Почетна Анализи Со 140 денари, студентите не можат да имаат здрав и квалитетен оброк

Со 140 денари, студентите не можат да имаат здрав и квалитетен оброк

0
25
Илустративна фотографија | Фото: Alimentos Fotogenicos

„Со 140 денари денес тешко може да се обезбеди здрав и достоинствен оброк — студентите не бараат луксуз, туку основни услови за нормално студирање“, вели Бобан Кочески, студент на ФИНКИ, посочувајќи дека студентскиот оброк одамна ја изгубил својата реална вредност поради инфлацијата и растот на цените.

Тој оценува дека студентите секојдневно се соочуваат со финансиски притисоци, а наместо вистинска поддршка, добиваат симболична помош што повеќе не ги покрива ниту основните потреби за квалитетен оброк.

Бобан Кочески | Фото: Приватна архива на Кочески

„Не е нормално студент во 2026 година да пресметува дали има доволно пари за еден пристоен оброк. Реалноста е дека со 140 денари тешко може да се обезбеди здрав и хранлив оброк, а најчесто студентите се принудени да избираат евтина и нездрава храна само затоа што немаат друга опција“, вели Бобан.

Тој додава дека студентскиот живот и онака носи голем финансиски притисок — кирија, превоз, книги, трошоци за факултет и секојдневни потреби.

„Иако според закон студентскиот оброк требаше да биде зголемен уште во 2023 година, денес, во 2026, сè уште нема никаква промена. Тоа остава впечаток дека студентските проблеми постојано се ставаат во втор план. Потребно е итно покачување на износот и поголема грижа за студентскиот стандард. Студентите не бараат луксуз, туку основни услови за достоинствен живот и можност без секојдневен финансиски при

Ѓорѓи Јачев | Фото: Приватна архива на Јачев

тисок да се посветат на своето образование“, вели Бобан Кочески.

Сличен став дели и Ѓорѓи Јачев, студент на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“, кој смета дека актуелниот износ на студентскиот оброк е далеку од доволен во услови на растечки трошоци за живот.

„Сумата од 840 денари за цела недела не е доволна и би рекол дека е дури и смешна, особено со оглед на тоа што инфлацијата постојано расте. Ние како студенти и како иднината на оваа земја заслужуваме повеќе. Ако кај пензионерите и администрацијата платите се покачуваат секоја година, тогаш треба да има покачување и за студентите“, вели Јачев.

Инфлацијата го „јаде“ студентскиот оброк

„Доколку зборуваме за оброк што би вклучувал главно јадење, салата и пијалак, сумата е недоволна, особено во услови на континуиран раст на цените. Мерката е позитивна, но неопходно е износот редовно да се усогласува со реалните трошоци за живот и инфлацијата“, вели Гоше Николов, основач на студентската платформа Студентарија.

Според него, иако мерката има значајна улога во олеснување на студентскиот буџет, реалноста покажува дека со 140 денари денес тешко може да се обезбеди целосен и нутритивно балансиран оброк.

Тој посочува дека студентите директно ја чувствуваат инфлацијата преку секојдневните трошоци — храна, превоз, кирија, сметки и материјали за факултет — а најпогодени се младите кои студираат надвор од родниот град и имаат дополнителни трошоци за сместување и живот.

Гоше Николов | Фото: Приватна архива на Николов

„Во пракса, секое незголемување на финансиската поддршка значи намалување на куповната моќ на студентите“, оценува Николов.

Според него, институциите целосно не ја исполнуваат законската обврска за усогласување на износот на студентскиот оброк со инфлацијата, иако тоа е предвидено со измените на законот од 2023 година.

„Последното зголемување беше во 2023 година, кога износот се покачи од 120 на 140 денари дневно. Оттогаш, и покрај растот на трошоците за живот, износот остана непроменет. Тоа значи дека вредноста на оваа мерка постепено се намалува“, додава тој.

Николов предупредува дека студентскиот стандард не се сведува само на субвенционираниот оброк, туку и на условите во студентските домови, каде, како што вели, и понатаму има проблеми со вода, греење и електрична енергија.

„Имавме ситуации каде студенти со денови немаат вода, а особено загрижувачки беше случајот во студентскиот дом „Никола Карев“ во Охрид, каде студентите во февруари останаа без струја повеќе од 30 часа. Тоа не се услови достојни за нормален студентски живот. Дополнителен проблем е исхраната во студентските домови. Особено критики има за таканаречените викенд-пакети во домовите каде кујните не работат за време на викендите. Наместо квалитетен и нутритивен оброк, студентите добиваат пакети кои често содржат говедски нарезок, паштети, кечап, мајонез и благо“, објаснува Николов.

Тој додава дека и покрај одредените законски измени кои биле направени лани со кои се прошири опфатот на студенти што имаат право на субвенциониран оброк, клучниот проблем, како што е нискиот износ на финансиската поддршка, сè уште останува нерешен.

„Точно е дека во 2025 година беа направени позитивни измени со кои се прошири опфатот на студенти што имаат право на субвенциониран оброк, вклучително и студентите кои се вработени и земаат плата до висина на минималната, како и студентите на втор циклус студии. Тоа е чекор напред. Но, суштинскиот проблем останува — износот не се усогласува со законската обврска и реалните економски услови. Во пракса, тоа значи дека вредноста на оваа мерка постепено се намалува“, вели Гоше Николов.

Студентите бараат усогласување на оброкот со инфлацијата

„Согласно законот за субвенциониран студентски оброк, висината на субвенцијата треба да се усогласува со порастот на трошоците за живот и стапката на инфлација. Имајќи ја предвид инфлацијата и континуираниот раст на цените од 2023 година наваму, основано и легитимно е очекувањето износот на субвенцијата да бележи раст“, вели Александар Бојчовски, претседател на комисијата за студентски стандард при Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Од министерството за образование и наука за ПИНА посочуваат дека минатата година, во координација со националното студентско тело, бил направен чекор во насока на проширување на опфатот на мерката за субвенциониран студентски оброк, наместо зголемување на дневниот износ.

Александар Бојчовски, претседател на комисијата за студентски стандард при Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј | Фото: Приватна архива на Бојчовски

„Со ова, работниот статус повеќе не е услов за остварување на правото, па мерката сега ја користат и редовни студенти на додипломски студии со приходи пониски од минималната нето плата, како и постдипломци“, велат од Министерство за образование и наука.

Александар Бојчовски потсетува дека студентите претходно барале зголемување на оброкот на 160 денари, но наместо тоа, средствата биле насочени кон проширување на опфатот на корисници.

„Иако мерката претставува важна поддршка за студентскиот стандард, реалноста покажува дека со актуелниот износ студентите тешко можат да покријат целосен дневен оброк. Потребно е во следниот период да се разгледа можноста за дополнително усогласување на висината на субвенцијата со економските услови и реалните потреби на студентите“, додава Бојчовски.

Автор: Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.