Во Македонија над 114.000 лица боледуваат од дијабетес, од кои 45.000 се на
инсулинска терапија или 7,6 отсто од населението.
Веќе 3 години, глуво слово на хартија се барањата на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес Македонија (СЗДСМ) за квалитетни инсулини и иновативни терапии за лицата со дијабетес, јавно упатени до Владата на Република Северна Македонија односно Министерство за здравство (МЗ) и Фонд за здравствено осигурување (ФЗО).
Бараат задржување на нивото на квалитет на инсулини, поквалитетни достапни помагала (глукомери, ленти и ланцети и др.) и обезбедување сензори за континуирано мерење на нивото на гликоза во крвта (ЦГМ сензори – Continuous Glucose Monitor) и инсулински пумпи за сите 3.500 граѓани кои живеат со тип 1 дијабетес (Т1Д) и за сите 2. 000 лица со тип 2 дијабет (Т2Д) со здравствени компликации. Сметаат дека немаат право на избор, ограничен им е пристапот до новите технологии кои спасуваат животи и се чувствуваат дискриминирано. Постојано прават притисок, за одвојување на дополнителни средства за набавка на сензори и пумпи, до креаторите на здравствените политики во Владата, од каде пак, тврдат дека дијабетичарите во државава имаат достапна современа терапија, а со новата јавна набавка за 2025 година има зголемување на бројот на инсулински пумпи за 30 отсто повеќе од претходната јавна набавка.
„Во Македонија достапна е целосно најсовремена инсулинска терапија, но пациентите сѐ уште не може да избираат сами кој бренд на инсулин ќе го користат, по генерика го одредува специјалист. Имаме редуцирана дистрибуција на терапија која ја контролира МЗ. Неколку месеци јавно алармираме, но одговорот на терен е спор и сѐ уште има пренамени на пациенти со инсулинска терапија, што е недозволиво медицински. Имаме глукомери и ленти кои не се произведуваат повеќе од 3 години.
Немаме помагала кои даваат минимум квалитет на менаџирање со дијабетес, затоа што во МЗ единствен критериум за избор е најниска цена, не квалитет и стандарди кои се усогласени со Европска агенција за медицина, ниту пак со референтните држави со кои не’ споредуваат. Бројот на ленти ниту на Тип 2 ниту на лицата со Тип 1 од далеку не ги задоволуваат основните потребите за мерење гликемија. За достапноста со сензори, благодарни сме што државата успеа да се одважи да ги добијат сите деца и млади до 25 години со Т1 дијабетес, но тоа е само 7% од сите лица со Т1Д во Македонија, заедно со лицата со попречен вид, а имаат дијабетес и гестациски дијабетес и неколку пациенти кои се со сериозни комобордитети. Далеку сме од задоволни за достапноста на сензори за лицата на кои живот им значат. Од 5 регистрирани во Македонија, достапни се 2 сензори за кои одлучуваат клиниките и МЗ, не е право на избор на пациентот. Тоа е системската грешка – таков е закон за јавни набавки“, вели Димче Велев, претседател на Сојузот на здруженија на лица со дијабетес Македонија (СЗДСМ).
Според него, најголем е проблемот со недостаток на инсулински пумпи. Во државава има околу 270 лица со пумпа од претпоследна серија на пумпи.
„Не се достапни најновите и современи системи кои се нарекуваат затворени системи „сензори и пумпа со еден чип“ живот т.н. со екстерен панкреас или печ или нано пумпи, за кои Македонија реши да набави само за 15 лица. Нашата битка за пумпи е најголема, пред сѐ за бројот на лица на кои е поставена, и дискриминацијата која се врши преку одлуки кои наместо докторите кои дијагностицирале, решаваат други доктори. Именувана е Национална комисија за дијабетес, која одлучува што финално ќе му предложи на МЗ да додели и кога. Потоа МЗ решава за колку време ќе ја спроведе и таа одлука или препорака“, објаснува Велев.
Тој се надеваме дека МЗ и Владата ќе ги променат програмите за дијабетес и преку ФЗОМ ќе се овозможи секое лице со дијабетес, на инсулинска терапија во својата аптека по референтна цена да има право на личен избор и квалитет за да може нормално да живеат.
Дијабетес тип 1 се јавува кога телото не произведува инсулин, додека тип 2 се случува кога не може правилно да го користи. Според податоците од СЗДСМ, во Македонија над 114.000 лица боледуваат од дијабетес, од кои 45.000 се на инсулинска терапија или 7,6 отсто од населението.
Обврска на државата е грижата за најзагрозените лица со дијабетес, согласно Законот за здравствена заштита и начелото на квалитетен и сигурен здравствен третман. Сензорите им помагаат на луѓето 1 да одржуваат подобра контрола на гликозата во крвтано намалувајќи го ризикот од компликации и вкупни трошоци за здравствена заштита. За 1 инвестирано евро, се добива 6 евра заштеда од спречени третмани на компликации, тврдат од СЗДЛМ.
Министерството за здравство, тврди дека во континуитет обезбедува висококвалитетен инсулин. По барање на инсулинските аптеки и по анализа на залихите и просечната потрошувачка во претходните три месеци во системот Мој термин, по потреба, и вонредно се испорачуваат и надоместуваат потребните количини инсулини. Фирмите кои ги испорачуваат инсулинските терапии се светски-реномирани компании, кои доставуваат на увид сертификат за квалитет од производителот. Постапката за прием на инсулините и медицинските средства се прави заедно со Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД, како надлежна институција.
