Почетна Анализи Скопје чека автобус: Како јавниот превоз ги оттурнува граѓаните кон автомобилите

Скопје чека автобус: Како јавниот превоз ги оттурнува граѓаните кон автомобилите

Автобуси што доцнат по еден час, возила без клима во лето и без греење во зима, како и постојано намалување на бројот на исправни автобуси - вака денес изгледа јавниот превоз во Скопје. Дел од граѓаните веќе се откажуваат од автобусите и преминуваат на автомобили, иако тоа дополнително ги зголемува сообраќајниот метеж и загадувањето во градот.

0
27
Автобус на ЈСП | Фото: ПИНА

Анастасија, студентка од Скопје, за да стигне до факултет секојдневно користи јавен превоз. Вели дека не е задоволна од квалитетот на таа јавна услуга, нема греење ниту ладење во сезоните кога тоа е потребно, а ја мачи и лошата миризба во нив.

„Не сум задоволна – нема греење, нема ладење, ниту пак има соодветен проток на воздух, а просторот не се чисти редовно. Сметам дека основните услови треба да бидат приоритет, бидејќи тие директно влијаат и на здравјето и на квалитетот на услугата. Потребно е одговорните лица почесто да вршат контроли за да се осигура дека условите се на соодветно ниво“, вели Анастасија.

Решението на овој проблем таа го гледа во поставување системи за ладење и греење во автобусите, како и во почести контроли од одговорните лица.

Нејзината колешка Емилија, поради доцнењето и непојавувањето на автобусите, веќе две години користи автомобил. Вели дека е свесна дека тоа не е еколошки транспорт, но е принудена – за да се движи низ градот и да си ги заврши обврските.

„Воопшто не сум задоволна од јавниот превоз, затоа што постојано доцни, а некогаш автобусите воопшто и не доаѓаат – често знаат да доцнат и подолго време без никакво објаснување. Зимно време нема греење, преку лето нема клима – навистина катастрофа. Поради тоа веќе две години користам автомобил како превоз, иако тоа не е ниту поекономично ниту поеколошко решение, но е единствениот начин да стигнам навреме и без дополнителен стрес“, вели Емилија.

Нивното незадоволство не е изолиран случај. Анализите покажуваат дека јавниот превоз во Скопје со години се соочува со намалување на бројот на возила и патници, додека ветените реформи остануваат нереализирани.

 „Скопје има импровизација на јавен превоз“

Ана Антевска, новинарка од порталот „Сакам да кажам“, вели дека во последните пет години Скопје се наоѓа во најлоша состојба кога станува збор за јавниот превоз.

„Во моментов во градот имаме импровизација на јавен превоз. Автобус се чека и по еден час, не знаете кога ќе дојде и уште колку ќе чекате на станица, а кога ќе дојде е преполн. Автобуси се расипуваат среде возење. Скопје, како главен град, не може да се пофали дека некогаш имал јавен превоз како големите европски градови, но во последните пет години ситуацијата е најлоша – граѓаните кои користат јавен превоз мака мачат да стигнат на работа, на училиште или на факултет.“

Според Антевска, проблемот настанал со доаѓањето на градоначалничката Данела Арсовска, која не ги реализирала ветените 250 еколошки автобуси, ниту бесплатниот превоз за граѓаните. Таа додава дека политичките несогласувања помеѓу поранешната градоначалничка и тогашната опозициска ВМРО – ДМПНЕ дополнително ја влошиле состојбата со јавниот превоз во главниот град.

„Не само што не се реализираа предизборните ветувања, туку состојбата стана уште полоша. Кавгите со ВМРО-ДПМНЕ се одразија врз реализацијата на проектите. Во Советот на Град Скопје не се гласаше за набавка на нови автобуси. Дополнително, честите промени на директори и лошата финансиска состојба придонесоа дел од автобусите да не бидат во функција. Не се вршеше редовно сервисирање, а нередовното плаќање кон приватните превозници доведе до тоа и тие да не сообраќаат“, додава таа.

Решението, според неа, е набавка на нови возила, постојано обновување на возниот парк и воспоставување нов возен ред.

Помалку автобуси, помалку патници

Последните анализи на Центарот за граѓански комуникации покажуваат дека бројот на патници во автобусите на ЈСП „Скопје“ за десет години е намален од 52 на 22 милиони годишно.

Истовремено, опаднал и бројот на автобуси – од 430 во 2015 на 341 денес, од кои само 157 се во секојдневна функција.

Се намалува и бројот на исправни автобуси (од 316 на 185), додека просечната старост расте и достигнува 13,3 години.

Како резултат на оваа состојба, особено после ковид-кризата, бројот на патници е преполовен и продолжува да опаѓа.

Новите автобуси „на чекање“

Набавката на нови возила за скопскиот јавен превоз ќе почека откако Државната комисија по жалби за јавни набавки донесе решение за поништување на последната јавна набавка на електрични автобуси и електрични полначи.

Од Министерството за транспорт известија дека „согласно своите надлежности,  предметната јавна набавка повторно ќе ја објави согласно законските прописи во најбрз можен рок“.

Конкурсот на Министерството за транспорт и врски за набавка на 150 електрични автобуси беше објавен во февруари годинава. На тендерот понуди доставија четири економски оператори, а прелиминарно беше прифатена заедничката понуда на австриската компанија ЕВН и унгарската Електробус-Икарус.

Во јавноста беше критикувано менувањето на условите во текот на тендерската процедура. Од Министерството одговорија дека „измените се направени како резултат на барања на економските оператори кои доставија прашања преку Електронскиот систем за јавни набавки за да се овозможи поголема транспарентност и конкурентност во постапката. Економските оператори сметаа дека е ограничувачки фактор да се бараат договори само за електрични автобуси и побараа да се бараат договори за било кој вид автобуси. Со цел поконкуретна постапка ние тоа го прифативме“, соопштија од Министерството.

Претходно не успеа уште една постапка за набавка на 120 електрични автобуси. Во тој случај понуда достави само кинеската компанија “Zhong Tong Bus Holding.”

„Тендерската постапка беше поништена бидејќи економскиот оператор не ги исполнуваше критериумите од јавниот повик, односно во делот на Барањето за референтна листа, не достави доказ за реализиран договор во последните 10 години, како што се бараше , а немаше соодветни докази и за банкарска гаранција“, соопштија од Министерството за транспорт и врски.

Авторка: Софија Бислимоски

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.