За скоро 15 години во Македонија повеќе од 300 девојчиња, помлади од 15 години, станале мајки. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика до 2024 година.
Низ годините бројот на породувања на малолетнички се намалува, при што најмалку – 12 живородени деца се евидентирани во 2024 година, додека најмногу, 26, биле регистрирани во 2010 година.
Тренд на намалување е забележан и кај адолесцентките на возраст од 15 до 19 години, каде бројот на породувања се намалил од 1.455 во 2010 година на 588 во 2024 година.
Професорката Јадранка Георгиевска, супспецијалист по перинатологија и шеф на оддел за ургентна и интервентна гинекологија при Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје вели дека во 2025 година на Клиниката се породиле 51 малолетна пациентка, а од почетокот на 2026 година досега, 30 пациентки.
„Најмладата пациентка беше родена во 2011 година“, вели Георгиевска.
Зголемена популаризација на медикаментозниот абортус – лани извршен кај 9, годинава кај 15 малолетнички
Статистиката покажува дека во текот на 2025 година од 754 медицински абортуси извршени на ГАК, 16 пациентки биле малолетни, а три на возраст под 15 години.
Истата година се бележат 188 абортуси со таблети, додека абортус со посебна медицинска постапка бил извршен кај 4 пациентки. Во оваа група имало девет малолетни пациентки, од нив две на возраст помала од 15 години.
Во 2026 година досега бил направен таблетарен абортус кај 15 малолетни пациентки, од кои две на возраст под 15 години.

„Овие податоци укажуваат на пораст на малолетнички абортуси во последната година и половина во однос на претходните години“, посочува Георгиевска.
Според неа, ова делумно се должи и на поголемата популаризација на медикаментозниот абортус кој воглавно се изведува на ГАК, како и на зголемената доверба во неговото изведување на клиниката.
Георгиевска посочува дека малолетните пациентки најчесто се соочуваат со недоволна психичка и физичка зрелост за родителство, финансиска несигурност, недостиг од семејна поддршка и слаба информираност за контрацепција.
„Честопати младите девојки се одлучуваат за прекин на бременоста затоа што бременоста не била планирана и не се чувствуваат подготвени да станат мајки“, вели таа.

Клучно е младите да се едуцираат и да имаат пристап до контрацептиви
За намалување на стапката на малолетнички бремености и абортуси, Георгиевска смета дека е потребна поголема информираност за контрацепција и подобар пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје.
Според неа, најмалку еден контрацептив треба да биде ставен на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување, со што би станал подостапен за младите.
Таа предлага и отворање на повеќе младински советувалишта каде младите ќе можат бесплатно да добијат советување, контрацепција, тестирање за сексуално преносливи заболувања и стручна поддршка за прашања поврзани со сексуалното и репродуктивното здравје. Тие би можеле да изработат и разни брошури и едукативен материјал кој бесплатно би им се делел на младите лица.
„Доколку малолетничка одлучи да ја задржи бременоста, потребна е поддршка од целото општество, од семејството, социјалните служби, да им се помогне на младите околу вработување, бесплатна градинка, решавање на станбено прашање. Потребна е едукација на младите и низ образовниот систем преку разни работилници, семинари, едукативни предавања за сексуалното и репродуктивно здравје, едукативни натписи по списанија, едукативни предавања преку телевизија и други медиуми од стручни лица од оваа област“, вели доктор Георгиевска.
Превенцијата е прашање образование, социјална заштита, родова еднаквост и пристап до здравствени услуги
Од ХЕРА во изјава за ПИНА велат дека малолетничката и непланирана бременост не е прашање само на „индивидуална одговорност“ на младите, туку комплексен општествен и јавно-здравствен проблем кој е тесно поврзан со сиромаштијата, родовата нееднаквост, ограничениот пристап до образование и здравствени услуги, како и недоволната системска поддршка за младите.
Тие посочуваат дека младите во Македонија сè уште растат во средина каде сексуалноста е табу тема и дома и во училиштата.
„Истражувањата на ХЕРА покажуваат дека само 13% од учениците учеле за кондом, а само 2% за орална контрацепција, што укажува дека младите не добиваат доволно навремени и научно засновани информации“, велат од организацијата.
