Младите и на последните локални избори (2025) беа маргинално присутни во трката за локална власт. Неофицијалните податоци покажуваат дека нивното учество најчесто е симболично, додека на советничките листи од 10 600 кандидати, само 2 170 се млади кандидати (20.48%).
Билјана Стојческа, програмски координатор во Младински сојуз – Крушево, за ПИНА.мк вели дека политичкото учество на младите не може прецизно да се процени врз основа на официјални податоци, бидејќи такви податоци не постојат.
„Единствените релевантни информации со кои располага Младинскиот сојуз покажуваат дека само 1,27% од сите кандидатури за градоначалници ги поднеле млади лица. Во листите за советници, од вкупно 10.600 кандидати, 2.170 се млади“, потенцира Стојческа.
Според неа иако сè уште нема целосни податоци за конечната состојба по изборите, врз основа на достапното може да се заклучи дека младите главно го пополнуваат просторот или се маргинално застапени, наместо суштински да учествуваат и влијаат врз локалните политики.
Низа структурни бариери ги одвраќа младите од политичка активност
Стојческа посочува дека општествениот контекст во кој живеат младите луѓе претставува еден од најголемите предизвици за нивна кандидатура и активно учество на избори.
„За младите да се вклучат во политичките процеси, неопходно е да постои здрав и поттикнувачки општествен амбиент со квалитетни услови за политичко учество’’, вели таа.
Дополнително, младите често се перцепираат како демографска група без доволно искуство и знаење за преземање одговорни одлуки, што дополнително ги демотивира.
„Како резултат, моменталната средина не создава овозможувачки услови за доволен број млади лица да се кандидираат за градоначалници или советници, ниту пак да имаат рамноправна политичка видливост и влијание’’, додава Стојческа.
Таа потенцира дека списокот на пречки и предизвици за младинско политичко учество е долг и сложен.
„Првенствено, младите во нашата држава не се економски самостојна група, а системите во кои функционираат (семејството, образованието и политичките партии) често ги ограничуваат наместо да ги охрабруваат. Како зависна и ранлива група, младите се соочуваат со фундаментални животни предизвици, како обезбедување стабилни приходи, домување и основна сигурност, што го потиснува политичкото учество во втор план. Ваквата реалност создава структурни бариери што ги одвраќаат младите од активна политичка и општествена ангажираност’’, вели Стојческа.
Во однос на напредокот на младинската политичка вклученост на последните три локални изборни циклуси, Стојческа забележува одреден напредок, но тој е минимален.
„И покрај очекувањата дека Законот за младинско учество ќе го зајакне младинското политичко учество, во пракса не забележуваме „голем скок“ во промените, туку постепени, мали и бавни поместувања. Ова укажува дека системските реформи а и генерално општеството сè уште не создаваат доволно силни поттикнувачки механизми за младинска политичка активација и претставеност’’, вели таа.
Според првичните резултати од Индексот за младинско учество 2024, од 81 општина само еден млад градоначалник
Стојческа посочува дека првичните резултати од Индексот за младинско учество 2024, покажуваат дека од 81 општина само еден градоначалник е млад човек.
„Комплетниот Индекс за 2024 ќе биде објавен на крајот од годината и ќе понуди целосен, релевантен и споредлив увид во состојбата со младинското учество на локално ниво. Новите податоци за градоначалниците и локалното политичко учество ќе бидат обработени во рамки на Индексот за младинско учество 2025’’, додава таа.
За младите повеќе да се вклучат во политичките процеси, Стојческа истакнува дека зајакнувањето на младите мора да се случува во сите екосистеми во кои тие функционираат.
„Околината за политичко учество треба да биде овозможувачка, поттикнувачка и поддржувачка, наместо да ги обесхрабрува или одвраќа. Само со создавање здрави општествени, институционални и економски услови може да се очекува вистинско и суштинско младинско политичко учество’’, заклучува Билјана, програмски координатор во Младински сојуз – Крушево.
Дали младите се само декор на кандидатските листи?
