Новото кривично дело за споделување снимки и фотографии со сексуална содржина ја штити само приватноста, а не и реалните последици врз жртвата

0
88
Фото: Gilles Lambert on Unsplash

„Малолетници принудувале врснички на секс, ги снимале, а потоа ги уценувале“, „Шест малолетници од Кавадарци ќе одговараат за фотомонтажи на нивни соученички“, „Му ја одбила понудата за брак па ја уценувал со компромитирачки снимки“.

Oва се само мал дел од случаите изминатата година со која се вршеле закани и насилство врз млади жени и девојки со користење на интимни фотографии и видеа.

Изминативе години се повеќе нашето општество сведочи на дигитално родово базирано насилство, споделување фотографии и видеа по групи на социјални мрежи, но и закани и изнуди како и монтирање на фотографии со дипфејк технологии.  Според ОБСЕ 62,8 проценти од жените кај нас барем еднаш се соочиле со онлајн малтретирање, а во голем дел од случаите  биле објавувани и експлицитни содржини. Состојбата е најалармантна во средните училишта каде според истражувањата 78% од испитаниците биле жртви на онлајн насилство.

Во дигиталниот простор, родово базираното насилство добива нови димензии. Сајбер сексуалното вознемирување, сајбер демнење, неовластеното споделување на интимни фотографии и видеа (порнографија без согласност), клевета во онлајн просторот, тролање, кротење во онлајн просторот, доксинг/злокументирање, се само некои од начините на кои насилството може да се манифестира онлајн. Овие форми на насилство може да бидат помалку видливи, но често имаат долготрајни психолошки последици по жртвите, со оглед на тоа што дигиталниот простор овозможува насилството да се споделува широко и анонимно, но и неконтролирано.

Поради засиленото онлајн насилство и честите вакви дела минатата година беа донесени измени во Кривичниот законик, поточно член 152-а кој сега гласи:  воведување ново кривично дело „злоупотреба на туѓа снимка, фотографија, аудио записи или списи со сексуално-експлицитна содржина” со кое се врши инкриминирање на дејствија што подразбираат сторител на трето лице да му направи достапна видео или друга снимка, фотографија, аудио запис или спис со сексуално-експлицитна содржина, без согласност на лицето на кое тој спис се однесува, односно без согласност на лицето кое е прикажано на снимката или фотографијата или чиј глас е снимен на аудио записот.

За ова дело е предвидена казна затвор од 5 години, а истата казна важи и за тој што со употреба на компјутерски систем или на друг начин ќе изработи нова или ќе промени постоечка видео или друга снимка, фотографија, аудиозапис или спис со сексуално-експлицитна содржина која се однесува на некое лице и ќе ја употреби таквата снимка, фотографија, аудиозапис или спис или ќе ги направи достапни на трето лице. Казната е поголема доколку се прошири по групи или повеќе лица, а во случај ова дело да е сторено врз дете, казната е и до 10 години затвор.

Слабости во делото што може да доведе до несоодветна заштита на жртвата

Иако правниците велат дека ова ново кривично дело е значаен чекор кон заштита од онлајн насилство, сепак „добрата намера сама по себе не создава заштита, таа мора да се преточи во јасни норми и доследна примена“.

„Новото кривично дело е важен чекор затоа што конечно јасно ја именува и опфаќа злоупотребата на интимни фотографии, видеа или аудиоснимки без согласност, вклучително и нивно создавање или изменување со употреба на вештачка интелигенција, како и заканите за нивно објавување.

Со тоа институциите полесно ќе можат да ги препознаат овие случаи, кои досега често се третираа како злоупотреба на лични податоци, иако суштински станува збор за форма на родово засновано насилство.

Овие дела често се дел од поширок континуум на насилство, во кој интимните материјали се користат како средство за контрола, понижување, уцена или одмазда, особено по прекин на партнерска врска“, вели Мартина Дранговска Мартинова од Македонското здружение на млади правници (МЗМП).

Од МЗМП во текот на јавната расправа укажале на слабостите, но поднеле и амандмани за да се вклучат појаснувања кои би можеле да донесат поефективна заштита, но тие амандмани не биле усвоени од пратениците.