„Во рамки на Програмата на МЗ, во моментот на инсулинска пумпа има околу 300
пациенти. Јавната двогодишна набавка во 2023 година беше реализирана за 70 нови
инсулински пумпи, а со новата јавна набавка за 2025 година има зголемување на бројот на инсулински пумпи на 90, односно за 30% повеќе од претходната јавна набавка“, одговорија за ПИНА, од Министерството за здравство.
Според нив, Министерството за здравство постојано прави напори да ги задоволи потребите на пациентите со тип 1 дијабет од инсулински пумпи и сензори за континуирано мерење, со зголемување на нивниот број, согласно одобрените буџетски средства.
За предизвиците со кои се соочувааат дијабетичарите во земјава од Сојузот на дијабетичари на Македонија бараат континуирано да се следи дијабетесот за да не се предизвикаат несакани последици. Лицата со дијабетес коментираат дека лицата со тип 1 дијабетес немаат време за чекање.
,,Ние не чекаме ред за билет во кино. Ние чекаме опрема која ни е живот! Ни требаат инсулински пумпи, современи глукометри со право на избор и ЦГМ системи – СЕГА, не по години чекање! Секое одложување е ризик, болка и страв. Секој ден без овие помагала е борба за живот. Државата мора да покаже дека животот на лицата со дијабетес е подеднакво вреден. Инаку, тоа е чиста дискриминација. Нашите животи вредат исто колку и на сите други“, пишуваат на ФБ страницата на Дијабетес Македонија.
Дијабетичарите имаат право на навремена и квалитетна терапија, а недостигот на инсулин, сензори и инсулински пумпи сериозно го нарушува тоа право, достоинството на овие граѓани и го зголемуваат ризикот од тешки здравствени последици.
„Народниот правобранител и во минатото реагираше до Министерството за здравство со свои мислења и препораки, укажувајќи дека само со систематски и навремен приод од страна на надлежните институции може да се обезбеди континуирано снабдување и да се елиминираат овие проблеми. Навремено и целосно снабдување со терапија, како и со сите потребни инсулински игли, тест ленти за проверка на гликозата и апаратчиња за нивна примена, претставува основно право на пациентите и обврска на држават. Современите медицински технологии, како инсулинските пумпи и сензорите за деца со дијабетес, треба да се третираат како неопходни средства за заштита на здравјето и за обезбедување на еднаков и квалитетен живот. Оттука, недостапноста на овие медицински помагала претставува повреда на човекови права – правото на здравје, еднаков пристап до здравствена заштита и квалитетен живот“, го пренесува ставот м-р Васка Бајрамовска – Мустафа, државен советник на Народниот правобранител.
Канцеларијата на Народниот правобранител потсетува дека грижата за лицата со дијабетес е инвестиција во здраво општество, намалување на компликации и долгорочни здравствени трошоци и во таа насока. Апелира до надлежните органи да преземат итни мерки со кои ќе се обезбеди редовна, достапна и квалитетна терапија за лицата со дијабетес, како и пристап до современи медицински помагала. Само на тој начин државата може да ја исполни својата обврска за заштита на здравјето и достоинството на овие граѓани.
Државниот завод за ревизија направил Ревизија за набавката на глукемри и ленти во 2023 година. Во овој извештај се наведени состојбите кои ги имаме утврдено за начинот на кој се спроведува „Програма за обезбедување на инсулин, глукагон, инсулински игли и ленти за мерење шеќер, инсулински пумпи со потрошен материјал и сензори за континуирано мерење на гликемија“.
Во извештајот е истакнато дека не е обезбедена редовна контрола на залихите на Инсулин бидејќи не се усогласени податоците за залихи на инсулин во Јавните здравствени установи со податоците во системот „Мој Термин“.
„Преку набавка на системи за следење (мониторирање) на гликоза базиран на сензори, набавени се два системи со различни технички карактеристики кои имаат иста функционалност при реална употреба. Утврдивме дека отсуствува категоризација на пациенти со која ќе се утврди типот на систем кој ќе го користи пациентот, а распределбата на системите не се врши согласно дијагнозата на пациентите, туку се врши наизменично на дневно ниво. Односно, во еден ден се издава само еден тип на системи, додека другиот тип се издава во наредниот ден“, информираа од Државниот завод за ревизија.
Од страна на Државниот завод за ревизија, дадени се и препораки за преземање на активности за спроведување на превентивните активности предвидени со програмата. Спроведувањето на препораките ќе биде предмет на ревизија по истекување на законскиот рок за нивно спроведување.
Минатата година, на Светскиот ден на дијабетесот, од прилепската болница најавија отворање на првиот дијабет центар кој што е лоциран надвор од главниот град на државата. Со тоа ќе се намалат трошоците на пациентите од пелагонискиот регион.
„Ќе ангажираме доктори ендокринолози од Клиниката за ендокринологија и од Клиниката за педијатрија, пациентите не патуваат до Скопје и контролите да ги прават во Прилеп. Го чекаме апаратот кој е донација од Ново нордиск. Просторот е ентериерно уреден“ вели Кире Јоноски, директор на општа болница Прилеп. Вакви центри порано имало во Битола и Велес.
Авторка: Светлана Ристеска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за новинарки на ПИНА





