
Со макета на фабриката „Титан Усје“ со два високи оџаци кои чадат, столчиња за јавна расправа и транспаренти, активистите од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ денеска ја блокираа улицата пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) и побараа јавна расправа за поголема транспарентност и построги еколошки стандарди во постапката за издавање нова А-интегрирана еколошка дозвола за фабриката „Титан Усје“. Оваа дозвола, која ја издава министерството ќе важи во наредните седум години, а со неа се одредува под кои услови смее да работи фабриката.
„Денес сме собрани тука со една цел, а тоа е да им покажеме на одговорните дека таа јавна расправа мора да биде организирана и да се прифатат сите наши забелешки. Она што ние го бараме во оваа нова А интегрирана дозвола е тоа дека треба да биде усогласена со европските регулативи и со СЗО“ изјави Мери Бакалова од иницијативата.

Организаторите појаснуваат дека едно од нивните главни барања е намалување на дозволените гранични вредности за штетните честички што се испуштаат од фабриката, како и засилување на контролите. Наместо мерењата да ги вршат самите компании, активистите сметаат дека тоа треба да биде обврска на државните институции. Исто така, тие бараат фабриката да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
Покрај транспарентот „А дозвола за дишење, наместо за гушење“, организаторите поставија и три празни столчиња за ресорниот министер Мухамед Хоџа, заменик-министерката Ане Лешоска и раководителката на одделението за Интегрирано спречување и контрола на загадувањето – Беса Татеши.
Активистите велат дека целта на оваа акција е да се испрати пораката дека граѓаните внимателно го следат процесот на издавање на дозволата и дека се заинтересирани за јавна расправа поврзана со неа.




Два часа по герила акцијата, од Министерството за животна средина и просторно планирање изјавија дека ќе се организира јавна расправа за постапката за обновување на дозволата на УСЈЕ, за што веќе е поднесено барање.
„На расправата ќе бидат поканети сите засегнати страни, вклучително и претставници на граѓанските организации, иницијативи и стручната јавност. Сметаме дека суштинскиот придонес се остварува преку отворен и аргументиран дијалог во институционални рамки“ велат од МЖСПП.
Од иницијативата „Стоп за Усје досега организираа 3 блокади пред фабриката, две герила акции и еден протестен марш пред институциите, од Влада преку Собрание до МЖСПП.
Како што велат од организацијата, барањата ги испратиле до сите институции (кабинетот на претседателката, Владата и Собранието, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Државниот инспекторат за животна средина, Анкетната комисија за човекови права при Собранието, Народниот правобранител, Град Скопје, општините Кисела Вода и Аеродром, како и ЗЕЛС) на 29.12.2025 година заедно со претходно барање за средба за разговор заради решенија околу високото загадување уште на 24.11.2025.
„После барањата се започна со процес на поднесување на Барања за обезбедување на информации од јавен карактер, најмногу од нив упатени кон МЖСПП, кон ДИЖС, кон Општина Кисела вода, општина Аеродром, град Скопје. Во МЖСПП имаме доставено 10 барања и подбарања заради нецелосно добиени одговори и тој процес се уште тече, се уште чекаме од нив и најпрости одговори. Имаме доставено и до сите нив правни постапки за неодговарање и непостапување по доставените барања во предвидениот рок. Следуваа и правно подготвени жалби кон комисијата за информации од јавен карактер дека не ни се доставуваат одговори или се некомплетни, закаснети и сл.“ додаваат од иницијативата.
Како што појаснуваат тие, од сите институции состанок имале со општина Кисела вода, од каде што, по два месеци допишување за тоа кога ќе ја вклучат мерната станица за аерозагадување кај Усје да работи 24/7, добиле одговор дека за такво нешто нема технична можност.
„Се уште чекаме информација за состанок кај нив бидејќи јавно преку медиуми не поканија да одиме заедно кај мерната станица со технички лица, но уште не ни дале термин“ велат од иницијативата.
Исто така, прием добиле и кај претседателката Силјана Давкова, на кој состанок е договорена средба со професорот Спиридонов, член на Советот за безбедност, но, како што велат, и за тоа чекаат термин.
„На 11.03. бевме на краток состанок кај Јетмир Асани, шефот на кабинет на Министерот Хоџа, кој го запознавме со нашата загриженост дека надлежните не постапуваат согласно законските ингеренции да им наметнат на Усје да го спречат загадувањето, кој ни вети дека ќе не извести за состанок со одговорни од МЖСПП во најскор можен рок. Дали ќе ни се наполни календарот со состаноци ќе видиме, но ние секако нема да се откажеме од ниту едно од барањата“ децидни се од иницијативата.
Пораката „Без Усје полесно се дише“ осум часа го блокираше влезот на фабриката
На 27 февруари годинава, главниот влез на цементарница Титан Усје беше простор на граѓанскиот отпор и бунт за чист воздух во Скопје. Настанот „Блокадафест“, осмислен како спој на креативен израз и активизам преку музиката испрати порака за чист воздух, одговорност и грижа за заедницата. Осум часа одекнуваше пораката „Стоп за Усје“ и „Без Усје полесно се дише“ со цел да се изрази незадоволството од игнорантниот однос на институциите за барањата на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.
Десетина музички артисти настапија на „Блокадафест“ меѓу кои и пејачката Зарина Првасевда. Според неа, протестирањето за чист воздух треба да биде обврска на секој граѓанин во Македонија, затоа што чистиот воздух не е луксуз, туку основно право. И токму затоа, тој мора да биде итна и неодложна обврска на институциите.
„Во ситуации кога тоа не се случува, ние мора да реагираме – најпрво како граѓани, а потоа и како луѓе кои се занимаваат со јавна работа. Артистите, особено оние кои имаат публика и следбеници, имаат одговорност да се грижат за општото добро. Ние не сме присутни на јавната сцена само затоа што сме добри артисти, затоа што сме успешни или видливи, тука сме и во служба на општото добро. Во случај во кој ни е дадено да имаме близок и непречен контакт со луѓето кои нè слушаат и нè гледаат – и важно е тој контакт да го користиме за нешта што значат живот, здравје и достоинство“ истакна Зарина Првасевда.
Таа вели дека кога им споделила на некои луѓе дека ќе настапува и ќе пее на настанот, добила реакции: „Пази, полека, ова може да биде политички настан“.
„Што сакам да кажам со тоа? Прво – многу е лесно да се носат одлуки за чист или нечист воздух над исплашен народ. Најлесно се владее со народ што се плаши. И токму тој страв дека секој граѓански настан ќе биде политички протолкуван, некому многу му одговара. А кога некому му одговара тој страв, тоа значи дека ние ќе продолжиме да живееме во нечист воздух“ – додава пејачката.
Ако институциите продолжат да молчат, блокадите ќе продолжат
На тогашниот „Блокадафест“ од иницијативата уште еднаш ги упатија своите јасни барања за чист воздух и побараа одговорност од институциите за аерозагадувањето.
„Иако би требало да имаме одговор од институциите да си ја прават работата тоа не се случува. За жал, мораме да бидеме погласни и да бидеме поотпорни за да може да не слушнат“ изјави Петар Керамитчиев, дел од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“.
На ова се надоврза и Никола Кузманоски од иницијативата, кој изјави дека пораката што сакаат да ја испратат е дека институциите мора да престанат да ги игнорираат и да ги исполнат барањата на иницијативата.
„Со ова сакаме да потенцираме дека сме сериозни со блокадите и се додека не игнорираат, ќе продолжиме со поинтензивни блокади и протести“ – изјави Кузманоски.
По однос на протестите и блокадите, од ТИТАН Усје излегоа со реакција во која тврдат дека „грижата за животната средина е нивна основна вредност“.
„Работиме целосно во согласност со сите важечки закони, подзаконски акти и барањата на нашата А – Интегрирана еколошка дозвола – честопати применувајќи внатрешни стандарди кои се и построги од законските обврски. Нашите емисии континуирано се мерат преку 24-часовен независен мониторинг, со податоци јавно достапни и редовно доставувани до надлежните органи и до медиумите. Редовните и ненајавените инспекции од страна на надлежните тела не констатираат никакви надминувања на законските лимити“ велат од ТИТАН Усје.
