на нитрати.
Ништо подобра не е состојбата ни со водата од селските чешми. Од 93 мостри, 43 се бактериолошки неисправни, а 25 физичко-хемиски.
Жељка вели дека токму здравјето е главната причина поради која не ризикуваат да ја користат водата.
„Не се осудуваме да ја користиме ни по превривање. Здравјето ни е на прво место. Отежнато е, особено за жените. Се поставува прашањето како ваквите услови влијаат при чувствителни состојби, операции или породување.“
Таа се сеќава и на периодот кога се родил нејзиниот син.
„Кога се роди, беше многу осетлив на кожата. За неговото капење, кое традиционално го практикуваме секоја вечер, често одев во село Војник затоа што се појавуваше иритација. Не можам со сигурност да кажам дека причината беше водата, но се запрашав дали можеби и тоа има влијание. Водата е основа за здрав живот.“
Невидлив товар за жените
Додека урбаните домаќинства речиси без размислување ја користат водата од чешма, во селата жените секојдневно пресметуваат која вода е „само за садови“, која „за капење“, а која мора да се купи во пластични шишиња.
Недостигот од сигурен пристап до здравствено исправна вода не е само инфраструктурен проблем, туку тивка, скапа и исцрпувачка борба што најмногу ја чувствуваат токму жените.
„Без вода, менструалното здравје и управувањето со менструална хигиена стануваат нехигиенски и стресни ситуации, што ги принудува девојките и жените да отсуствуваат од училиште, работа и од социјални интеракции“, вели Теодора Милевска, ко-основачка на „ПЕРИОД“ Скопје.

Законите како пречка за решението
Од Општина Куманово нема најава за изградба на нови водоснабдувачки системи или проширување на мрежата кон селата.
Од „Водовод“ објаснуваат дека поради непостоење валидна документација и дозволи пропишани во повеќе закони, не е можно преземање на селските водоводи во надлежност на претпријатието.
„Во такви услови општината и јавното претпријатие не смеат да делуваат спротивно на позитивните законски прописи. Затоа, во состојбата во која моментално се наоѓаат импровизираните селски водоводи, тие не можат да бидат преземени од јавното претпријатие“, велат од „Водовод“.
Колку „водоводни системи“ чини иселувањето?
Обединетите нации го признаа правото на вода како елементарно човеково право. И уставот на државата гарантира право на безбедна вода.
Но, во руралните средини од кумановско тоа право сè уште се сведува на туби, буриња и пластични шишиња.
„Ништо не е скапо ако има волја. Знаете ли колку ја чини Македонија иселувањето на младите? Со тие човечки ресурси надвор се изградиле многу водоводи“, вели Жељка.
Пчиња има околу 700 жители, претежно млади луѓе.
„Знаете ли колку чини иселувањето на младите? Колку водоводни системи се изградени некаде далеку од овде. Колку системи ја чинат државата и општината?“, прашува таа.
Прашањето останува отворено – колку „водоводи“ ја чини Македонија иселувањето на младите кои токму поради нерешени инфраструктурни проблеми заминуваат од земјава.
Автор: Александра Максимовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА





