Речиси на секој чекор низ македонските градови, главен декор во деловните простории на старите, но и новите згради се обложувалниците, казината и автомат клубовите. Можат да се забележат веднаш до пекари, аптеки, па дури и училишта – основни и средни. Не постои населено место, без разлика на бројот на жители каде нема барем едно место каде граѓаните можат да играат игри на среќа.
Обложувалници на секој чекор – од пекари до училишта
Во последната деценија, оваа индустрија во Македонија доживеа енормен раст. Се повеќе фирми добиваа лиценци за работа, а бројот на физички локации кои нудат вакви можности се зголемуваа од година в година. Државата профитира, буџетот се полни со десетици милиони евра годишно само од лиценци и даноци, но што се случува со граѓаните, семејствата и младите кои секојдневно се изложени на оваа лесна достапност?
Играњето на игри на среќа како појава е подеднакво ризична за секоја генерација, а пособено ранлива категорија се младите кои барајќи стимул за адреналин или пак брзо решение за добивање на навидум „лесни“ пари, многу често стекнуваат и завист од коцкање. Токму зависноста, не е само индивидуален проблем – таа повлекува цели семејства, води до долгови, криминал, а често и до депресија.
Според социолозите, најранливата категорија се младите, особено момчињата помеѓу 15 и 25 години. Во време кога сѐ е достапно на само еден клик преку мобилен телефон, коцкањето многу лесно се пресели и на онлајн платформите, со само неколку кликови и достапност до дебитна картичка секој може лесно да уплати тикет или да се приклучи во одредени други игри на среќи. Професорот и социолог Илија Ацески за Пина.мк вели дека постојат неколку фактори кои ги поттикнуваат младите да започнат со коцкање, а тие се главно од сферата на образованието кое според него не овозможува доволно материја и вредности кои ќе укажат на штетните последици од таквото однесување и таквите животни навики.
„Нашето образование, особено основното и средното во голем дел многу малку имаат содржини кои укажуваат на тоа како може да биде коцкањето доста штетна работа. Човекот е склон кон тоа да го прифати фактот дека постои некаков начин кој од корен ќе ги промени неговите услови на живеење. Тоа во комбинација и контекст на општество каде што ги нема тие елементарни вредности кои би требало да се создаваат кај младите, се формира личност која многу лесно пристапува кон таквиот начин на функционирање и последиците се катастрофални“ вели професор д-р Ацески.
Тој дополнително вели дека во јавниот простор постои една агресивност во рекламирањето која упатува на тоа дека играта на среќа е една многу корисна која може да предизвика и да го промени човековиот живот на подобро. Дополнително, вели, контролите на објектите се ретки, а државата често замижува и наместо да се бори за регулација, најчесто го дели колачот со моќниците поради големите даноци за игрите на среќа кои се слеваат во државниот трезор.
„Проблемот или феноменот е многу тежок, ако еден човек во неговото ментална структура и однесување уште на млади години се навикне и ги прифати тие правила на игра дека до профит може да се дојде на многу лесен начин, тоа создава долгорочно ментално осакатување на овие луѓе. Тоа е трагична компонента од игрите на среќа, оти со зависта следува и финансиски и општествени проблеми. Во таа ментална структура се формира сфера дека лесно може да се дојде до заработувачка, а не да се изгуби и тоа е фатално“, смета професорот.
Според него, посебен фокус треба да се стави на онлајн платформите кои нудат игри на среќа, оти таму регулацијата е ниска и сѐ е лесно достапно за секого. За оваа појава вели, потребно е да се укажува уште во процесот на образованието, оти сега сѐ е достапно на интернет, а денешните деца и млади не се наивни.
Клиниката за психијатрија отвори нов кабинет за третман
Клиничките искуства се алармантни, а од неодамна, од крајот на 2024-та година, во склоп на Унивезитетската клиника за психијатрија беше отворен Центар за зависности. Директорката на Психијатрија, д-р Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска за Пина.мк вели дека во тек на изминатите години забележале пораст на пациенти поврзани со зависничко однесување, односно овој пораст бил најзабележителен во тек на ковид кризата, па оттука се појавила и потребата за воведување на нови начини за третман на овие пациенти.
„Водени од оваа потреба на почетокот на пандемијата работевме со овие пациенти индивидуално, но и групно во рамки на дневната болница на Клиниката за психијатрија. Актуелно оваа дејност ја проширивме со отворање нов кабинет за треман на пациенти со зависничко коцкање, интернет зависност или злоупотреба на алкохол или психоактивни супстанции. Кабинетот функционира во рамки на Клиниката во тек на втора смена, а пациентите се упатуваат и закажуваат преку системот Мој термин“, вели директорката Арсова Хаџи-Анѓелковска.
Оттаму информираат и дека кабинетот го водат психијатри-психотерапевти, како и клинички психолози, но и оти потешкотиите врзани со зависничко коцкање или пак интернет зависност се сериозни и деликатни за третман. Дополнително, велат дека зависничкото коцкање, како и интернет зависноста се во раст секаде во светот и имаат не само здравствени, туку и општествени последици.
„Опфаќаат пациенти од двата пола, на различна возраст, со особен ризик за адолесцентната популација. Достапноста на онлајн коцкањето уште повеќе го зголемува ризикот од зависничко коцкање, кое пак многу често е врзано со други зависности, а последиците се здравствени, психолошки, економски како и социјални. Имено, лицата кои имаат потешкотии со која било зависност имаат значајно нарушување на квалитетот на живот, сѐ се врти околу предметот на зависност, се занемаруват личните потреби, страдаат професионално, како и академски со пад на функционалноста на работно место или училиште, а потоа следат семејни конфликтни ситуации поврзано со бројните последици од ова однесување“ изјави Славица Арсова Хаџи-Анѓелковска.
Статистика што загрижува
Според одредени регионални истражувања спроведени во регионот и земјава се забележува дека се поголем број на млади лица се изложени на ризик од зависност од игри насреќа. Од вкупно 214 испитаници на возраст до 25 години, дури 71 отсто изјавиле дека играле игри на среќа, а 17.8 отсто се чувствуваат зависни – се вели во истражувањето на Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Особено алармантен е податокот што половина од младите кои учествувале во фокус-групите играат игри на среќа секој ден, што сериозно го зголемува ризикот од патолошка зависност. Повеќето испитаници или 84 отсто рекле дека лично познаваат млади под 25 години кои имаат проблем со зависност од коцкање. Од нив, 39.3 отсто познаваат повеќе од десет лица со ваква зависност.
Истражувањето открива дека само 19,2% од испитаниците виделе информација во објектите за можноста од зависност, а уште помалку – само 7,5% – забележале податоци каде може да се побара стручна помош.
Дури 81% од младите сметаат дека нивните врсници не се доволно информирани за опасностите од зависност од коцкање. Ова е особено важно во контекст на тоа што 75% од испитаниците живеат во градски средини, а повеќето се или вработени (54,2%) или студенти (30,4%).

Ниту една централна власт досега не развила стратегија за системска борба против овој порок
Проблемот е системски, државата нема унифициран третман на зависност од коцкање, а дополнително, образовниот систем воопшто не обработува теми за коцкарската зависност, а рекламите за игри на среќа и понатаму се присутни на билборди, телевизија, па дури и на автобуси од Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје. Иако постојат неколку иницијативи за ограничување на пристапот до игри на среќа, нивното спроведување е проблематично. Во јавноста неретко се водат дебати за потребата за регулација на овој сектор и заштита на младите.
Во 2021 и 2023 година беа предложени измени на Законот за игри на среќа, со кои објектите за коцкање би требало да бидат најмалку на 500 метри од училишта и други чувствителни објекти. Законот помина низ собранискиот филтер, но тогашниот претседател Стево Пендаровски одлучи да не ги аминува, што пак предизвика реакции во јавноста.
Актуелната влада, во обид да го регулира и дестимулира овој феномен особено кај нелегалните онлајн игри на среќа, започна со блокирање на веб-страници кои нудат коцкање без соодветна лиценца. Според официјалните информации, блокирани се повеќе од стотина домени кои досега нелегално оперирале на македонскиот пазар. Овој потег дојде како одговор на долгогодишните апели од стручната јавност и граѓанските организации кои укажуваа на лесната достапност на нерегулираното онлајн коцкање и неговото деструктивно влијание врз младата популација, бидејќи иако Законот за игри на среќа е дециден и предвидува строги правила за лиценцирање, многу странски и домашни субјекти успеваа да го заобиколат законот нудејќи можност на граѓаните да се коцкаат преку интернет платформи. Или поточно, само во периодот од мај до јуни годинава, блокирани беа над 220 веб-страници кои нудеа можности за онлајн-казино и спортско обложување без лиценца.

Проблемот со коцкањето – легалното и нелегалното се чини ќе остане сериозен предизвик за македонското општество. Иако системот започна со одредени чекори во борбата против една од помодерните „болести“ на 21 век, сепак се нотира дека без системска и координирана стратегија, која ќе вклучува едукација, превенција, психолошка поддршка и социјална одговорност, штетите од зависноста ќе продолжат да се мултиплицираат. Токму затоа, потребна е сериозна мобилизација на сите чинители во општеството – од институции, до училишта и граѓански сектор, за да се заштитат младите од замката на „брзата среќа“ која честопати води кон долготрајни долгови и несреќа.
Автор: Михаил Милошевски
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





