По најавите за нови законски измени во Законот за пушење, се отворија бројни прашања: дали конечно ќе се почитуваат законските прописи за пушење во затворени простории, дали казните ќе донесат реални промени и како овие мерки ќе влијаат врз младите и високата стапка на пушачи во земјава.
Со користењето на цигари особено засегнати се младите. Според истражувања на „Аналитика Тинк Тенк“, организација која со години ја анализира оваа проблематика, 40 проценти од малолетниците пушат цигари, а дел од нив првата ја пробале на 13 години.
Просечната возраст на која се започнува со пушење е 13,5 години, или децата во земјава првата цигара ја палат уште во основното училиште. Дури 74 проценти од младите почнуваат да пушат пред 13 години, а над 80 проценти од пушачите ја формираат навиката пред 25-годишна возраст.
Покрај тоа, 33 отсто од учениците на возраст од 15 и 16 години барем еднаш пробале цигара.
Според Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика Тинк Тенк“, бројките кои тие ги имаат добиено од направените истражувања и кои се однесуваат на младите се загрижувачки и итно треба да бидат преземени мерки.
„Последните истражувања покажуваат дека на дури 80 отсто од младите никогаш не им била забранета продажба на цигари. Тоа е алармантно. Имаме евтини цигари и лесен пристап, а тоа директно го поттикнува пушењето кај младите“, вели таа.
Нивната цел повеќе од 10 години е иста: да се намали употребата на тутун кај граѓаните, а со тоа и пушењето.
„Во 2010 година се направи навистина значаен чекор кога за првпат се воведе забрана за пушење во затворени простории и јавни простори. Подоцна, во 2018 година, со економетриски модели анализиравме дали таа забрана имала реално влијание. Резултатите покажаа драматичен пад на пушењето, што јасно ни укажа дека законските измени, кога се спроведуваат, имаат силен ефект“, изјави Мијовиќ Спасова.
Со донесените измени во 2017 година пак, критериумите за пушење беа олабавени, а резултатите штетни за граѓаните.
„Во 2017 година се дозволи повторно пушење во одредени затворени простории и тука, според нас, Македонија направи ретрограден чекор. До тогаш имавме добар закон и солидна имплементација. Со олабавувањето почна релативизирањето – се појавија разни ‘полузатворени’ тераси и импровизирани простори. Тогаш видовме дека законот престана да се спроведува, контролите потфрлија и до денес имаме пушење речиси на секое можно затворено место“, потенцираше Мијовиќ Спасова и додаде дека новите законски измени беа повеќе од потребни.
„Промената на законот беше повеќе од потребна, особено засилувањето на имплементацијата. Новина е зголемувањето на казните и тоа е оправдано, затоа што досега не видовме друга мерка што дала резултат кога станува збор за почитување на правилата“, децидна е нашата соговорничка.
Таа појаснува дека Македонија има најниска цена на цигарите во регионот и тука се неопходни промени.
„Во регионот Македонија има најниска цена на цигари. Ако цената се зголеми за 50 отсто, драматично ќе опадне пушењето. Дури и со зголемување од 10 отсто, би имале околу 5 отсто намалување на преваленцата. Дополнително, ќе се зголемат приходите кои може да се пренасочат кон програми за одвикнување од пушење. Дури и во најпесимистичко сценарио, ефектот би бил позитивен“, изјави таа.
Мијовиќ Спасова откри дека дури 48 отсто од населението пуши, а уште позагрижувачко е што таа бројка не се намалува.
„Можеби сме и единствена нација со речиси половина население пушачи. Го поздравуваме законот и се надеваме дека со овие измени луѓето барем ќе пушат помалку – а сметам дека токму тоа и ќе се случи. Но, апелираме дека законот не е единствената алатка. Особено кога станува збор за младите, цената на цигарите мора да се зголеми ако навистина сакаме да го намалиме пушењето“, децидна е Мијовиќ Спасова.
Предлогот на Закон за заштита од пушење е ставен на разгледување на ЕНЕР, а во краткиот опис за него се вели дека се уредува сеопфатна заштита на населението од штетните ефекти од употребата на тутун и други производи што содржат тутун и никотин, како и од изложеноста на тутунски чад во животната средина.
„Законот предвидува целосна забрана за пушење во јавни и работни простории, забрана за рекламирање, промоција и спонзорирање од страна на тутунската индустрија, регулирање на продажбата, прикажувањето и изложувањето на тутунски и никотински производи и уреди за нивна употреба, како и мерки за превенција, подигање на јавната свест и поддршка за прекин на зависноста.
Предложените мерки произлегуваат од високата распространетост на пушењето во Република Северна Македонија и значителниот здравствен, економски и социјален товар што тоа го создава, како и од потребата за поефикасна заштита на децата и младите. Предлог-законот е усогласен со меѓународните стандарди и европските политики за контрола на тутунот и има за цел долгорочно унапредување на јавното здравје,“ се вели во краткиот опис од страна на предлагачот Министерство за здравство.
Целта, како што велат од таму е, „да се обезбеди високо ниво на заштита на јавното здравје преку намалување на изложеноста на тутунски чад, спречување и намалување на употребата на тутун и никотински производи, особено кај децата и младите, и унапредување на здравата животна средина во согласност со меѓународните и европските стандарди.“
Автор: Кристијан Трајчов
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





![[Интервју] Психолог Ивана Маринчек: Од кризата може да се извлечат и големи лекции](https://pina.mk/wp-content/uploads/2020/03/IMG_20180816_131629-100x70.jpg)