„Законот ова дело го поставува првенствено како повреда на приватноста, при што согласноста е централен елемент. Ова не ја одразува реалноста што ја гледаме во пракса. Овие случаи ретко се сведуваат само на нарушување на приватноста, тие најчесто претставуваат средство за понижување, контрола, закана и сексуална изнуда.

Новата ЕУ директива и пристапот на GREVIO ги третираат како форма на родово засновано насилство. Доколку оваа димензија не се вгради јасно во законската рамка, постои реален ризик таа да остане во втор план во судската пракса што директно ќе се одрази и на квалификацијата на делото и на степенот на заштита на жртвата,“ објаснува Дранговска Мартинова.

Таа потенцира дека одредбата го ограничува делото на сексуално-експлицитна содржина, но праксата покажува дека и интимни материјали без експлицитен сексуален чин или голотија можат да предизвикаат подеднакво сериозна повреда на достоинството и психолошката состојба на жртвата.

„Ризикот е ваквите случаи и понатаму да се квалификуваат како полесни повреди на приватноста, што испраќа проблематична порака дека тежината на штетата се мери според степенот на експлицитност, а не според реалните последици за жртвата. Кај делата сторени спрема деца мора да постои јасна црвена линија: членот 152-а не смее да стане полесна алтернатива за потешки кривични дела.

Доколку се исполнети елементите за производство или дистрибуција на детска порнографија, тоа мора да остане примарна квалификација без исклучок. Новата одредба треба да се користи како дополнителна алатка, за ситуации што не влегуваат во таа рамка, како закани или манипулирани содржини.

Во спротивно, ризикуваме да не го заштитиме детето, туку индиректно да ја олесниме положбата на сторителот. Дополнително пред Европскиот суд за човекови права веќе е комунициран предмет од кај нас што се однесува токму на неефикасна заштита од неовластено ширење на интимни содржини, при што Судот експлицитно го поставува прашањето дали во релевантниот период постоела соодветна и ефективна заштита во домашното кривично законодавство и во неговата примена,“ додава Дранговска Мартинова.

Според професорката од Правниот факултет во Битола, проф. д-р. Ангелина Станојоска и авторка на Прирачникот за справување со родови дезинформации и родово базирано насилство во дигиталниот простор во издание на Мрежа Стела, со новото кривично дело се укажува дека ваквото однесување е неприфатливо и дека претставува сериозна повреда на правото на приватен живот, непочитување на достоинството и загрозување на безбедноста на жртвите.

„Иако инкриминацијата на ова кривично дело е важен чекор, откривањето и санкционирањето на сторителите ќе зависи од капацитетите на институциите кои треба да го применуваат законот. Полицијата, јавното обвинителство и судството ќе треба да имаат соодветни знаења за дигиталното родово базирано насилство, како и пристап до техничка експертиза и дигитална форензика.

Во пракса, често се појавуваат предизвици во идентификацијата на сторителите, особено кога содржините се споделуваат преку странски платформи или анонимни профили. Затоа е неопходно континуирано обучување на институциите, развој на специјализирани единици за сајбер криминал и подобра меѓународна соработка. Дополнително, важно е институциите да бидат внимателни во односот кон жртвите на дигиталното родово базирано насилство, бидејќи многу често тие се соочуваат со стигма и страв од пријавување“, вели професорката.

Доказите ќе бидат клучни за судските постапки

За овие случаи да бидаат соодветно процесирани клучно ќе биде охрабрувањето на жртвата да пријави но и да има докази како скриншотови, линкови од платформи каде што се споделуваат фотографиите или видеата, метаподатоци од дигиталните содржини, како и податоци од социјалните мрежи.

„Институциите ќе треба тесно да соработуваат и заедно со експерти за компјутерски криминал, да го утврдат потеклото на содржината и сторителот кој ја објавил или ја дистрибуирал истата. За жртвите е важно што побрзо да ги документираат доказите (на пример да направат скриншот), да пријават во полиција и да побараат содржината да биде отстранета од платформите.

