Почетна Анализи Студентите на удар: данокот од УЈП ќе ги обесхрабри од учество во...

Студентите на удар: данокот од УЈП ќе ги обесхрабри од учество во Work and Travel

0
29
Фото: Jakub Zerdzicki, Unsplash

Студентката на Машински факултет, Ана Шоповска која пет години работела во Германија преку програмата Work and Travel неодамна добила известување од Управата за јавни приходи (УЈП) за пријавување и плаќање данок на доход остварен во странство. 

За Ана ова не е само административна обврска, туку неочекуван финансиски удар.

Ана Шоповска | Фото: приватна архива

„Како студентка која четири лета работела во странство, до оваа година никогаш не сум добила известување дека треба да платам данок во Македонија. Ова не е изолиран случај, туку реалност за голем број студенти“, вели Ана Шоповска за Пина.

Студентите кои работеле во странство преку програмите за размена прашуваат – дали станува збор за правична примена на законските обврски или за товар што доаѓа како последица на години институционална негрижа.

Според Ана, суштината на проблемот лежи во нефункционалноста на системот.

„Неплаќањето данок не произлегува од намера да се избегне обврската, туку од недоволна информираност. Ако студентите со години не биле известувани, тогаш не може ретроактивно да се бара плаќање за пет години наназад“, додава таа.

Во меѓувреме, од Управата за јавни приходи информираат дека на 16 април истекол рокот за плаќање на разликите по годишните даночни биланси за 2025 година и апелираат до обврзниците кои сè уште немаат извршено уплата тоа да го сторат без одложување. Според УЈП, доцнењето носи камати и ризик од присилна наплата, а од вкупно 19.550 обврзници со утврдена обврска, кај 10.252 веќе е евидентирана уплата. Институцијата најавува дека продолжува со испраќање известувања до должниците и потсетува дека долговите можат да се подмират и на рати или преку други законски механизми.

Како што посочува Шоповска, има студенти кои уште не добиле писмо или мејл за данокот. Дури има и еден случај, вели таа, каде на 17 април на девојка и се јавиле првпат за данокот.

Слаб одзив на протестите

Овој став го делат и други студенти. Една од нив, која учествувала на протестите, за Пина вели дека проблемот сè уште не е доволно препознаен меѓу младите.

„Бевме едвај десетина студенти. Очигледно многумина сè уште не се свесни дека ова ги засега директно“, вели таа. 

Според неа, државата не ги третира студентите како посебна, ранлива категорија.

„Наместо олеснувања, ни се наметнуваат дополнителни трошоци за кои дознаваме сега, а не кога сме ги носеле одлуките да работиме во странство“, додава.

Дилемата за двојното оданочување

Токму прашањето за двојното оданочување е едно од најконтроверзните.

„УЈП бара 10% данок од целата сума, иако ние веќе сме биле дел од даночен систем во Германија“, посочува студентката.

Таа објаснува дека во Германија постои јасен даночен праг.

„Данокот ни се задржува, но потоа се враќа бидејќи не го надминуваме лимитот. Тоа не значи дека не сме биле евидентирани како даночни обврзници“, додава таа.

Во вакви случаи, институциите во Македонија, според студентите, не ги признаваат овие околности, што ги става во ситуација на потенцијално двојно оданочување.

Реалноста зад заработката

Покрај правните дилеми, студентите укажуваат и на реалните трошоци што ги имаат.

„Парите што ги заработуваме не се луксуз. Тие се користат за кирија, сметки и образование. Во моментот кога се бара данок за неколку години наназад, тие средства одамна се потрошени“, вели Шоповска.

Ова прашање добива дополнителна тежина ако се земе предвид студентскиот стандард. Животот во Скопје за многумина подразбира високи кирии, недоволни капацитети во студентските домови и растечки трошоци за основни потреби. Во такви услови, сезонската работа во странство често претставува единствен начин за финансиска стабилност.

Агенциите кои посредуваат за работа на студентите во странство велат дека тоа е сепак размена, не класична работа

Од друга страна, агенциите што посредуваат за овие програми укажуваат дека станува збор за нешто поразлично од класично вработување.

Од „Америквест“ за Пина објаснуваат дека програмите како Summer Work and Travel се дел од BridgeUSA иницијативата на Владата на САД, чија основна цел е културна и образовна размена.

„Средствата што учесниците ги остваруваат имаат за цел да ги покријат трошоците за престој, а не да претставуваат класичен приход од работен однос“, велат од агенцијата.

Според официјалните податоци, бројот на учесници од земјава се движи од околу 730 до речиси 1.000 годишно.

Зошто прашањето се отвори токму сега?

Зошто ова прашање се актуализира токму сега, прашуваат студентите?

Од УЈП велат дека не станува збор за нова обврска, туку за задоцнета примена на постојните закони.

„Обврската за пријавување на доход од странство постои континуирано. Она што се менува е начинот на обработка на податоците, кои од 2024 година системски се анализираат и вкрстуваат“, информираат од институцијата.

Во минатото, овие податоци не биле системски обработувани, што довело до ситуација во која дел од обврските останале непријавени.

Системот во Македонија функционира на принцип на самооданочување, што значи дека граѓаните сами треба да ги пријават приходите, вклучително и оние од странство. УЈП има право да врши контрола до пет години наназад.

Неизвесност создаваат и различните информации во јавноста.

Дел од студентските претставници најавија дека нема да има ретроактивно оданочување, додека од УЈП велат дека таква одлука не е донесена и дека контролите продолжуваат.

Во меѓувреме, институцијата веќе започнала директна комуникација со дел од засегнатите, нудејќи можност за плаќање на рати и дополнителни појаснувања.

Даночен притисок врз студентите: дали следи повлекување од програмите?

Студентите прашуваат како би можеле да знаат за оваа обврска без јасна институционална едукација и дали е правично товарот од нефункционалноста на системот да падне токму врз нив. Сметаат дека овој пристап ќе ги обесхрабри младите да учествуваат во вакви програми во иднина.

„Како ќе ги задржиме младите ако наместо поддршка им нудиме дополнителен товар?“, прашува Шоповска.

Авторка: Маја Терзиова 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.