Почетна Анализи Крива Паланка меѓу транспарентноста и медиумската тишина: Нема локален медиум, ама има...

Крива Паланка меѓу транспарентноста и медиумската тишина: Нема локален медиум, ама има дезинформации

0
42
Илустративна фотографија | Фото: Albert Stoynov on Unsplash

Пред една деценија граѓаните на Крива Паланка се информираа за она што е ново во градот, преку локалната телевизија позната како „Златен канал“ . Дознаваа за инфраструктурните проекти во своето и соседните маала, актуелните случувања низ градинките и училиштата, културните настани, но и алармираа за проблемите во градот и околните села.

Денес, Крива Паланка е „медиумска пустина“ имајќи предвид дека градот нема официјален медиум. Ниту радио, ниту телевизиски канал, ниту интернет портал. Единствена можност граѓаните да се информираат за сопственото место на живеење се социјалните мрежи и националните портали кои ги пренесуваат вестите за Крива Паланка кои ги објавува Македонската Информативна агенција (МИА).

Во вакви околности, дезинформациите се шират „со брзина на светлината“, сведочат жителите. Предупредуваат дека без локално новинарство граѓаните потешко доаѓаат до проверени информации, а просторот за гласини и дезинформации останува отворен.

„Знам кога имаше локална телевизија, следевме секојдневно. Сега не знам каде да барам информации, обично се на социјалните мрежи, на некои фејсбук канали за кои најчесто внуците ми помагаат да ги заследам,“ вели пензионер од Крива Паланка.

„Недостига медиум, но независен и непристрасен, кој ќе биде на страната на граѓаните, и кој темелно ќе обработува теми од јавен интерес, како на пример квалитетот на водата, проблемот со комарци секое лето, недостигот на лекари, булингот низ училиштата, најважно за тоа како се трошат нашите пари од страна на властите,“ споделува една средовечна кривопаланчанка која смета дека во една мала средина каква што е Крива Паланка и менталитетот игра улога брзо и малицициозно да се шират невистини кои ги вбројува во дезинформации.

„Кога ќе се случи нешто, нема кој ни да потврди, ни да негира официјално. Особено повозрасните се изложени да тој ризик, да слушнат или прочитаат нешто кое отвора сомнежи и се создава паника,“ додава таа.

Недостасуваат локални медиумски производи

Крива Паланка во овој контекст е медиумска пустина во вистинска смисла на зборот, смета новинарот Орце Костов кој ја истражуваше проблематиката со недостигот на локални медиуми во земјава.

Орце Костов, новинар

Во неговото истражување изработено за ССНМ (Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници) насловено како „Една четвртина од граѓаните живеат во медиумски пустини“, се потврдува дека 60 отсто од територијата на Македонија претставува медиумска пустина и повеќе од една четвртина од населението не добива локални информации, вклучувајќи ја и територијата на Крива Паланка во која нема локален медиум.

„Во Крива Паланка нема вистински локални медиуми кои би работеле на локални стории и граѓаните најчесто се информираат од социјалните медиуми на кои освен информации постојат и дезинформации. Крива Паланка во овој контекст е медиумска пустина во вистинска смисла на зборот,“ дециден е тој.

Додава дека локални медиуми има само во поголемите градови надвор од Скопје, но смета дека е потребно да има во секој од 30-ната градови во Македонија. Проблем се финансиите.

„Локалното новинарство се соочува со финансиска несигурност, нема доволно средства, кубури со кадар и поради малите средини во кој секој се знае со секого е изложено на поголем број на притисоци што новинарот и локалниот медиум ги става во понеповолна положба од новинарите кои известуваат на национално ниво,“ појаснува Костов за ПИНА.мк.

Тој смета дека новите времиња носат и нов тренд кој е на штета на локалните новинари.

„Од друга страна поради иновативни комуникациски канали кои овозможуваат со вестите да менаџираат и луѓе кои не мора да имаат новинарско знаење и искуство се појавија групите на социјалните мрежи кои објавуваат локални вести,“ вели Костов и додава дека овие групи не мора да имаат канцеларија и да плаќаат новинарски плати, а земаат огромен дел од маркетиншкиот колач што прави и финансиски притисок врз локалниот медиум кој нема да има доволно приходи за да ги подмири трошоците.

Сепак, не е сѐ така црно. Надеж во медиумскиот мрак во градот носи дописничката за МИА, новинарката Ирена Белешковска која долги години известува за позначајните случувања во Крива Паланка, а националните медиуми ги пренесуваат медиумските извештаи.

Ирена Белешковска, новинарка

„Како локална новинарка работам 15 години во кои 7 и пол години работев во телевизиски медиум, а во сиот овој изминат период сум дописник за национална информативна новинска агенција,“ вели Белешковска за ПИНА.мк.

На прашањето, има ли доволно простор за известување од Крива Паланка, децидно потврдува дека поле и материјал за работа има.

„Но со експанзијата на социјалните медиуми, сѐ повеќе институции, организации и поединци, функционираат во контекст „сам свој медиум”, пркосејќи му на контекстот на вистинско новинарско известување,“ оценува Белешковска која смета дека медиум му е потребен на градот.

„Медиум е повеќе од потребен, особено поради фактот дека медиумот е и дел од културното живеење на една средина. Секоја заедница и средина носи свој белег, свои приказни и своја посебност, па секогаш е добредојдено акцентирање, популаризација и промоција на теми и актуелности од локално значење,“ заклучува дописничката за МИА од Крива Паланка.