Дополнително, да се користат и механизми и преку самите социјални мрежи за пријавување на злоупотреба и објава на вакви содржини. Во однос на манипулациите со вештачка интелигенција, како што се дипфејк содржини, ова кривично дело може да ги опфати и тие ситуации доколку се работи за создавање или ширење интимни фотографии или видеа со цел да се повреди угледот, приватноста или достоинството на жртвата“, вели професорката Станојоска.

Дранговска Мартинова дополнува дека во случаи на манипулирана содржина, како дипфејкови, може да биде потребно и дигитално форензичко вештачење.

„Сепак, ефектот на новото дело ќе зависи од тоа дали институциите ќе имаат доволни технички капацитети и обучен кадар за да ги истражуваат овие случаи, како и од тоа колку доследно ќе се применува во пракса“, вели правничката.

Во нејзиното истражување „Зајакнување на правната заштита од сексуално насилство преку слики и дипфејк технологија“ во издание на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство – Глас против насилство, се вели дека неовластеното споделување на интимни слики, носи сериозни последици за жртвите, кои не се ограничени само на онлајн просторот, туку значително го нарушуваат нивниот живот и безбедност и офлајн. Жртвите на оваа форма на дигитално насилство често се соочуваат со зголемен ризик од демнење и физички напади, особено кога интимните слики се објавуваат заедно со лични информации како адреса и телефонски број.

Оваа ситуација создава длабока несигурност кај жртвите кои се плашат да ги напуштат своите домови и честопати страдаат од анксиозност, панични напади и депресија.Според едно истражување спроведено од Иницијативата за граѓански права на интернет, над 80% од жртвите на овој вид насилство доживуваат сериозен емоционален стрес и анксиозност.

Неовластеното споделување на интимни слики може да биде и особено деградирачка форма на сексуално вознемирување бидејќи ги изложува жртвите на нивната интимност на понижувачки начин. Оваа експлоатација води до „курвоклетство“ (slut-shaming) каде што жртвите се етикетирани и осудувани за нивната сексуалност, што дополнително го зголемува ризикот од насилни закани, вклучувајќи и закани за силување и убиство.

Жртвите често ги интернализираат овие закани, што значително го зголемува нивниот страв и страдање. Покрај тоа што предизвикува сериозни и често непоправливи штети на индивидуалните жртви, сексуалното насилство преку слики претставува и длабока форма на сексуална дискриминација која го нарушува основното право на еднаквост. Ова насилство не само што ја одзема контролата на жените над нивната интимност, туку и значително го ограничува нивното учество во јавниот и дигиталниот простор, создавајќи атмосфера на страв и несигурност.

Најекстремниот случај на неовластено споделување интимни фотографии и видеа кај нас беше „Јавна соба“ каде што беа споделени повеќе од 10.000 фотографии и видеа од жени и девојки меѓу повеќе од 7000 членови, кои беа мажи. Овој случај отвори голема јавна дебата и вклучување на граѓански организации, имаше и протести, а ги покажа и недостатоците на системот.

Официјалниот извештај на МВР вклучува информации дека кривичните дела во овој случај се според член 149 „Злоупотреба на лични податоци“ (67 дела), член 193 „Прикажување порнографски материјал на дете“ (15 дела) и член 193a „Производство и дистрибуција на детска порнографија“ (девет дела).

Сепак, покрај сите споменати кривични дела, случајот вклучуваше и неконсензуална интимна содржина, бидејќи во целиот случај беа вклучени многу жени и девојки чии фотографии и видеа, кои првично биле испратени на нивните поранешни партнери, беа споделени без нивна согласност.

Важно е да се напомене дека само две лица беа кривично гонети по службена должност (креаторот и администраторот на групата), а ниту еден член на групата не беше кривично гонет, бидејќи останатите кривични дела беа процесирани по пријава на жртвите. А жртвите, поради секундарна виктимизација, повторна виктимизација и стигматизација, дури и не пријавија ниту еден вид насилство. Таквиот резултат од истрагата ги охрабри сторителите, кои создадоа друга група на Телеграм, таканаречена „Јавна Соба 2“, а беше создадена и Ромска јавна соба за која не се најдоа сторителите и сè уште нема завршница.

Автор: Марта Стевковска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА