Во демократските општества, политичарите и носителите на јавни функции се должни да бидат подложни на јавна контрола и критичко новинарско известување. Сепак, наместо да одговорат на поставените прашања или на објавените информации, политичарите понекогаш етикетираат, дискредитираат или јавно таргетираат на новинари и медиуми. Целта на ваквата практика е да го поткопа кредибилитетот на новинарот, да ја намали довербата на јавноста во медиумските содржини и да го префрли фокусот од темата за која се известува, кон личноста што ја објавува информацијата.
Меѓународните организации за слобода на медиумите укажуваат дека политичката реторика насочена кон новинари може да создаде непријателска атмосфера и да ги охрабри заканите, притисоците и говорот на омраза кон медиумските работници. Особено загрижувачки се случаите кога ваквите пораки доаѓаат од високи државни функционери или лидери на политички партии, бидејќи тие имаат значително влијание врз јавноста.
Во Македонија, во изминатите години се регистрирани повеќе случаи во кои политичари од различни партии користеле квалификации, навреди или дискредитирачка реторика кон новинари и медиуми. Сите се сеќаваат на фамозната изјава на експремиерот Зоран Заев во 2019 година: „ Секако нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и, да ми извини ЛГБТ заедницата, еден педер да ја симнат оваа влада од власт“. Изјавата дадена во контекст на случајот „Рекет“ содржеше погрден збор кон маргинализирана група, но и груб напад врз новинар, во кој потоа се препозна Бранко Героски.
Тука може да се спомене и инцидентот на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој влезе во конфликт со новинари и фрли фломастер за време на брифинг, испровоциран од новинарска содржина објавена на „360 степени“.
Во архивите се и случаите кога лидерот на ДУИ Али Ахмети во 2020 година го нарече новинарот Албрим Хоџа „зачинет“ (алудирајќи на партиска инклинација), како и неговото етикетирање на телевизиите Телма и Алфа во 2023 како „непријатели на Албанците“. Истата година, во дебатна емисија на Канал 5, новинарот-водител Алкесандар Видиновски, од аналитичарот Исмет Рамадани беше обвинет дека дозволувал омаловажување на Албанците од неговите соговорници. Меѓу последните такви случаи е и оној кога претседателот на СДСМ, Венко Филипче, јавното етикетираше на новинар и медиум – ТВ Алфа, поврзувајќи ги со владејачката партија.
Етикетирањето како систем
Долгогодишната новинарка Соња Крамарска, во својата професионална кариера, поминала низ повеќе медиуми и во различни периоди. Вели, ваквите напади и етикетирања се тренд што трае најмалку 20-тина години.

„Нормално е високите политичари понекогаш да се најдат засегнати од новинарската работа, но не е нормално на тоа да реагираат хистерично и злонамерно, затоа што медиумите вршат работа од највисок јавен, па и државен интерес“, вели Крамарска, додавајќи дека ваквите реакции на политичарите, пак, поттикнуваат друг многу поопсен тренд кој сега, како резултат на нивната популарност и достапност, е присутен на социјалните мрежи – повици за линч на новинари.
„Политичарите, со мали исклучоци, внимаваат да не именуваат новинари од чие известување се незадоволни, меѓутоа очигледно е дека тие даваат списоци на платени луѓе кои треба на социјалните мрежи да ги дискредитираат новинарите кои ним не им се по волја. Тоа мене често ми се случува и знам дека зад тие напади стојат политичари кои не се осмелуваат лично да истапат, туку даваат „валканата“ работа да им ја вршат други. На пример, кога премиерот ќе рече „талогот на општеството“ или други навреди на сметка на оние што тој смета дека ја кочи евроинтеграцијата, меѓу кои сум и јас, нема потреба лично да ме прозива, знам дека тие недолични зборови се однесуваат и на мене и дека може да осилат радикали да почнат да нѐ напаѓаат на улица. Доволно е да се видат коментарите под текстовите што ги објавувам на тема евроинтеграции за да се види „преодната“ агресија која почнува од повиците на претседателот на Владата и потоа се разнесуваат низ социјалните мрежи како ехо на неговите изјави. Повиците за линч на социјалните мрежи се, инаку, казниво дело и се прашувам кој им влева толку храброст на ликовите што ми „лепат“ етикети или ме жигосуваат“, вели Крамарска.
Таа нѐ потсети на еден пример од пред 11 години, кога во екот на протестите против тогашната власт, на колегата Борјан Јовановски, кој тогаш беше еден од основачите на сајтот „НоваТВ“ му беше испратен погребен венец со порака „Последен поздрав“.
Слично, новинарката Сашка Цветковска од Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) посочува дека нападите врз нивната редакција ретко се базираат на критика на фактите, туку на обиди за целосна делегитимизација.

