
„Го молам министерот за внатрешни работи, го молам Јавното обвинителство. Телефоните се земени на вештачење, во нив има снимки, видеа, материјали на кои се гледа дека е претепана. Ме лазат морници при самата помисла на тие слики од моето девојче“ изјави таа.


Активистите бараат институциите да престанат со празни ветувања и да преземат конкретни мерки за заштита
Од „Ниту една повеќе“ бараат побрзо усвојување на законските измени за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Тие ги споделија нивните шест конкретни барања до институциите:
1. Итно усвојување на измените на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, поднесени на 26 август во Собрание најдоцна до 10 декември 2026 година.
2. Финализирање и усвојување на пакетот измени на осум закони, за кои беше формирана работна група во Април 2026 година меѓу кои Законот за полиција и Законот за семејство кои треба да обезбедат поефикасна институционална заштита и подобра координација меѓу полицијата, социјалната заштита, правосудството и другите институции.
3. Обезбедување конкретни буџетски средства во Буџетот за 2027 година, вклучително и најмалку 200 милиони денари за специјализирани услуги за заштита и поддршка на жртвите на насилство и превентивни програми за третман на сторителите.
4. Усвојување и јавно објавување на заклучоците од собраниската надзорна расправа за родово базираното насилство, со конкретни институционални задолженија, рокови и механизми за следење.
5. Повлекување на регресивните измени во: законите за основно образование и учебници за основно и средно образование усвоени во април 2025, упатството за заштита од насилство во основно образование (усвоено јули 2025) и програмата за сексуално образование, со кои е ослабена заштитата од дискриминација, родовата еднаквост и превенцијата од родово базирано насилство, како и враќање на сексуалното образование.
6. Итно утврдување индивидуална и институционална одговорност за сите случаи на фемицид, вклучително и последниот случај со 17-годишната девојка од Богданци. Бараме независни проверки на постапувањето на надлежните институции и конкретни последици за утврдените пропусти.
Блокадата заврши со едноминутен молк за починатите жртви на родово базирано насилство.
Иницијативата „Ниту една повеќе!“ најави протест за среда, 25 ноември, кој ќе започне во паркот Жена Борец.
„Ќе продолжиме да протестираме и блокираме сѐ додека не се исполнат сите услови за безбеден живот: итно постапување по сите наши барања за целосни, транспарентни и правични судски постапки и соодветни казни за насилниците и убијците.“ сооопштија од иницијативата.
За оваа сабота пак, најавен е протест и во Охрид од 12 до 14 часот на охридскиот плоштад. Како што споделуваат организаторите, протестот е поттикнат од последниот случај што го потресе Охрид, од гневот и загриженоста поради зачестеното насилство врз жените, како и институционалното непостапување за истото.
ПИНА и претходно пишуваше на темата родово базирано и семејно/партнерско насилство.
Во лавиринтот на судството – жртвите чекаат, реформите остануваат на хартија
Фемицидите во Македонија – последица на институционални пропусти
Момировска: Насилството често е скриено, но секогаш остава траги
Меѓу закон и пракса: не функционира гонењето по службена должност за семејно насилство