Оттаму додаваат дека младите најчесто првите информации ги добиваат од интернет, врсници или социјални мрежи, наместо од образовниот систем или здравствени професионалци, што директно го зголемува ризикот од непланирана бременост. Дополнително, нагласуваат дека кај девојчињата од социјално ранливи заедници ризикот е уште поголем поради сиромаштија, прекин на образованието и рани бракови.
„Во рамки на младинските центри ‘Сакам да знам’, кои ги раководиме во Водно и Шуто Оризари, повремено ни се обраќаат малолетни девојки кои се соочуваат со непланирана бременост, веќе родиле или живеат во брачна или вонбрачна заедница“, посочуваат од ХЕРА.
„Ова особено го забележуваме во работата на младинскиот центар во Шуто Оризари, каде што дел од девојките бараат информации, советување и пристап до бесплатна контрацепција“, велат од организацијата.
Од ХЕРА велат дека искуството од терен покажува ризик дел од малолетничките породувања да останат недоволно видливи за институциите, особено кај девојчиња со ограничен пристап до здравствени и социјални услуги или во средини каде малолетничките бремености и раните бракови се нормализирани.
Тие додаваат дека најчестите предизвици со кои се соочуваат се недоверба кон институциите, страв од осуда, недоволна информираност за правата и услугите, прекин на образование, како и финансиски и географски ограничувања.
„Токму затоа е особено важно институциите да развиваат проактивни и теренски пристапи, а младите да имаат доверливи, бесплатни и пријателски услуги каде што ќе можат навремено да добијат поддршка“, велат од ХЕРА.
„Младинските центри ‘Сакам да знам’ обезбедуваат бесплатни и доверливи услуги за младите, вклучително советување за сексуално и репродуктивно здравје, бесплатна контрацепција, врсничка едукација и упатување кон соодветни здравствени и социјални услуги“, додаваат од организацијата.
Државите со воведено сексуално образование со пониски стапки на тинејџерска бременост и абортуси
Во однос на превенцијата, од ХЕРА велат дека недостигот од сеопфатно сексуално образование има директно влијание врз појавата на малолетничка и непланирана бременост. Тие појаснуваат дека тоа опфаќа теми како што се телесен развој, емоции, согласност, врски, насилство, родова еднаквост, контрацепција, сексуално и репродуктивно здравје и носење информирани одлуки.
„Искуствата од европските земји покажуваат дека државите со долгогодишно системски воведено сеопфатно сексуално образование имаат пониски стапки на тинејџерска бременост и абортуси, додека насоките на СЗО укажуваат дека сеопфатното сексуално образование придонесува за подоцнежно започнување на сексуални односи, поголема употреба на контрацепција и намалување на ризичното сексуално однесување кај младите“, велат од ХЕРА.
Тие посочуваат и на податоци презентирани од ХЕРА и Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА според кои во земјава само 1,6 % од младите до 29 години користат орална контрацепција, а 12,8 % користат модерни контрацептивни средства, додека просечната возраст на прв сексуален однос е околу 15 години, што не е случај во земјите каде сексуалното образование е интегрирано во образовниот систем.
Според нив клучно е воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата, достапни младински здравствени услуги, посилна меѓуинституционална соработка и подобра координација меѓу образовниот, здравствениот и социјалниот систем.
Раните бракови сѐ уште се гледаат како излез од сиромаштијата
Од Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ велат дека малолетничката бременост претставува повреда на правата на детето, бидејќи со прераното забременување се повредуваат основните права на децата за оптимален психо-физички развој, заштита на нивното здравје и остварување на правото на образование.
Од „Меѓаши“ посочуваат дека ваквите случаи ретко се пријавуваат на линиите за помош Ало Бушавко. Годинава добиле една пријава за малолетно девојче кое било силувано и останало бремено, по што случајот бил пријавен во полиција и во Центарот за социјални работи. Сличен случај бил евидентиран и минатата година.
„Во нашето општество често се случува родителите кои се необразовани и се социјално загрозени семејства да инсистираат нивното дете порано да стапи во брак, со цел да го спасат од сиромаштија. Најчесто тоа е дел од културата која транс-генерациски се пренесува како модел на однесување“, велат од Меѓаши.
Тие предупредуваат дека кога дете станува родител, се отвора прашањето за неговата подготвеност да се грижи за сопствено семејство, додека и самото сè уште ужива права кои му припаѓаат како на дете.