„Доминантниот наратив е дека ИРЛ е претставен како некаква држава во држава, опасна подземна структура, рекетари што сакаат да ги уништат чесните бизнисмени и со тоа и економијата на државата и генерално организација што сака да ја дестабилизира државата. Во јавните напади по одредени истражувања, како „Заговор против воздухот“, „Убиство во Тетово“, „Нечиста крв“ и други, може да се забележи образец на демонизација и делегитимизација.
Наместо аргументирана критика на објавените докази, ИРЛ и неговите новинари се прикажуваат како луѓе кои наводно работат за моќни центри надвор од државата, имаат скриени финансиски интереси или се дел од поширок проект за политичко влијание. Ваквите наративи често имаат за цел да ја намалат довербата во медиумот преку напад врз неговиот кредибилитет, а не врз содржината на истражувањата“, вели Цветковска.
Овие изјави дополнително ја потврдуваат клучната линија на анализа: дека етикетирањето на новинари не е изолиран вербален конфликт, туку системски образец кој комбинира политичка реторика, медиумски пренос и онлајн засилување, за да се намали кредибилитетот на критичкото новинарство и да се пренасочи јавната дебата од содржина кон дискредитација на изворот.
„Најсилниот аргумент, според мене, е односот на силите: од една страна стои мала редакција со дваесетина луѓе, а од другата страна државни институции, партии, безбедносни структури, јавни претпријатија и крупен капитал. Во таков контекст, претставувањето на редакцијата како „опасен центар на моќ“ е инверзија на реалните односи на моќ. Тоа е како Давид да биде претставен како Голијат. Дополнително, наративот дека ИРЛ претставува „моќен центар“ или „закана за државата“ станува уште потешко одржлив кога ќе се спореди со реалната распределба на економската моќ во земјата. ИРЛ е непрофитна редакција со околу 22 вработени и годишен буџет од приближно 350.000 евра“, додава таа.
Ист притисок, различно форми
Анализата на податоците од Регистарот за повреди на права на новинари на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) покажува дека ваквите практики постојат во поширок континуитет и се менуваат по форма, но не и по суштина. Во 2020 година се регистрирани 14 случаи на напади, што претставува една од поинтензивните години, делумно поврзана со зголемена онлајн комуникација и политичка поларизација.
Во 2021 година бројот опаѓа на пет случаи, но остануваат присутни сериозни закани и физички инциденти. Во 2022 година повторно има пораст на седум случаи, со доминација на физички напади. Во 2023 година се забележува комбинирана форма на напади – физички, вербални и онлајн закани, што укажува на проширување на дигиталниот простор како главна арена за притисок врз новинарите. Во 2024 и 2025 година се бележат особено сериозни случаи, вклучително и закани, следење и уништување на имот, што укажува на ескалација на тежината на инцидентите.
Институционалната реакција, која треба да биде клучна во спречувањето, останува нерамномерна. Дел од случаите се пријавуваат во МВР и добиваат формална обработка, но значаен дел завршуваат без јасен судски епилог или со преквалификација во полесни дела. Ова создава впечаток на ограничена ефикасност и недоволна конзистентност во заштитата на новинарите. Иако постои регистар и редовни реакции од ЗНМ и медиумските организации, институционалниот одговор често е реактивен, наместо превентивен.
Сите овие елементи – политичкото етикетирање, јавните изјави, сведоштвата на новинари и податоците за инциденти – укажуваат на континуиран модел во кој критичкото новинарство често се перципира како политички противник, а не како демократски контролен механизам. И затоа, слабата институционална превенција дополнително го засилува ризикот од нормализација на притисоците врз медиумите.
Според ЗНМ, иако бројот на физички напади бележи тенденција на намалување, „онлајн вознемирувањето, говорот на омраза и јавните дискредитации остануваат сериозен предизвик“.
Во однос на формите на таргетирање, ЗНМ и регионалната мрежа SafeJournalists Network идентификуваат повеќе повторливи модели, меѓу кои „обвинувања за политичка или партиска пристрасност“, „јавни прозивки и дискредитација на новинари поради нивните извештаи“, „навредливи квалификации и омаловажување на професионалниот интегритет“, како и „кампањи на социјалните мрежи насочени кон поединечни новинари“ и „онлајн закани и говор на омраза, особено кон новинарки и истражувачки новинари“.
Според нив, особено во предизборни периоди и политички тензии се забележува зголемена употреба на штетни наративи и реторика која ја поткопува довербата во медиумите и новинарството.
________________________________________________________________________
Новинарките се најчеста мета на онлајн напади
Додека физичките напади врз новинари, според податоците, бележат тенденција на намалување, жените новинарки сè почесто се соочуваат со онлајн вознемирување, говор на омраза и родово базирани напади.
Истражувањето на Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), спроведено врз 103 новинарки во Северна Македонија, покажало дека дури 81,6 проценти од испитаничките се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа.
Според резултатите, најчесто се работи за говор на омраза (69%), сексистички навреди (51,7%) и шовинистички напади (43,7%). Речиси една третина од новинарките (29,7%) изјавиле дека нивни фотографии биле споделувани на социјалните мрежи со цел дискредитација, 22% биле жртви на онлајн демнење, а 18,7% се соочиле со организирани кампањи против нив. Дополнително, 24,1% пријавиле закани со физичко насилство, додека 19,5% добиле закани по живот.
Особено загрижува фактот што иако 86,4% од анкетираните новинарки знаеле каде треба да пријават онлајн вознемирување, само 25,2% се обратиле до институциите. Речиси половина од оние што пријавиле изразиле незадоволство од постапувањето на надлежните органи.
Овие наоди се совпаѓаат со регионалните трендови, според кои жените новинарки во Западен Балкан сè почесто се изложени на сексуализирани навреди, координирани кампањи на социјалните мрежи и закани насочени не само кон нивната професионална работа, туку и кон нивниот личен живот и безбедност.
________________________________________________________________________
Ваквото етикетирање има пошироки последици, бидејќи јавните етикетирања и дискредитации на новинари од страна на политички актери често создаваат атмосфера која може да поттикне дополнителни навреди, говор на омраза и онлајн напади од страна на поддржувачи на политичките партии. На тој начин, директната политичка реторика се прелева во поширок онлајн екосистем на притисоци врз новинарите.
„Нашите согледувања покажуваат дека во најголем дел од случаите кога политичари јавно напаѓаат или дискредитираат новинари, институционалната реакција е ограничена или изостанува. ЗНМ континуирано повикува на поголема политичка одговорност, почитување на улогата на медиумите во демократското општество и јасна осуда на сите форми на притисок и напади врз новинарите“, велат од ЗНМ.
Политичките притисоци не познаваат граници
И покрај различното темпо на европските интеграции и реформите во медиумскиот сектор, состојбата со безбедноста на новинарите и слободата на медиумите во регионот е идентична. Податоците од Индексот за безбедност на новинарите на SafeJournalists за 2025 година, како и националните бази како онаа на ЗНМ, покажуваат дека политичките притисоци, говорот на омраза, онлајн заканите и кампањите за дискредитација остануваат заеднички именител во целиот регион.
Регионалната слика покажува дека Западен Балкан сè уште се наоѓа во фаза на „недовршена медиумска безбедност“. Клучниот проблем не е само обемот на инциденти, туку нивната континуирана повторливост и слабата институционална реакција, што го одржува циклусот на ранливост на медиумите.
Најзагрижувачка е состојбата во Србија, која бележи најлоши резултати во регионот. Во 2025 година се регистрирани 317 инциденти против новинари, од кои 116 физички напади. Како што наведува новинарката Дуња Мариќ од „Нова економија“, политичката комуникација значително придонесува за ваквата атмосфера, при што високи државни функционери користат навредлива и дискредитирачка реторика кон критичките медиуми.
„Медиумите во Србија се исклучително поларизирани и се делат на независни, слободни медиуми, таканаречени ‘опозициски’ медиуми и медиуми блиски до режимот. Една од причините за толку длабоката поларизација е фактот што високи државни функционери често користат најгнасни навреди за новинарите кои известуваат критички. Тоа особено се засили по 1 ноември 2024 година, кога во Нови Сад се урна настрешница на штотуку реконструираната железничка станица, при што загинаа 16 лица, главно млади луѓе. Овој настан беше повод за блокади на факултетите и за најмасовните протести во поновата историја на Србија, кои траат и денес.
Оттогаш, политичарите предводени од претседателот на државата, Александар Вучиќ, медиумите кои известуваат критички ги нарекуваат со погрдни имиња, што, секако, ги поттикнува и симпатизерите на владејачката партија да го прават истото. Така, во последната година и пол почесто од кога било може да се слушне дека некој медиум е ‘усташки’“, вели Мариќ.
Таа го посочува примерот од минатата година, кога по големиот протест во Ниш, претседателот Вучиќ, дописникот на јавниот сервис РТС, кој известувал од протестите, дури го нарече „имбецил“. Стандардна практика на прес-конференциите на градоначалникот на Белград, Александар Шапиќ, е да не одговара на прашањата на одредени медиуми.