Ризикот од дезинфомации е присутен

Помалите средини почесто и повеќе се изложени на ризик од дезинформации. Кога нема кој да потврди или негира, преку професионално истражување и веродостојни извори, публиката останува „на само“ со она што се шири на социјалните мрежи или низ чаршијата. Ова е проблем за кој многумина од граѓаните и не се свесни.

„Имам баба и дедо кои имаат веќе околу 70 години и кога и да се слушнеме ми зборуваат за некои нешта кои несомнено стигнале до нив како дезинформации. Слушнале дека соседите зборуваат, се чуло-недочуло и на крај тие не ретко се во недоумица и паника,“ споделува млад кривопаланчанец кој редовно ги предупредува своите повозрасни роднини да не веруваат во сѐ што ќе слушнат.

Новинарката Белешковска вели дека како дописник-новинар се бори против дезинформациите во една ваква мала средина, на начин што, секогаш работи на принципот на проверени и точни информации, со консултација на сите засегнати страни.

„Дезинформации можат да се шират и при постоење на медиум, се разбира, но медиумот би бил средството за навремено, точно и веродостојно пренесување на факти и аргументи, па во таа смисла, и би бил канал за пренесување на вистината или причината за ширењето „гласини“ или лажни вести. Професионален пристап е секогаш најдобар показател за веродостојноста и вистината на информациите,“ вели таа.

Каков медиум му е потребен на градот?

Не само сервисни инфромации и известувања за она што сработила локалната самопуправа им се потребни на публиката. Според новинарот Костов, потребно е поопширно истражувачко новинарство, но проблемот е што засега нема како да се финансира ваков медиум.

„Во друго истражување за Институот РЕСИС кое се однесува на тоа кои се новите медиуми во медиумските пустини во Македонија, утврдивме дека во „пустините“ како во Крива Паланка е потребен локален медиум кој ќе обработува локални стории или теми на заедницата од областа на корупцијата, економијата, животната средина, а не да објавува само сервисни информации и афирмативни општински вести.

За да постои таков професионален локален медиум мора да биде и финансиски независен односно да добива донации и реклами од локалната власт каков што е примерот со локални медиуми во поголемите градови. Едно од решенијата, според мене, би било финансирање на локалните медиуми од државен фонд за медиумски проекти,“ појаснува Костов.

Крива Паланка има млади новинари аматери

Позитивен пример во овој медиумски мрак во Крива Паланка е функционирањето на новинарскиот клуб при Средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ кој постои од 2023 година, а брои околу дваесетина активни членови.

„Ние како млади лица денес имаме пристап до огромен број на информации и генерално поседуваме одлични дигитални вештини, но тоа не значи дека секогаш успешно ги препознаваме дезинформациите. Младите имаат потенцијал и капацитет да бидат критички настроени кон содржините што секојдневно ги консумираат, особено кога се охрабрени да проверуваат извори и факти. Сепак, брзината со која се шират информациите на социјалните мрежи често претставува предизвик,“ вели средношколката Анастасија Илиевска која е членка на клубот и додава дека медиумската писменост и практичната работа преку медиумски клубови се од особено значење за развивање на критичкото размислување и препознавање на дезинформациите.

Клубот во текот на учебната година го издава дигиталниот весник со назив „Средношколска визија“, но иако има интерес за нивната работа, неофицијално ниту еден матурант од оваа генерација од кривопаланечката гимназија не планира да се запише на новинарство.

„Интересот за новинарските производи што ги создадовме е охрабрувачки, особено кога обработуваме теми кои директно ги засегаат младите – образование, средношколски активности, културни настани и младински иницијативи. Забележуваме поголема ангажираност на социјалните мрежи, споделувања и коментари кога младите се препознаваат како активни учесници во приказните. Тоа покажува дека постои потреба од содржини создадени од млади и за млади, кои ги отсликуваат нивните интереси, ставови и предизвици,“ вели Илиевска.

Сепак, новинарството како професија не е доволно атрактивно за младите. Во прилог на тоа говори и фактот што матурантот Никола Митовски кој активно бил вклучен и продуктивен во клубот, вели дека сепак изборот за високо образование нема да падне на студиите по новинарство.

Никола Митовски, матурант

„Точно е дека три години бев активен во новинарскиот клуб и тоа искуство значително придонесе за мојот личен и интелектуален развој. Преку клубот ги научив основите на новинарството и начинот на кој функционира оваа професија. Сепак, сметам дека денес новинарството не е доволно атрактивно, поради ограничената независност, нестабилноста и недоволната финансиска вредност,“ вели Митовски.

Според него, удел имаат и политичките притисоци во секоја сфера во нашето општество.

„За жал, новинарството постепено ги губи своите традиционални вредности, а слободата на говор често е нарушена од политички притисоци. Токму поради тоа, не се гледам себеси да продолжам студии во оваа насока,“ заклучува младиот кривопаланчанец.

Транспарентност има, медиум нема

Општина Крива Паланка во 2024 година беше рангирана на првото место во државата според анализата на Индексот за отвореност на општините за 2024 година, што ја изработува Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).

Ова значи дека општината, според оваа анализа, има високи стандарди за транспарентност и отчетност во работењето на локалната самоуправа.

Транспарентноста подразбира дека општината не ги крие информациите кои многу често се важни за самите граѓани, како што се податоците за тоа каде и како се трошат буџетските средства, но, од друга страна, не се знае колку овие информации може да стигнат до самите граѓани, кога нема медиум во заедницата. Засега најави било каков медиум нема ни да повидок што значи дека потенцијалниот ризик од дезинформации „струи“ низ Крива Паланка.

Авторка: Христина Николовска

Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.

Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.

Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.

 

ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.