Југозападниот регион најлошо се справува со собирањето на отпад

0
159

Ниту една третина од создадениот отпад не бил собран во регионот каде се наоѓаат девет општини и тоа Охрид, Струга, Кичево, Дебар, Дебарца, Вевчани, Македонски Брод, Пласница и Центар Жупа

Југозападниот регион имал најмногу несобран отпад за време на пандемијата и овој регион се справува најлошо во собирањето на комуналниот отпад во цела земја. Ова го покажува нашата анализа на податоците на Државниот завод за статистика за создаден и собран комунален отпад за 2020 година. Подетално, во минатата пандемска година во Југозападниот регион биле создадени 184.283 тони комунален отпад, а собрани биле само 56.370 тони. Тоа значи дека над 130.000 тони отпад останал несобран, по диви депонии загадувајќи го воздухот и почвата.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најдобро се справил Скопскиот регион кој од над 172 илјади тони успеал да собере над 170 илјади тони комунален отпад.

Југозападниот регион го сочинуваат девет општини и тоа Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга и Центар Жупа.

Вредно е да се забележи дека во регионот кој најлошо се справува со комуналниот отпад го сочинуваат и трите општини кои се заштитени како светско природно и култорно наследство. Поконкретно, Охридски регион кој е заштитен како мешовито светско наследство под УНЕСКО го сочинуваат општините Охрид, Струга и Дебрца и сите три општини се дел од Југозападниот регион кој најлошо управува со комуналниот отпад.

 

Во последниот извештај на УНЕСКО за состојбата со природното и културното наследство на Охридскиот регион се забележува дека потребно е отстранување на дивите депонии во овој регион, но и помалите ѓубришта.

„Во временски период од три години мора да се затворат нелегалните депонии во Југозападниот регион, тоа се Буково и Мауцкер во Охрид, депониите кај Струга, но и малите а многубројни ѓубришта во регионот. Препораките да се спроведат во рок од три години“, побара УНЕСКО во последниот извештај објавен годинава.

УНЕСКО бара и соодветно да се исчистат тие локации.

Охридската депонија во Буково требаше да биде затворена до крајот на минатата година и повеќе на таа локација да не се одлага отпад, но во најновиот извештај УНЕСКО дава рок од три години за оваа препорака да се имплементира.

Откако отпадна идејата за изградба на регионална депонија во Општина Дебрца, годинава Југозападниот плански регион мора да најде решение за изградба на регионална депонија. Кога станува збор за депонијата за инертен шут на влезот на Охрид, кај Мауцкер, пред помалку од една година директорот на ЈП „Охридски комуналец“ кажа дека Мауцкер засега е единственото решение за граѓаните да го одлагаат градежниот шут, а истиот се депонира на Мауцкер по принципот на депонијата Буково со зарамнување.

Никнуваат диви депонии

Помалите и многу бројни диви депонии во Охридскиот регион ги расчистуваат јавните комунални претпријатија, но и еко-активистите.

Последниот извештај на УНЕСКО беше најстрог досега и практично оценува дека препораките споро се спроведуваат, но и нагласува дека се создадени и нови нерегуларности. Во овој извештај, УНЕСКО недвосмислено оценува дека Охридскиот регион ги исполни сите услови за да се најде на листата на загрозени светски наследства или наследства во опасност.

Додека беше теренски активна граѓанската иницијатива „Стружани за Струга“ често алармираше за дивата депонија во близина на градот, но и за помалите мини-депонии кои се создаваат. Стружанецот Ардијан Демири кој беше дел од оваа иницијатива сега вели дека депонијата е веќе на лик на планина од ѓубриште. Тој смета дека итно е потребно таа да се отстрани и местото темелно да се исчисти.

„Главната преокупација ни беше да се изгасне дивата депонија на влезот од градот која гореше цели четири месеци без престан а стружани се гушеа 24 часа секој ден. Сега не е ништо подобра состојбата со депонијата која во моментот стружани ја плааќаат многу скапо со пари од граѓаните, а таа е денес висока 16 метра широка 200 метри и долга 500 метри. Состојбата според ова е полоша денес отколку тогаш, бидејќи и денес и тогаш не се изнајде никакво решение за оваа депонија, а во меѓувреме се создадоа нови помали“, вели Демири.

Според него, очекувано е Охрид и Струга да бидат дури и најголеми создавачи на комунален отпад во југозападниот регион, бидејќи се туристички градови и во текот на летото посетителите го надминуваат и бројот на резидентно население во овие градови.

„Струга конкретно не може да се пофали од аспект на собирање на овој отпад бидејки собирањето подразбира организирано одлагање на овој смет во посебни за тоа определени локации каде отпадот потоа се рециклира или уништува. Струга е со најголема депонија споредбено со секој друг град каде на 200 метри од градот се одлага огромна количина на непреработен смет и отпад од секаков вид и кој останува трајно тука без никаква идеја што потоа со него! Градот е привидно чист, но во суштина е полн со отпад“, вели Демири.

Собирањето на комуналниот отпад на ниво на цела држава бележи пад

На ниво на целата државата пак, минатата година вкупното количество на собран комунален отпад во С Македонија во 2020 година изнесува 630.086 тони од вкупно создадени 913.033 тони. Споредено со 2019 година, вкупното количество на собран комунален отпад во 2020 година бележи намалување од 0.4 отсто.

Најголемо количество на собран комунален отпад е забележано во Скопскиот регион односно 170.660 тони или 27.1 отсто од вкупното собрано количество во С Македонија. Од вкупното количество на собран комунален отпад, 522.954 тони или 83 отсто се собрани од домаќинствата, а останатите 17 отсто од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите отпад, најголемо количество на собран отпад е измешаниот комунален отпад, односно 525.745 тони или 83.4 отсто, а најмало количество отпадот од гума 1.005 тони или 0.2 отсто од вкупното количество собран комунален отпад.

Годишното количество на создаден комунален отпад по жител во 2020 година изнесува 452 килограми по жител, што е за 1.0 отсто помалку од истото количество во 2019 година. Анализирајќи ги податоците во изминатите пет години, најмногу комунален отпад е создаден во 2019 година или вкупно 915.943 тони или 456 килограми по глава на жител.

Според Државниот завод за статистика, најголемото количество на собран комунален отпад (99.8 отсто) се исфрла на депонија.

Подигнување на јавната свест е важен фактор

Ниската свест кај граѓаните придонесува во создавањето на дивите депонии и јавната чистота. Од ЈП „Охридски комуналец“ пак редовно апелираат за подигнување на свеста кај граѓаните, но и кај туристите што во летните месеци го посетуваат Охрид. Тие во неколку наврати укажуваат дека на повеќе локации во градот секојдневно се создаваат мини-депонии од несовесни граѓани. Минатата година, повеќепати алармираат дека на повеќе локации во Стар Град состојбата со јавната чистота е загрижувачка, иако нивните екипите секојдневно го собираат отпадот, сликите секојдневно се повторуваат.

„Имено, Канео, Антички театар , Лабино, Света Софија и Сараиште во доцните ноќни часови стануваат збиралишта за младата популација кои зад себе оставаат купишта ѓубре. За оваа состојба голем број реакции добивме и од локалното население кое реагира на расфрланите пластични шишиња, отпадоци од храна, картонска амбалажа и др.Апелираме до надлежните институции да се превземат мерки и санкции за надминување на оваа алармантна состојба. Нашите служби секојдневно го подигнуваат расфрланиот отпад но веќе следното утро сликите се повторуваат, апелираат од ЈП „Охридски комуналец“.

Нуредини најави нови закони за подобро справување со отпадот

На почетокот на месецов, министерот за животна средина, Насер Нуредини, соопшти дека полека ќе се решава и проблемот со комуналниот отпад во Полошкиот регион, а веќе се отпочнати активности за рехабилитација на Русино.

„Драго ми е што многу задоцнетите работни активности за рехабилитација на Русино конечно се во тек и се надевам дека градоначалниците ќе започнат вистински да соработуваат за да се реши прашањето со управување на отпадот во целиот Полошки регион“, изјави Нуредини.

Нуредини на последната седница за пратенички прашања апелираше што поскоро да се одблокира и Законот за прекршоци, бидејќи со него се предвидуваат повисоки казни за оние што ја загадуваат животната средина. Тој информираше дека дополнителни шест нови закони за отпад се доставени во Собранието со кои се дефинираат обврските на општините и производителите за селектирање на отпадот, неговото рециклирање и други можности за обработка.

„Да ги поддржиме сите општини кои имаат пробпеми со отпадот, без политички обојувања. Имаме многу општини и разни партии. Да не политизираме. И да не заборавиме дека свеста е сепак кај нас, кај граѓаните. Ние, за жал, донекаде придонесуваме за проблемот, фрлајќи го отпадот насекаде…Со министерот за правда предложивме и измени на Законот за прекршоци, но за нив се поднесени околу 2.000 амандамни. Нема потреба од толкав број амандмани. Законските измени треба што побрзо да се донесат зашто предвидуват зголемување на казните за оние што ја загадуваат животната средина. Тој што загадува, треба да плати“, рече Нуредини одговарајќи на пратеничко прашање за проблемите со отпадот.

Автор: Ивана Настеска

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.