Еден од најновите случаи е кршењето на автомобилот на синот на новинарот и професорот на Филозофскиот факултет во Нови Сад Динко Грухоњиќ, кој се смета за еден од нагласните во протестите.
„Дали сторителите биле мотивирани од моето име, од хрватските регистарски таблички или од комбинација на сето тоа – тоа сега е работа на истрагата. Но, во општество во кое луѓето со години јавно се прогласуваат за непријатели, предавници и легитимни мети, ваквите настани, за жал, не се никакво изненадување“, вели Грухоњиќ.
Всушност, ова е само продолжение на оркестрираната кампања против Грухоњиќ и неговото семејство која трае веќе со години, а особено се засили на почетокот на 2024 година по монтирана снимка од негова изјава на фестивал во Дубровник. Тој доби илјадници закани по живот, провладините медиуми и политичарите повеќепати јавно го таргетираа, а на влезот од зградата во која живее со семејството беа испишувани пораки на омраза. Сите овие случаи се пријавени и во полиција.
Во Босна и Херцеговина се регистрирани 35 напади и закани врз новинари и медиуми, при што значаен дел доаѓаат директно од политичари и јавни функционери. Етикетирањето на новинарите како „странски платеници“, „политички противници“ или „непријатели на државата“ придонесува за создавање непријателска атмосфера и дополнително ја зголемува нивната изложеност на притисоци и закани, додека институционалниот одговор останува ограничен.
Црна Гора, во 2025 година бележи 33 регистрирани напади и инциденти, што претставува највисоко ниво досега. Како што истакнува новинарката Александра Мудреша од ТВ „Вијести“, политичките притисоци и вербалните напади врз новинари, како и тужбите од политичари или лица блиски до нив, во последните години се значително зголемени и често имаат карактер на SLAPP тужби.
„Црногорските политичари и функционери, претежно од актуелната власт, во повеќе наврати јавно таргетираа поединечни новинари или дури цели редакции и ги обвинуваа за корупција или врски со мафијата, а во најголем број случаи повод за тоа е несогласувањето со известувањето или уредувачката политика на медиумите. Засилените политички притисоци врз новинарите се евидентирани и во извештаите на Европската комисија и Европскиот парламент, како и на домашни и меѓународни медиумски организации. Сето тоа укажува дека амбиентот за работа на новинарите во последните години во Црна Гора е влошен, а доказ за тоа е и фактот што минатата година беше евидентиран рекорден број напади врз новинари – дури 33“, вели новинарката Мудреша.
Таа посочува и неколку случаи, како оној кога претседателот на државата јавно критикувал новинарка за време на прес-конференција, бидејќи не му се допаднало претходното известување на Јавниот сервис за неговата работа. Или кога министерот за правда ѝ го одзел телефонот од рацете на новинарка во холот на националниот парламент, додека министерот за економија преку социјалните мрежи јавно таргетирал новинар, нарекувајќи го корумпиран, по што новинарот го тужел и пред суд докажал дека министерот го клеветел.
Наодите од регионалните извештаи покажуваат дека и покрај одредени законски подобрувања, безбедноста на новинарите останува тесно поврзана со политичката култура и односот на јавните функционери кон медиумите. Токму затоа, организациите за заштита на медиумските слободи оценуваат дека клучни предуслови за подобрување на состојбата во регионот се борбата против неказнивоста, институционалната ефикасност и одговорната политичка комуникација.
Клучниот проблем во регионот не е само обемот на инциденти, туку нивната континуирана повторливост и слабата институционална реакција, што го одржува овој циклус на ранливост на медиумите.
Авторка: Соња Трајковска
Содржината на оваа анализа е исклучителна одговорност на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА и не мора нужно да ги одразува ставовите на Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Тиранскиот центар за новинарска извонредност во Албанија (TCJE), Атлантската иницијатива во Босна и Херцеговина (AI), Европската Унија и Министерството за регионален и инвестициски развој и соработка со невладините организации на Владата на Црна Гора.
Оваа анализа се реализираше во рамките на проектот „Зајакнување на младите новинар(к)и и новинарките за медиумската писменост, одговорната употреба на вештачка интелигенција и новинарството насочено кон решенија“, што го спроведува Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА Скопје.
Проектот е поддржан во рамките на пошироката програма „MedIA-Lit“, предводена од Центарот за граѓанско образование (CCE/CGO) во партнерство со Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија (HCHRS), Хелсиншкиот комитет за човекови права во Северна Македонија (MHC), Центарот за новинарска извонредност во Тирана (TCJE) од Албанија и Атлантската иницијатива (AI) од Босна и Херцеговина, со финансиска поддршка од Европската Унија и кофинансирање од Министерството за регионален инвестициски развој и соработка со невладини организации на Владата на Црна Гора.





