Почетна Анализи Закони има, решение нема: зошто Македонија не успева да го намали бројот...

Закони има, решение нема: зошто Македонија не успева да го намали бројот на бездомните животни

Иако решението е познато - одговорно сопствеништво, стерилизација и контрола, институциите со години не успеваат да изградат функционален систем.

0
142
Бездомни мачиња во Скопје | Фото: Тамара Грнчарска, ПИНА

„Профитот оди за стерилизација на мачиња“, пишува на штандот на Теадора и Ирена на базарот во кафе-барот „Дневна“ на кој се изложени книги, ланчиња, обетки и по некое парче облека.

Наместо за личен профит, овие две девојки продаваат лични предмети за да соберат средства за да се намали проблемот со уличната популација на мачки.

Тие се дел од десетина млади луѓе и студенти кои бараат решение, откако забележале дека на социјалните мрежи се објавуваат многу напуштени мачиња.

„Како друштво во кое дома сите имаме животни – сакавме да помогнеме. Финансиски не сме моќни многу да донираме, па сфативме дека имаме предмети кои може да ги понудиме за продажба и на тој начин да собереме средства кои би ги донирале на некој што се грижи и помага на улични мачиња“, вели Теадора Стефановска.

Теадора Стефановска и Ирена Латиновска на базарот во „Дневна“ | Фото: Тамара Грнчарска, ПИНА

Ирена вели дека е потребен ист третман за уличните мачиња како што го имаат уличните кучиња во Јавното претпријатие „Лајка“ во Скопје, кое се грижи за нивно заловување, стерилизација и вдомување. Според неа, институциите треба повеќе да се ангажираат околу уличните животни.

„Со пристапот на институциите кон бездомните животни потребно е паралелно да се менува и свеста кај луѓето. Може да имаме закони, но ако немаме свест, ништо од законите“, вели Ирена Латиновска.

Бројката на улични животни во земјава никој прецизно не ја знае. Според проценките, по улиците низ земјава скитаат повеќе од 8.000 бездомни кучиња, со претпоставка дека 15 до 20 проценти од нив се напуштени домашни миленици.

Бездомна мачка | Фото: Тамара Грнчарска, ПИНА

Бројот на уличните мачки, пак, не е ни приближно познат, бидејќи никогаш не е направен мониторинг на нивната популација. Се претпоставува дека е многу поголем од тој на кучињата, бидејќи нивното размножување е многу поголемо и помалку контролирано од тоа на кучињата.

Во недостиг на сеопфатен системски одговор, грижата за уличните животни и барањето на решение се префрла на активистите и на социјалните мрежи, поради што тие секојдневно се преполни со повици за спасување на некое улично куче или маче.

 

Децениски проблем со бездомните животни

Алармот за состојбата со уличната популација на животни доаѓа и од активистите и организациите кои им помагаат, но и од ветеринарната фела. Според нив таквата состојба трае со децении, проблемот не се решава суштински, туку само привремено се „менаџира“.

За Гизела Бошковска од „Анима мунди“ тоа е резултат на децениска институционална некоординираност, неодговорно сопствеништво и недоволна превенција.

Гизела Бошковска од „Анима мунди“ | Фото: Приватна архива на Бошковска

„Проблемот не започнува на улица, туку во домовите и во системот. Имаме континуирано напуштање на животни, неконтролирано размножување, недоволно чипирање и слаба контрола врз сопствениците. Во исто време, многу општини сè уште немаат долгорочни и системски програми за справување со проблемот, туку реагираат краткорочно и под притисок на јавноста“, вели Бошковска. Нејзин генерален впечаток е дека државата сè уште на проблемот реагира главно реактивно, а не превентивно.

И Мери Јордановска од првиот специјализиран сајт за домашни миленици „Петс.мк“ е согласна дека неодговорното сопствеништво е главниот извор на проблемот. Таа смета дека недостига заедничка одговорност на повеќе институции кои треба да дејствуваат во справувањето со проблемот.

„Сѐ додека немаме соработка меѓу сите кои се надлежни, проблемот ќе опстојува и ќе се развива, а Македонија ќе се врти во круг во однос на решавањето на проблемот со прекубројната популација на улични кучиња и мачки. Токму затоа, програмата ‘залови – стерилизирај – врати’ која се применува во сите демократски развиени држави, кај нас во моментов не може да вроди плод“, вели Јордановска.