Од Меѓаши сметаат дека вклучувањето на сексуалното образование во формалното образование е само еден од начините да се зголеми свеста и да се пролонгира раното стапување во брак, а со тоа постепено и да се реши овој проблем.
Според нив потребни се дополнителни напори, поадекватна заштита на младите, кампањи и едукации кои треба да се спроведуваат и во рамки на надлежните институции.
„Повеќе од потребен е кадар кој ќе работи на терен исклучително со семејствата и ранливите групи за зголемување на свеста за последиците од малолетничките бракови и какво влијание имаат тие врз психо-физичкиот развој кај децата“, велат оттаму.
Потребен е систем кој ќе реагира со заштита, не со стигматизација
Ана Попризова, училиштен психолог и Гешталт психотерапевт, за ПИНА вели дека малолетничката бременост може да има сериозни последици врз психолошкиот, емоционалниот, образовниот и социјалниот развој на младите девојки.

„Во период кога младата личност сè уште го формира својот идентитет, емоционална стабилност и животни цели, ненадејното преземање на улогата на родител претставува голем товар“, вели таа.
Малолетничката бременост може да доведе до прекин на образованието, социјална изолација, финансиска зависност и ограничени можности за понатамошен личен и професионален развој. Кај некои девојки постои и зголемен ризик од трауматски искуства, насилство или партнерски односи со нееднаква моќ, додава таа.
„Стигмата и осудата исто така имаат многу силно влијание врз менталното здравје на малолетните девојки кои се соочуваат со бременост. Наместо поддршка, тие често добиваат критика, етикетирање и социјално отфрлање од врсници, институции, па дури и од сопственото семејство“, вели Попризова.
Додава дека оваа состојба може да предизвика чувство на срам, ниска самодоверба, повлекување, депресивни реакции и чувство дека се неприфатени од околината. Попризова посочува дека на малолетните мајки им недостасува комбинирана поддршка – семејна, институционална и психолошка.
„Од институционален аспект, често недостига координирана помош помеѓу училиштата, здравствените и социјалните служби, како и програми кои ќе овозможат младата мајка да продолжи со образованието и да добие психосоцијална поддршка. Психолошката поддршка е особено важна, бидејќи овие девојки често минуваат низ силен стрес, страв и чувство на осаменост, а ретко добиваат простор без осуда каде можат да зборуваат за своите емоции и потреби“, вели Попризова.
На младите во пубертет им е потребен разговор
Попризова објаснува дека младите на прагот на пубертетот често се растргнати помеѓу нивните телесни промени, новите и збунувачки емоции, и нереалниот и наметнат пристап што го добиваат од интернет, притисокот од строго наметнатите улоги, кои ги добиваат од најрано детство и работите за кои е табу да се зборува.
Според неа добрата информираност и подготвеноста да се зборува отворено на овие теми е вистинскиот начин да се поддржат младите успешно да се справуваат со сите предизвици кои ги носи периодот на пубертет и младост. Посочува дека тоа е можно низ образовниот систем, со сеопфатна сексуална едукација, отворена комуникација со младите и навремена психосоцијална поддршка.
„Младите имаат потреба од точни информации за сексуалното и репродуктивното здравје, емоционалните односи, согласноста, контрацепцијата и личните граници. Подеднакво важно е да имаат возрасни личности – родители, наставници, стручни служби со кои можат безбедно да разговараат без страв од осуда. Превенцијата не се базира само на информации, туку и на градење самодоверба, емоционална писменост и чувство на сигурност кај младите. Навремената поддршка значи рано препознавање на ризиците, достапни советувалишта, психолошка помош и систем кој ќе реагира со заштита, а не со стигматизација“, вели Попризова.
Иако експертите укажуваат на потребата од сеопфатна сексуална едукација и подобар пристап до услуги за сексуално и репродуктивно здравје, националните политики сè уште не се целосно усвоени. Во нацртот на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здравје 2025–2030 приоритети се подобрување на пристапот на адолесцентите до информации и едукација за сексуално и репродуктивно здравје, поддршка за вклучување на сеопфатното сексуално образование во основните и средните училишта, како и подобрување на пристапот до висококвалитетни и прилагодени здравствени услуги за младите и ранливите групи. Сепак, стратегијата од 19 декември 2024 година сè уште е објавена на ЕНЕР и не е усвоена.
Автор: Бојана Спасовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