Ристо Савески, претседател на Младинскиот образовен форум – МОФ за ПИНА.мк вели дека учеството на младите на последните локални избори беше на многу ниско ниво.
„Од аспект на пасивното избирачко право, анализата на кандидатските листи за градоначалници и советници, се гледа дека само 20,47% се млади, а за градоначалници само 1,27%. Иако се два различни изборни циклуси и процеси, меѓутоа клучно е да се напомене дека на последните парламентарни избори, процентот на застапеност на млади луѓе, е 14,6%“, истакнува тој.
Тој потенцира дека зад бројките и процентите, застапеноста на младите на кандидатските листи за советници, е само симболична. Односно дека младите служат само за да ги пополнат „долните“ позиции на листите, или доколку некој „среќен“ млад се појави на повисоките позиции, е само за да се покаже инклузивност.
„Во главно, политичкото тактизирање на партиите е младите да се стават на „недобитни“ позиции’’, додава Савески.
Тактизирањето на политичките партии и недовербата во политиката создаваат незаинтересираност кај младите
Савески смета дека покрај тактизирањето на политичките партии, младите да бидат само декор на кандидатските листи, голем удел во неостварување на пасивното избирачко право на младите, е нивната незаинтересираност.
„Генерално сметам дека младите имаат развиено некој амбивалентен однос кон политиката, според кој, 78% од нив сметаат дека политиката не е само работа на политичарите, но само 25,6% се активни во било каква смисла, односно само 9,9% од младите се решаваат да се вклучат во политички партии’’, посочува Савески.
Понатаму, тој истакнува дека генерално владее недоверба дека може да се направи некаков вид на промена. Доколку на некој млад му се „поклопат коцките“ да се најде на повисоките позиции на кандидатските листи за советници, односно градоначалници, постои огромно ниво на скептицизам дека своите идеи може да ги имплементира и дека може да направи промена на општеството кон подобро.
Бројките бележат напредок во младинската политичка вклученост
Во однос на тоа дали е зголемена младинската политичка вклученост на последните три локални изборни циклуси, Савески вели дека контекстуално се има подобрена состојбата за поголема мотивација за вклучување.
„Од 2013 година, сè повеќе се регулира младинскиот статус, се преземаа низа мерки од граѓанскиот сектор и државата за овозможување на подобар младински стандард. Истовремено, голем број на граѓански организации работеа на зголемување на јавната свест за младинско учество и креирање на локални стратегии за млади, кои повторно работеа на создавање на платформи и можности за поголемо младинско учество’’, потенцира тој.
Гледајќи ги бројките, на локалните избори во 2017 година нема ниту еден градоначалник кој спаѓа во категоријата млади, а во 2021 година само 2% од градоначалниците се млади, а 17,4% се избрани советници.
Така што, Савески вели дека може да се заклучи дека бројките умерено се подобруваат, но ситуацијата е далеку од минимална.
Решението мора да биде системско
Ристо Савески вели дека гледа негативно на квотите, бидејќи истите се мерка за позитивна дискриминација. Но понекогаш е начин да се наметне тренд да не се заборават младите на кандидатските листи.
„Во секој случај, квотите и клучевите, треба да служат само како транзициска алатка, за по некоја година, и без квоти, да знаеме дека младите треба да бидат подеднакво вклучени на кандидатските листи’’, потенцира тој.
Што се однесува до воопшто поголемата вклученост на младите во политичките процеси, Савески смета дека, како и секој друг проблем во општеството, решението треба да е мултидисциплинарно.
„За да се создаде подобра атмосфера, во која младите не гледаат со анимозитет кон било каква форма на политичко учество, политичарите треба да работаат кон подобри политики и механизми, преку подобрување на образованието, младинскиот стандард, можностите за вработување на млади, можности за размени, социјализација, спорт и рекреација, подобрени здравствени услуги и сите други области кои ги тангираат младите“, истакнува Савески.
Од Државната изборна комисија побаравме податоци за застапеноста на млади кандидати (до 29 години) на локалните избори во 2017, 2021 и 2025 година, но до објавувањето на текстот не добивме одговор.
Авторка: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