Мери Јордановска од „Петс.мк“ | Фото: Приватна архива на Јордановска

Ако на неодговорното сопствеништво се надоврзат и податоците од мониторинг спроведен во Скопје во 2023 година, кој покажал дека од околу 40.000 домашни кучиња стерилизирани биле само 8,9 проценти, а од 4.500 улични кучиња во главниот град стерилизирано било секое второ или 48 проценти од нив, сликата станува појасна за тоа, кој е главниот извор на уличната популација на кучиња. Според податоците од информативниот систем на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) во Македонија се регистрирани 156.555 домашни миленици од кои 144.693 кучиња, 11.856 мачки и 6 ласици.

Институциите како врзани садови                                                                                                           

За програмата „залови – стерилизирај – вакцинирај – врати“ на уличните кучиња во Скопје од 2020 година се грижи ЈП „Лајка“. Иако таму годишно се стерилизираат околу 1.000 улични кучиња, во јавноста постои мислење дека нивната бројка по улиците не се намалува, туку се зголемува.

Директорот на „Лајка“, Војислав Димитровски, кој е доктор по ветеринарна медицина, вели дека справувањето проблемот не може да го решава една институција, туку координирана акција на повеќе субјекти. „Лајка“, како што вели, е последната алка во системот која реагира на последиците, додека суштинското решение лежи во превенцијата и спречувањето на причините што го создаваат проблемот.

Војислав Димитровски, директор на ЈП„Лајка“

„Во моментов е неопходно сите вклучени институции сериозно да ги реорганизираат и зајакнат своите капацитети за проблемот со бездомните кучиња да се стави под контрола на долг рок“, вели Димитровски.

За тоа, вели Димитровски, се работи на стратегија за вклучување на сите расположливи ветеринарни ресурси во градот, како и на долгорочен план за проширување на капацитетите на „Лајка“.

„Контролата и санкционирањето од надлежните институции се само еден дел од решението. Подеднакво важни се едукацијата и подигнувањето на јавната свест за одговорното сопствеништво. Стратегијата ‘Залови – стерилизирај – вакцинирај – врати’, што ја спроведува ЈП „Лајка“, може да даде долгорочни резултати само ако е придружена со промена на општествените навики и однесувања“, смета Димитровски.

АХВ, МВР, Царинската управа, инспекторатот при Министерството за земјоделство се институции за кои, и Бошковска и Јордановска, сметаат дека треба заеднички да работат за да се решат причините поради кои настанува на проблемот. Од таа обврска тие не ги изземат, ниту судството, ниту образованието.

Закон само на хартија

Постои законска регулатива кој ја регулира оваа област, пред се Законот за заштита и благосостојба на животните, но најголем број од критиките се упатени токму на негово непочитување.

Кристина Атанасова, доктор по ветеринарна медицина од ветеринарната клиника „Пет Виталити“ смета дека постојната законска регулатива во пракса е нефункционална, заради нејзиното неспроведување. Според неа за вистинско решавање на проблемот со бездомните животни потребни се одредени измени и зајакнување на регулативата.

д-р Кристина Атанасова од „Пет Виталити“

„Најпрво да започнеме со задолжително микрочипирање и заведување во регистарот, како и спроведување на засилени контроли, воведување на данок за нестерилизирани миленици, построги контроли над одгледувачниците, но и забрана за продажба на миленици кои не се од регистрирана одгледувачница, како и високи казни кои вистински ќе бидат спроведени за напуштање или мачење на животно“, вели доктор Атанасова.

Еден од најголемите недостатоци на сегашната регулатива, пак според Димитровски, е неусогласеноста меѓу законите кои ја регулираат оваа област, особено во делот на казнената политика. Тој смета дека постојната регулатива во голема мера е усогласена со европските стандарди и содржи механизми кои можат да придонесат за ефикасно управување со проблемот.

„Во пракса тоа резултира со релативно ниски санкции за прекршоци поврзани со благосостојбата на животните, како и за обврските поврзани со идентификацијата, регистрацијата и одговорното сопствеништво на домашните миленици. Од досегашното искуство, најголемиот предизвик не е самата законска рамка, туку нејзината доследна имплементација“, вели Димитровски.

Јордановска од „Петс.мк“ смета дека актуелната законска регулатива апсолутно не е доволна за да се реши проблемот со бездомните животни и нивната злоупотреба, што според неа се гледа на терен со минимални казни за напуштање миленици, за неодговорно сопствеништво, за нечипирање, но и неконтролирано размножување и продажба на миленици од нерегистрирани легла на социјални мрежи.

За Бошковска од „Анима Мунди“ дополнително недостасува и национална стратегија што ќе ги обедини институциите, локалните власти, ветеринарниот сектор и организациите за заштита на животни. Без координиран пристап, вели таа, проблемот само се префрла од едно место на друго, но не се решава суштински.