Последиците од аерозагадувањето граѓаните ги плаќаат со своето здравје и живот
За време на протестите коишто ги организираше иницијативата „Стоп за Усје“ се обратија и граѓаните.
„Кога зборуваме за загадување, често слушаме за бројки, извештаи и дозволени граници, но зад тие бројки стојат луѓе. Постојат болни деца кои кашлаат ноќе, родители кои се плашат за нивното здравје, луѓе кои секоја зима се соочуваат со нова борба. Воздухот не треба да биде луксуз“, порача една од говорничките на настанот.
Претходно, во изјава за ПИНА, педијатарот д-р Ангелчо Андоновски зборуваше за аерозагадувањето и неговото влијание, и истакна дека загрижувачки е што сѐ почесто се јавуваат и алергии, пулмонарни фибрози, па дури и случаи на карциноми кај деца, состојби што до пред една деценија биле реткост во педијатриските ординации.
„Би рекол дво-децениски проблем кој ја засега веќе во глобала целата наша држава. Загадувањето е проблем кој мора и се апелира веќе многу долго за да биде решен, но решението и покрај секакви предложени мерки и превенциски решенија никако да најде свое место. Да забележам дека уште одамна имаме потврдено дека нашите деца во зимски период живеат како во гасна комора“ изјави тој.
Многубројни домашни и светки истражувања потврдуваат дека последиците од аерозагадувањето не се апстрактни бројки, туку конкретни здравствени ризици и изгубени животи. Па така, податоците на УНИЦЕФ покажуваат дека секој деветти смртен случај на деца на возраст до една година е последица од аерозагадувањето во Македонија.
„Бебињата и малите деца и најизложени на ризик од смрт и лошо здравје поради аерозагадување, а раната и честа изложеност на загаден воздух почнувајќи уште од матката води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии“ се вели во извештајот „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“ на УНИЦЕФ.
Речиси 18 отсто од смртните случаи во државата се последица на аерозагадувањето, односно смртни случаи кои можат да се препишат на изложеноста на ПМ2.5 честички, покажа и извештајот „Аерозагадувањето во Р.С. Македонија и ризици по здравјето“, на доц. д-р Мирјана Димовска, раководителка на одделението за безбедност на вода, санитација на животна средина и здравствена екотоксикологија, при Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Низа ветувања во владината програма за решавање на проблемот со аерозагадувањето
Ако ја погледнете изборната програма од 2024 година на владеачката партија ќе забележите дека зборот „воздух“ се споменува 18 пати во различни контексти, додека пак зборот „аерозагадување“ еднаш и тоа: „Наша цел е помалку заболени и помалку смртни случаи како последица на аерозагадувањето во Македонија.“
Овие наративи во програмата оставаат впечаток на декларативен пристап кон проблемот со загадувањето на воздухот, наместо на јасна и прецизна стратегија. Иако поимот „воздух“ се споменува неколку пати, сепак конкретниот проблем на аерозагадувањето не е доволно директно адресиран. Тоа укажува на тенденцијата проблемот да се формулира во општи термини како на пример:„квалитет на воздух“, „чист воздух“ итн. наместо како сериозен здравствен и еколошки проблем.
Во програмата, може и да се забележи дека дел од предложените мерки се општи и програмски формулирани:„подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух“, „системски решенија“, „план за чист воздух“ итн. Сето ова е наведено без јасни временски рокови, индикатори за успех или конкретни механизми за спроведување.
Во текстот се споменуваат активности како: мониторинг, дигитализација, инспекциски надзор и изградба на инфраструктура, но недостига детална разработка за тоа како тие мерки ќе доведат до мерливо намалување на загадувањето.
Исто така, се забележува силен фокус на инфраструктурни и административни решенија (мерни станици, инспекторати, гасна инфраструктура), додека помалку внимание е посветено на структурните извори на загадување, како што се греењето во домаќинствата, индустриските емисии или транспортот.
Се додека проблемот со аерозагадувањето останува на ниво на општи заложби, без доволно прецизен и мерлив план за справување, загадениот воздух ќе продолжи да одзема човечки животи во Македонија.




