Во државата нема доволно новинари кои се стручни да известуваат и истражуваат за еколошки теми, но недостасува и гласност од експерти кои можат да говорат за заштита на животната средина и темите поврзани со екологијата. Потребна е подобра комуникација меѓу еколозите и новинарите, но и обуки и координација меѓу редакциите за вршење притисок врз институциите за важните прашања за животната средина.
Ова се заклучоците од трибината „Важноста на новинарството посветено на животната средина“ со која се отвори шестиот Медиумски фестивал во организација на ПИНА.
Нема еколошко новинарство, туку тажен преглед на тоа што ни се случува
Новинарската Југослава Дуковска смета дека во Македонија нема еколошко новинарство туку тажен преглед на тоа што ни се случува.
„Важно е еколошкото новинарство, но прашање е дали го имаме ние во Македонија? Јас себе не се доживувам како еколошки новинар. Едноставно се доживувам себеси како хроничар на сите наши неуспеси да ја зачуваме животната средина и хроничар на сите грешки на нашата политика, на сите пропусти и на сите бизнис интереси коишто го загрозуваат нашето секојдневие“, рече Дуковска, додавајќи дека штом новинарите ќе се обидат да ги најдат виновниците за загрозување на природата, тогаш темите се релативизираат.
Заштитата на животната средина и темите поврзани со неа често покажуваат дека криминалот и корупцијата цвета на сметка на природата, а со тоа и на здравјето на граѓаните. Новинарката Ивана Настевска, која работеше на сторијата „Зелени тајни“ на ИРЛ појаснува дека конкретно за Маврово локалните жители станале свесни за тоа што е штетно за нивната средина, но проблемот е што новинарите немаат доволно познавања и вештини за да ги истражуваат овие теми.
„Многу е тешко да се работат овие стории бидејќи ние немаме никакви обуки за тоа. Немаме ниту доволно експерти кои соработуваат со новинарите за некои процеси да ни бидат нас полесни. Се случува по неколку месеци да се работат тие процеси за да може прво ние да сфатиме што се случува, за да го „изџвакаме“, па потоа да може да можеме да го пренесеме на читателите. Сепак, во областа животна средина, барем од ова досега што го работевме, сфативме дека има многу криминал и корупција и е многу тешко да се откријат и да се докажат токму поради немањето на вештини. Ние самите како новинари немаме доволно вештини, ниту пак имаме прилика да посетуваме некои стручни обуки“, вели Настевска.
Ова се потврдува и гледајќи низ призмата на експертите. Професорот по микробиологија, Кирил Пржо смета голем број теми се неправилно или нецелосно обработени и поради тоа не можат да извршат доволен притисок кон институциите и политиката.
„Цело време кога се известуваше за теми од природа, од општ карактер, загадување, заштита на животна средина, биодиверзитет, беше преполно со неправилно обработени теми, или нецелосно обработени теми, несфатени теми… Имаме ние точни примери како лошо обработени информации од медиумите доаѓаше до власта и стануваше правило, па дури се донесуваа и одлуки. Пример за тоа е азискиот стршлен. Никогаш во Македонија немало азиски стршлен. Новинарите снимаа некои пчелари кои тврдат дека има азиски стршлен, владата донесе одлука дека ќе се справува со азискиот стршлен. Но, не постои азиски стршлен во Македонија, никаде. Тоа беше типичен пример како може да се види една лошо обработена вест поради незнаење, неукост, неможност.“, вели Пржо.
Вели, темите од екологијата луѓето ги сфаќаат тривијално бидејќи секогаш биле обработувани тривијално. Но, свесен е дека во Македонија нема доволно експерти кои јавно говорат и даваат свои мислења за одредени еколошки проблеми.
„За други теми, новинарите, социјала, здравство, дипломатија, политички односи, религиски односи имаат кого да прашаат. Има професори, стручни организации, тинк-тенкови. Изборот на луѓе е многу поголем, за разлика од вакви специфични теми, немаме соговорници или пак тие соговорници не сакаат да соработуваат, претходно биле со лошо искуство од новинари, па избегнуваат и не се јавуваат. Уште повеќе се стеснува грлото на достапност до информации од кои може да се црпи, па да се направи приказна, па можно решение, па разврска. Тоа грло е многу стеснето“, појаснува Пржо.
Влијанија и интереси
Примерот за закани кон новинарката Маја Јовановска токму во случајот „Зелени тајни“ беше единствениот кој беше посочен на вчерашната трибина. Но Дуковска вели дека иако за ваквите теми закани немала, сепак често се случува да има судир на бизнис интереси.
„Не сме имале закани конкретни досега за еколошки теми. Имаме други проблеми. Имаме проблеми што се судираме каде и да чепнеме, и на најбанални. Каде и да чепнеш ќе излезе бизнис интересче или повеќе. Се се сведува на тоа. Ние дишеме воздух каков што ни дозволуваат бизнис интересите на одредени групации и луѓе. Имаме води во Македонија како што ќе кажат бизнис интересите“, вели Дуковска.
Настевска, пак, вели дека пречки има во нетранспарентноста на институциите кога станува збор за теми од областа на екологијата.
„Одредени службеници вработени во институциите кои не сакаат да дадат информација. На пример, за истиот проект (Зелени тајни) се соочивме со одбивање да ни дадат информации од еден од инспекторатите со образложение дека нивната архива се наоѓа во Радовиш. Го добивме документот по неколку дена, меѓутоа, нешто што е од висок јавен интерес може да зависи од еден вработен во една институција кого го мрзи да направи нешто или не знае како тоа да го направи или едноставно, не му е денот и денеска не сака да разговара со новинари“, вели Настевска.
Според неа, измешаните надлежности на институциите е еден од главните проблеми за добивање навремени и точни информации. Вели дека комуникацијата хаотична, а мејлови и пораки се испаќаат по „милион пати“. За да се дојде до вистинска информација потребна е голема упорност.
Политичка волја е неопходна за правење разлика
Професорот Пржо вели дека без политичка волја залудни се сите новинарски текстови бидејќи само политиката може да направи разлика во справувањето со штетите врз животната средина.
„Тоа се нарекува ‘empty journalism‘. Ти создаваш нешто, а тоа нема ефект врз општеството. Нема да има одлуки, нема да промени. Како и да си ти најдобар новинар, со мултимедијални стории, со инфографици, да ти ‘мрда‘, да ти ‘чита‘, џабе е тоа. Нема да има одговорност. Ние сѐ уште имаме многу ориентален начин на кој ја третираме природата, како нација. Ние сѐ живееме во деспотизам. Живееме како авлии, тоа се нашите домови, куќи, станови, и нѐ интересира тука да ни е уредено, чисто, да го сликаме за Instagram. Сѐ што е надвор нам не ни е важно.“ вели Пржо.
Според него, мора да се работи на промена на вредностите во општеството, бидејќи како што вели, ние во моментот живееме исто како и нашите предци од пред 300 години. Пржо вели дека ова може да се промени само со промената на генерациите и тоа само поради технолошкиот развој и новите начини на комуникација, бидејќи младите преку интернетот стануваат многу поедуцирани и посвесни за заштитата на животната средина.
Автор: Даниел Василев