Голем број новинарки соочени со онлајн вознемирување, се бара институционална проактивност

0
248

Над 81% од 103 анкетирани новинарки во земјава досега се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа, а случаите доминантно се преку социјалната мрежа Фејсбук. Содржината на вознемирувањето најчесто била говор на омраза, сексизам, шовинизам и закани за живот.

Ова се дел од податоците на темелното истражување и Анализа на онлајн вознемирувањето врз новинарките која ја објави ПИНА, насловена „Од нормализација до самоцензура“.

Наодите од анализата беа презентирани на вториот фестивалски ден на Медиумскиот Фестивал Скопје (МФС), каде претходеше проекција на филмот „Опасна мрежа“ на тема онлајн вознемирувањето на новинарките во земјава.

По презентацијата на филмот, како и наодите од анализата, новинарки кои учествуваа во анализата ги споделија своите искуства.

Новинарката Силвана Жежова раскажа за еден од случаите на онлајн вознемирување со кои се соочила. Жежова сподели дека нејзина фотографија, заедно со фотографии и од другите колеги, некои и кои не биле новинари биле објавени со фотографија, само поради тоа што работеле на конкретното место.

„Сите вработени што беа внатре, бевме извадени на слика, како на табло, сите, вработени и луѓе што немаа врска со јавност, туку луѓе што работат финансии, маркетинг и слично и тие беа дел од тоа табло што се ширеше по социјални мрежи, емисии, каде што луѓе не’ нарекуваа предавници, повикуваа на линч и се соочувавме со разноразни коментари, говор на омраза и слично“, рече Жежова.

За неа, овој случај бил доста трауматичен, па одлучила да ја напушти социјалната мрежа Фејсбук.

„Бидејќи каде и да отворам ти се појавува моја фотографија, јас каде што ќе отворев ми се појавуваше моја фотографија и тоа беше за мене многу стресно. Има луѓе кои што можеби се отпорни на такви работи, меѓутоа јас не сум. Мене ме вознемируваат тие коментари, ме вознемирува тоа што сега на која мрежа ќе бидеме споделени, во која емисија ќе бидеме прикажани, па луѓево кои ни се блиски не’ гледаа чудно’“, објаснува новинарката.

Жежова истакна дека од социјалните мрежи тоа се прелева и на лично ниво и во комуникацијата со најблиските.

„Всушност, организирана хајка беше тоа, бидејќи и медиуми објавуваа за тоа, социјални мрежи, емисии, тоа беше лудило. Тоа е еден од случаите, инаку имам и уште две други искуства со онлајн вознемирување“, рече Жежова.

„Тоа е еден случај и вториот случај, во друг наврат, тогаш и лично отидов до тој сектор и лично пријавив и можам да кажам дека после тоа, луѓето што вршеа хајка некаква, стивнаа. Не знам МВР кои средства ги употреби, дали најде, ама кога сака, веројатно можат, затоа што сепак случајот беше и на тоа ниво како што беше, реагираа и некако тие закани после тоа стивнаат“, додаде новинарката.

Според новинарката Искра Коровешовска, треба гласно да се зборува кога станува збор за женските права, безбедноста, а особено за новинарските женски права. Коровешовска се соочила со случај кој го дефинира како сексуално онлајн напаѓање комбинирано со закани за физичко насилство. Таа објаснува дека била мета на вознемирување од еден ист човек, заедно со уште една новинарка.

„Сексуалните невистини кои тој ги постираше пред се’ на неговиот профил на Фејсбук, фала богу нели со оглед на виралноста на мрежите, стигнаа секаде каде што не требаше. Кога сте јавна личност на некој начин, еве особено, сите новинарки можат да бидат мета, но кај нас некако во телевизиско новинарство, можеби малку за нијанса е поистурено и можеби малку повеќе сме мета, бидејќи нели со глас, со слика излегуваш, па ги кажуваш своите позиции и анализи, како и да е“, рече Коровешовска.

Невистините со сексуална содржина, таа објаснува дека стигнале и до родителите на соучениците на нејзината ќерка, која вели дека не била доволно возрасна за да разбере за што станува збор.

„Па имав така една голгота, период кога морав да ѝ објаснувам, споделувани деталаи од негови текстови, објавувани, па родителите по дома нели, дискусии, малку сеир, малку сериозност, малку божемна или вистинска загриженост и потоа тоа во училиште меѓу децата, и така, не може да ги обвиниме децата, сепак се тие незрели и многу мали за да разберат за што станува збор“, објаснува Коровешовска.

За среќа, таа вели дека нашле баланс со нејзината ќерка и се разбрале за да нема никакви последици во однос на неа.

„Мене тоа ми беше приоритетно, бидејќи тука некако најбеспомошно се почувствував, бидејќи кога станува збор за самодобрана професионално, мислам дека сум многу посилна и да го издржам и аргументирано да вратам, и да се борам до крај, но кога станува збор за дете мало, кое нема свест и совест, нели таква каква што треба да има за да го разбере тоа, е малку покомплицирано“, додаде Коровешовска.

Искуството не го доживеала многу пријатно, иако вели дека се смета за исклучителнно силна личност. Па така, ѝ се случиле некакви чудни физички рефлекси за кои не очекувала да се манифестираат на тој начин.

Коровешовска го пријавила случајот во полиција, но објаснува дека не добила позитивен третман оттаму.

„Бев лошо пречекана од едната полициска станица каде што пријавив, па за да потоа мораше да се ургира од повисоко ниво, буквално ми беше речено во полициската станица каде што отидов, согласно адресата каде што живеам,  дека ‘ех бе па ти, за едно писменце на Фејсбук, тука дојде сега да пријавуваш, па има сериозни допири, сексуални вознемирувања, па ние ништо не правиме, само им тропнуваме на врата, ќе го викнеме на информативен разговор и тој пак ќе се врати дома, и тоа е тоа, ти за едно писменце на Фејсбук…’“, вели Коровешовска.

Според неа, во целиот процес можела да ја види нетрпеливоста и кај одредени портали кои ја преземале содржината на човекот кој ја вознемирувал.

„И кај дел од полициските службеници нетрпеливоста кон мене лично, заради тоа што сум новинар кој работи во таков и таков медиум, про-опозициски ориентиран, заради тоа што можеби инспекторот или началникот или полицискиот службеник не е човек кој ја поддржува опозициската страна во даден момент и слично. Како и да е, ваквите ситуации не треба да препознаваат никаква друга позадина, освен конкретната ситуација и пријавите или фактите или доказите со кои доаѓаш. Впрочем нели, тоа е објективен систем кој би требало да функционира независно од се’ друго“, посочи Коровешовска.

Според авторката на анализата Бојана Јовановска, се соочуваме со време во кое некои работи се во регрес.

Јовановска вели дека законите што се променети во пракса не се имплементираат, додавајќи дека она што каска во земјава всушност е самата пракса на законите, односно како постапуваат институциите што ја имаат надлежноста.

„Самиот случај Јавна соба беше еден од случаите кој покрена најмногу прашина, не само во однос на родово-базираното насилство во онлајн просторот, туку и генерално како насилството се третира од страна на институциите. Доколку случај од овие размери кој што во година дена беше проследен и со протести и со изјави, притисоци итн… поради кој што бевме викнати неколкупати во Влада, за поширок консултативен процес, не резултираа со она кое што целевме, односно да ги заштитиме сите жени кои што беа жртви на ваков вид напади, тогаш што останува со оние кои што се уште се мислат дали да го пријават случајот, тоа не значи дека не треба да се пријавуваат случаите. Напротив, имајќи предвид дека стапката на пријавување на случаи на насилство во Македонија е некаде околу 2%, се уште зборуваме за феномен кој што воопшто не се пријавува, така што тоа секако не е решение“, рече Јовановска.

Таа е децидна дека пријавувањето на случаите е единствен начин да се разбудат институциите, за кои вели дека некогаш се случува да постапат, а таквите случаи се тие кои даваат надеж дека нешто може да се промени.

Истовремено, посочува дека во никој случај новинарките кои се соочуваат со вознемирување не треба да ја намалат нивната комуникација и споделување на социјалните мрежи, бидејќи, како што вели, тоа не е начин на кој нешто може да се реши.

„Доколку вие лично сметате дека имате потреба од таква постапка, секако, меѓутоа тоа не е начин, бидејќи тоа е на самиот напад, целта на нападот е да бидете замолчени, целта на нападот е да ви ја скратат вам слободата на изразување, а со тоа, самиот напад врз вас во онлајн просторот е напад и за демократијата“, рече Јовановска.

Најдобро, според неа е самите медиумски куќи да најдат начин на кој ќе ги заштитат своите вработени, а за тоа вели дека и треба постојано да се потсетуваат.

„Замолчувањето во никој случај не е начин, непријавувањето во никој случај не е начин, бидејќи тоа е единствен начин за да зборуваме за проблемот, да го препознаеме, а со тоа и оние кои што треба да го препознаат да го направат тоа“, децидна е Јовановска.

Анализата на ПИНА е објавена во печатена верзија на македонски и албански јазик, а наскоро ќе биде достапна и во онлајн верзија како и на англиски јазик.

Автор: Мартин Колоски