На 3 јули во 14:00 часот, во Хотел Александар Палас ќе се одржи јавната расправа за издавањето на новата А-интегрирана еколошка дозвола за цементарницата ТИТАН Усје.
Од иницијативата „Стоп за Усје“ ги повикуваат граѓаните, институциите, стручната јавност, организациите и медиумите да се вклучат и да побараат транспарентност, одговорност и заштита на јавното здравје и животната средина.
„Јавната расправа е единствена можност институциите, компанијата, стручната јавност, граѓанските организации и граѓаните јавно да ги изнесат своите аргументи и забелешки за условите под кои цементарницата ќе може да работи во наредните 7 години. Станува збор за процес што директно влијае врз идните обврски на компанијата во однос на контролата на загадувањето, мониторингот и заштитата на животната средина,“ велат од „Стоп за Усје“.
Од цементарницата тврдат дека компанијата работи во согласност со законските прописи. Во март годинава до Министерството за животна средина и просторно планирање доставена е нивна апликација за продолжување на А-интегрираната еколошка дозвола, и како што велат тие, изработена согласно важечките законски и подзаконски акти.

На 23 јуни, граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ заедно со еколошки активисти и граѓани протестираа против обновувањето на дозволата што ја поднесе скопската цементарница со Министерството за животна средина и просторно планирање.
Со протестен марш од Собранието до Министерството, тие побараа обновувањето на А-интегрираната дозвола да биде според европските еколошки стандарди.
„Јавно достапната верзија на дозволата не е напишана според построгиот закон што ќе стапи на сила од 2027 година, како што се тврди. Напротив, барањето содржи помалку информации од постојната дозвола. Три загадувачи се препишани со истите гранични вредности од старата дозвола и некои гранични вредности на загадување се и до 8 пати повисоки од европските стандарди“ – изјавија на протестот од иницијативата „Стоп за Усје“.
Од иницијативата велат дека и покрај над 700 страници поднесена документација од страна на цементарницата, нема конкретни лимити за најопасните загадувачи како тешки метали, диоксини и фурани, кои се сериозни канцерогени супстанции, а исто така нема ни обврска за потранспарентно мерење и известување за јавноста, ниту пак, нови механизми за заштита на здравјето.
Од „Стоп за Усје“ посочуваат дека во Скопје има 42, а на ниво на цела Македонија 140 издадени дозволи на компании со А-интегрирана дозвола, над кои нема контрола за нивната работа.


Екоактивистите и граѓаните со конкретни барања
Еко активистите бараат дозволата за цементарницата да содржи намалување на дозволените гранични вредности за штетните честички што се испуштаат од фабриката, како и засилување на контролите. Сите мерења на емисиите да ги прават институциите наместо самите компании, a информациите за емисиите јавно и редовно да се објавуваат. Од иницијативата бараат и мерките за заштита на здравјето и животната средина да се конкретизираат во дозволата, како и фабриката да премине кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
„Јасно е дека кога нема лимити, нема обврска. А кога нема обврска – загадувањето продолжува“ истакнаа организаторите на протестот.
Оваа дозвола, која ја издава министерството ќе важи во наредните седум години, а со неа се одредува под кои услови смее да работи фабриката.
„Народе, ова е последниот час во којшто треба да се обединиме бидејќи ако за воздух не покажеме единство тогаш се запечатуваме себеси како народ што е роб во своите домови“ се истакна на еден од говорите одржани на протестниот марш.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, на гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија Телма, тврди дека цементарницата УСЈЕ нема да добие дозвола по стари правила.
„По барање на МЖСПП, Усје уште сега ќе ги имплементира најновите и построги еколошки стандарди, иако новиот закон за индустриски емисии стапува на сила дури во септември 2027 година. Истото ќе важи за сите оператори кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола” изјави Хоџа.
Министерот истакна и дека институционалниот рок за увид во барањето за дозвола за Усје сè уште тече. Во првата недела од јули ќе се одржи јавна расправа на територијата на Општина Кисела Вода, каде што е лоцирана фабриката. Заради целосна транспарентност, Министерството тврди дека јавно ќе го објави целиот записник.




Претходно, активисите од иницијативата одржаа неколку герила акции барајќи јавна расправа за поголема транспарентност и построги еколошки стандарди во постапката за издавање нова А-интегрирана еколошка дозвола за фабриката „Титан Усје“. Од иницијативата, организираа 3 блокади пред фабриката, две герила акции и еден протестен марш пред институциите, од Влада преку Собрание до МЖСПП.
ПИНА неодамна реализираше и објави интервју со Урош Мацерл, долгогодишен еко активист од Словенија, кој заедно со еко активисти и граѓани од локалното население во областа Трбовље ја извојуваа долгогодишната борба против француската компанија Лафарж, која ја водеше цементарницата во Трбовље и со години го загадуваше воздухот и животната средина во ова подрачје.
Авторка: Бјанка Станковиќ
Фотографии: Мирон Цали





