41% од младите во Македонија сметаат дека загадената животна средина и климатските промени апсолутно ги кршат човековите права, 22,3% дека ги кршат, а 21,8% дека делумно ги кршат. Ова го покажува анализата „Од различност до праведност – еднакви во правото на здрава животна средина за сите“, спроведена на репрезентативен примерок од младата популација во Македонија. Анализата е изработена во рамки на проектот „ЗЗЗ – Заеднички за Зелено Застапување за Заштита на Животната Средина“, спроведуван од Македонскиот центар за меѓународна соработка – МЦМС, НИРАС – Данска и ФЦГ – Шведска во партнерство со Центар за младински активизам КРИК, Центар за социјални иницијативи „Надеж“ и Здружение на социјални работници на Македонија – ЗСРМ.
Со ова истражување се согледани состојбите, предизвиците и проблемите со коишто се соочуваат младите во однос на заштита на животната средина, но истражувањето дава и увид во перцепциите, информираноста, еколошкото однесување и волонтерскиот ангажман на младите, ја истражува нивната свесност за поврзаноста меѓу човековите права и животната средина и дава конкретни препораки за политики, пракси и иницијативи кои можат да ја подобрат нивната вклученост и влијание во борбата за климатска правда.
Експертите, м-р Андријана Ѓелевска и м-р Александар Митаноски кои го спроведоа ова акциско истражување, за ПИНА.мк велат дека младите сè повеќе ја препознаваат длабоката и меѓусебна поврзаност меѓу човековите права и животната средина, особено преку современи концепти како што се екотага, екоанксиозност, екострес и екосвест.
„Овие термини не се само психолошки реакции на еколошката криза, туку и индикатори за тоа како нарушувањето на животната средина директно влијае врз основните човекови права – правото на здравје, безбедност, достоинствен живот и пристап до чиста вода, воздух и храна“ нагласуваат експертите.
Исто така овие психосоцијални состојби кај младите се резултат на нивната свест за глобалните и локалните еколошки предизвици, но и на нивната перцепција дека институциите не преземаат доволно мерки за заштита на животната средина. Во тој контекст, животната средина не е само еколошко, туку и правно и етичко прашање, дополнуваат тие.
Пристапот до здрава животна средина не е еднаков за сите
Истражувањето е спроведено на млади и ранливи категории на млади, како
и млади со помалку можности, со атипичен развој, млади девојки и жени од
рурални средини, Роми и лица со попреченост. Согласно истражувањето, нечистата животна средина ги погодува сите млади, но експертите посочуваат дека постои дополнителна ранливост кај младите со атипичен развој и/или попреченост.
„Исто така тука се вбројуваат и млади од рурални средини, Роми, девојки и жени, лица со помалку можности. Овие групи се особено погодени од загадувањето и недостатокот на соодветна инфраструктура во средината каде живеат“ додаваат од експертскиот тим.
При спроведување на истражувањето над 75% од младите изјавиле дека живеат во места со диви депонии. Тие посочуваат дека постојат јасно изразени разлики и меѓу урбаните и руралните средини во однос на еколошката инфраструктура и степенот на младински ангажман.
„Во руралните средини, младите имаат значително помал пристап до организирани еколошки акции, како и до основна инфраструктура која е неопходна за одржување на здрава животна средина. Ова вклучува недостиг на системи за управување со отпад, јавен превоз, зелени површини и образовни програми за еколошка свест“ велат експертите.
Исто така се забележуваат и регионалните разлики во волонтерскиот ангажман, имено младите од Југоисточниот и Пелагонискиот регион најмногу се вклучуваат во волонтерски ангажман поради активните младински организации и локални иницијативи, додека во Источниот и Североисточниот регион интересот е значително помал.
„Овие разлики не само што ја отежнуваат рамноправната вклученост на младите во еколошки активности, туку и создаваат нееднакви услови за развој на еколошка свест и одговорност. Затоа, неопходно е креирање на децентрализирани и инклузивни политики кои ќе ги адресираат специфичните потреби на младите во различни средини, со цел да се поттикне нивната активна улога во заштитата на животната средина“ додаваат експертите.
Само 7-8% од младите во Македонија се вклучени во еколошки иницијативи
Истражувањето покажува дека 7-8% се реално и активно вклучени во процеси на донесување одлуки, организирање на настани или учество во еколошки иницијативи. Експертите велат дека ова е резултат на недоволната информираност, недостиг на поддршка од институциите, ограничен пристап до ресурси и недоволна видливост на можностите за вклучување.
Недостигот на инфраструктура како младински центри, зелени површини, велосипедски патеки и системи за рециклирање дополнително го отежнува нивниот ангажман, потенцираат експертите.
Исто така тие велат дека младите често се чувствуваат игнорирани од страна на локалните власти и државните институции, кои ретко ги вклучуваат во процесите на донесување одлуки. Недостигот на финансиска, техничка и менторска поддршка ги обесхрабрува младите да иницираат проекти или да се ангажираат во долгорочни активности.
Тие посочуваат дека особено загрижувачки е и недоволниот број активности насочени кон маргинализираните млади – како што се млади од рурални средини, Роми, лица со попреченост, девојки и жени, и млади со помалку можности.
„Овие групи се соочуваат со дополнителни бариери, вклучувајќи социјална исклученост, дискриминација и ограничен пристап до ресурси, што ги прави уште помалку видливи и вклучени во еколошките процеси“ додаваат експертите.
Експертите повикуваат за акција – кон институциите, граѓанското општество и самите млади – за заедничко градење на еколошки одговорна и правична заедница
За младите да станат поактивни во еколошките иницијативи и процеси, експертите велат дека им е потребно подобро информирање не само преку формално образование, туку и преку неформални канали – младински работилници, кампањи, дигитални платформи и интерактивни алатки кои ќе ги ангажираат младите на креативен начин.
„Образовните и младинските институции имаат клучна улога во формирањето на еколошката свест кај младите и во поттикнувањето на нивниот активизам. Според резултатите од истражувањето, училиштата и младинските центри се главни извори на информации за животната средина, но нивниот потенцијал сè уште не е целосно искористен“, потенцираат експертите.
Според нив, вклучувањето во процесите на донесување одлуки е од суштинско значење за младите да се чувствуваат вреднувани и слушнати.
„Тие треба да имаат реална можност да учествуваат во креирањето на локални и национални политики, преку младински совети, јавни дебати, консултации и граѓански иницијативи. Кога младите се вклучени во одлуките, тие развиваат чувство на одговорност и посветеност кон заедницата“ дополнуваат од експертскиот тим.
Исто така експертите посочуваат дека поддршката за волонтерски активности треба да биде системска и континуирана.
„Тоа вклучува финансиска и логистичка поддршка, менторство, признавање на волонтерскиот труд (на пример преку сертификати или бодови за образовни цели), како и создавање на мрежи за поврзување на младите со организации и иницијативи“ велат експертите.
Од клучно значење според нив е и развивањето на зелени вештини и вредности како долгорочна инвестиција во одржлива иднина.
„Младите треба да стекнат практични знаења за управување со отпад, енергетска ефикасност, одржливо земјоделство, климатска адаптација и еко-иновативност. Истовремено, важно е да се поттикне развој на вредности како одговорност, солидарност, грижа за заедницата и љубов кон природата“, порачуваат од експертскиот тим.
Согласно истражувањето младите очекуваат институционална поддршка во организирање на еколошки акции, вклучување на маргинализирани млади, подобрување на инфраструктурата и едукација за зелени практики.
„Со овие мерки, институциите не само што ќе ја исполнат својата обврска кон младите, туку и ќе создадат генерација која е подготвена да се справи со еколошките предизвици и да придонесе кон одржлива иднина“ велат експертите.
Од експертскиот тим за ПИНА.мк нагласуваат дека зелените политики и практики претставуваат основа за системски пристап кон заштитата на животната средина и справување со климатските промени. Истражувањето покажува дека младите ги препознаваат потребите и очекуваат конкретни мерки на локално и национално ниво, кои ќе бидат одржливи, инклузивни и насочени кон иднината.
„Потребни се системски политики – функционално управување со отпад, инвестиции во јавен превоз и велосипедска инфраструктура, како и образовни и волонтерски програми што ќе создадат генерација која е свесна, едуцирана и ангажирана“, заклучуваат експертите.
Авторка: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА