Почетна Анализи Дигитализација, но пред шалтер

Дигитализација, но пред шалтер

0
86
Фото: Camilo Rueda Lopez, Unsplash

37-годишниот Марко од Охрид поднел барање за уверение за државјанство онлајн, но документот и покрај тоа што му требал итно, не му бил издаден навреме.

„Аплицирав електронски за да заштедам време, ама на крај морав пак да одам по институции бидејќи документот доцнеше“, вели тој.

Искуството на Марко не е изолиран случај. И покрај годините најави за дигитална трансформација, за многу граѓани административните услуги сè уште значат чекање на шалтер. Наместо целосно дигитализиран систем, во пракса функционира хибриден модел – дел онлајн, дел на хартија.

Експертот за дигитализација Суад Сефери вели дека клучниот проблем не е во идеите, туку во нивната реализација.

„Главниот предизвик е недостигот од долгорочен институционален континуитет. Речиси секоја политичка структура која доаѓа на власт започнува со нови дигитални иницијативи и проекти. По нивната имплементација често недостасува одржување, надградба и институционална одговорност за тие системи. Со текот на времето дел од платформите остануваат без развој и постепено ја губат функционалноста“, додава Суад Сефери.

Покрај проблемот со континуитетот, тој укажува и на недоволната поврзаност меѓу институциите, што го отежнува користењето на дигиталните услуги.

„Наместо автоматска размена на податоци, често постојат рачни административни процедури. Во пракса сè уште има ситуации каде информации се пренесуваат со USB уреди од една институција во друга.“ додава Сефери.

Дигитална трансформација како долгорочна државна политика

Сефери вели дека дигиталната трансформација не се развива рамномерно. Додека некои институции инвестираат во напредни технологии и системи за видео-надзор или анализа на податоци, граѓаните во многу случаи сè уште мораат физички да посетат шалтер за едноставни услуги како плаќање давачки или регистрација на документи.

„Потребен е појасен модел на управување со државните дигитални системи. Тоа подразбира заедничка архитектура, стандарди за управување со податоци и синхронизација на системите меѓу институциите. Дигиталната трансформација треба да се третира како долгорочна државна политика со стабилен институционален континуитет, а не како серија изолирани проекти.“ додава Сефери.

Во вакви услови, според него, дигитализацијата ризикува да создаде нови бариери наместо да ги отстрани старите.

„Најранливи се секторите кои управуваат со чувствителни податоци и со голем број корисници. Тоа се здравствениот систем, централните регистри на граѓани и бизниси и дел од системите на локалната самоуправа. Во овие области постојат повеќе различни системи развивани во различни периоди и со различни технологии. Кога ваквите системи не се синхронизирани, се создаваат технички слабости, административни грешки и поголем ризик од безбедносни инциденти. Во овие сектори најмногу се чувствува и недостигот од специјализиран кадар за управување со сложени дигитални системи.“ додава Сефери.

Од друга страна, од Министерство за дигитална трансформација тврдат дека дигитализацијата веќе дава конкретни резултати и оти останува клучен приоритет на Владата.

„Дигитализацијата не е процес што може да започне и да заврши за кратко време. Тоа е сеопфатен и долгорочен процес што бара координација и синхронизација на институциите, консолидација на инфраструктурата, усогласување на законската регулатива, како и континуирано унапредување на дигиталните вештини и на администрацијата и на граѓаните“, велат од министерството за дигитална трансформација.

Додаваат дека во изминатиот период се реализирани повеќе проекти насочени кон подобрување на пристапот до јавните услуги, како и дигитализација на административните процедури. Според нив, фокусот во наредниот период ќе биде ставен на понатамошна интеграција на системите и подобрување на корисничкото искуство за граѓаните и бизнисите.

 Сајбер-безбедноста ќе се „чува“ со закон?

Паралелно со овие процеси, сè поактуелна е улогата на вештачката интелигенција во јавниот сектор. Според Сефери, таа може значително да придонесе за подобра анализа на податоци, автоматизација на административните процедури и поефикасно креирање јавни политики.

Сепак, предупредува дека, без јасна стратегија за управување со податоци и развој на сопствени технолошки капацитети, постои ризик државата да остане само корисник на странски решенија, наместо активен учесник во развојот на новите технологии.

„Вештачката интелигенција ќе има значајна улога во следната фаза на дигиталниот развој. Таа овозможува подобра анализа на податоци, автоматизација на административни процеси и поефикасно планирање на јавните политики“, додава Сефери.

Во однос на сајбер-безбедноста, од министерството велат дека е донесен закон за безбедност на мрежни и информациски системи и воспоставени механизми за поефикасен одговор на закани. Додаваат и дека за прв пат во државата беше донесен Закон за сајбер безбедност.

„За прв пат се поставува јасна и современа правна рамка за заштита на државните системи, усогласена со европските стандарди и практики“, велат од министерството.

Сепак, според Сефери, законската рамка е само еден дел од целокупната слика и не е доволна без практична имплементација и институционален капацитет.

„Подготвеноста е ограничена. Во дел од институциите има напредок во последните години, но сајбер безбедноста сè уште не се третира како клучен елемент на дигиталната инфраструктура. Често недостасуваат редовни безбедносни тестирања, јасни процедури за управување со инциденти и доволен број специјализирани експерти во јавниот сектор.“ додаде Сефери.

Тој додава дека е потребен системски пристап кон безбедноста на институционалните системи, кој ќе вклучува редовни безбедносни ревизии, проценка на ризици и подобра координација меѓу институциите при управување со сајбер-закани.

Авторка: Сара Танаскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.