Законските измени заглавени меѓу институциите

Неколку години се најавуваат измени на Законот за заштита и благосостојба на животните кој ги уредува прашањата за одговорно сопствеништво, но и справувањето со уличната популација на животни, пред сѐ на кучиња. Првите измени до Собранието ги поднесе пратеничката група на Либерално-демократската партија на почетокот од 2024 година, но без конкретен резултат.

Кон носење нов закон пристапи и АХВ, речиси пред една година. Од Агенцијата велат дека увиделе дека досегашните мерки на општините и Градот Скопје, кои се одговорни за спроведување на системот за контрола на популацијата на кучиња, не даваат резултати. Според АХВ моменталната состојба со бездомните животни во Македонија е последица и на недоволната имплементација на постојното законско решение, но и негова недореченост и пропусти.

„Напуштањето на домашни миленици е постојан проблем и главен извор на бездомната популација кучиња, исто како и неконтролираното размножување. Малите казни не ги заплашуваат и одвраќаат сопствениците на кучиња да не ги напуштаат животните и неконтролирано да ги размножуваат. Стерилизацијата на домашните миленици кои се чуваат дома, со сегашното законско решение не е задолжителна, иако е еден од темелите на одговорно сопствеништво“, велат од АХВ.

Бездомно куче | Фото: Тамара Грнчарска, ПИНА

Во новото законско решение АХВ предлагаат пред сѐ зголемување на казните со што би се влијаело на подигањето на свеста кај граѓаните за одговорното чување. За несоодветно чување на миленик е предвидена казна од 400 евра, а за мачење или убиство на животно казна од 5.000 евра. Измените треба да го регулираат и прашањето на регистрација на одгледувачници за кучиња, но и чување на репродуктивно способни единки.

И од Министерството за земјоделство сметаат дека проблемот со бездомните животни во земјата е последица на повеќе фактори и дека постоечката законска рамка обезбедува основа за постапување, но оти постои простор за нејзино понатамошно унапредување и допрецизирање. Клучните промени, според нив треба да се насочени кон воспоставување поефикасен систем за да се подобри состојбата и третманот со бездомните животни.

„Потребно е дополнително унапредување на системите за идентификација, регистрација и контрола, со цел поефикасно справување со предизвиците“, велат од Министерството за земјоделство.

Но, една година потоа, предлог-законот сѐ уште не е влезен во собраниска процедура.

Текстот на предлог-законот е доставен на усогласување до надлежното Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, што го потврдија и од Министерството, но на почетокот од мај во јавноста излезе информацијата дека има проблем меѓу двете институции околу носењето на новиот закон.

Од АХВ тогаш тврдеа дека по шест месеци подготовка и консултации со повеќе засегнати страни и институции предлог-законот го доставиле до Министерството, од каде пак возвратија дека таков нацрт-закон до нив не е доставен. Недоразбирањето беше надминато на состанок на највисоко ниво меѓу двете институции, за сега и од АХВ и од Министерството да потврдат дека во моментов се работи на усогласување на предлог-законското решение, но без прецизирање кога би можело да влезе во собраниска процедура.

Само ефикасен закон е решение

Но и да биде донесен новиот закон, сите се согласни дека клучна ќе биде неговата имплементација.

„Носење на ново законско решение не би го средило проблемот се додека не се смени пристапот на неговото спроведување. Без построги контроли, како и реални казни за прекршителите, сѐ уште би стоеле во место“, смета доктор Атанасова од ветеринарната амбуланта „Пет Виталити“.

За директорот на ЈП „Лајка“ клучното прашање не е дали ќе се донесе нов закон, туку дали тој ќе може ефикасно да се спроведува.

„Дури и најдобро напишаниот закон нема да даде резултати доколку институциите немаат доволно капацитети, ресурси и механизми за негова доследна примена. Решението не треба да се бара исклучиво во нови законски текстови, туку во создавање функционален систем што ќе обезбеди нивна доследна примена“, вели Димитровски.

За активистите, пак, како Јордановска и Бошковска, не е потребен само закон на хартија, туку закон за кој ќе има гаранција дека може да се спроведе на терен. Без системска примена и контрола, додаваат, се ризикува тој да стане само уште еден документ без реален ефект.

И додека се подготвува нов закон, а стариот не се применува, Теадора и Ирена заедно со своите пријатели Марија, Нико, Калина, Дамјан, Надја, Јаков, учествуваа на вториот базар на користени работи во „Макка“ бар, преку кој ќе помогнат за стерилизација на улични мачиња. За нив решението не може да чека уште една институционална процедура.

„Можеби ќе собереме пари само за едно маче, но и едно маче е доволно за да почнеме да ги менуваме работите, особено кога гледаме дека ниедна институција не се грижи за нив“, вели Теадора.

Авторка: Тамара Грнчарска 

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинарки на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.