Македонските матуранти се подготвуваат за јунската државна матура, а веќе во јули и август, оние кои планираат да го продолжат образованието, ќе мора да го направат својот конечен избор. Прв предизвик за многумина од нив е одлуката – студирање на некој од македонските факултети, најчесто во Скопје или Штип, или сепак да се обидат да ги минат границите на земјава и сите останати „граници“ кои ги носи образованието во странство.
Минатата, 2025 година, ниту еден македонски универзитет повторно не се најде на престижната Шангајска листа на најдобри универзитети во светот. Дали токму (не)квалитетот на нашето образование е пресуден за младите да ги пакуваат куферите и „сонот за достоинствено студирање“ најблиску го реализираат во Благоевград, во соседна Бугарија.
Несомнено, европската академска диплома сега е многу подостапна, но и поисплатлива за младите во Македонија. Трендот за студии во соседна Бугарија е исклучително популарен изминатите години, а ова особено важи за жителите на пограничните градови, како Крива Паланка, Делчево, Берово, Пехчево, Струмица…
Универзитетот познат како Југозападен универзитет „Неофит Рилски“ лоциран во Благоевград, на околу 100 километри од споменативе гранични места, е сè почест избор на голем број млади, воопшто од земјава.
Стапивме во контакт со повеќе студенти кои студираат на овој Универзитет и живеат во „студентскиот“ Благоевград, но не сите беа подготвени за зборуваат јавно за својот избор, затоа што тврдат дека, особено во помалите средини се шират табуа дека сите кои заминале во Бугарија на студии се, како што велат, помалку патриоти од оние кои останале и дека целта од студиите во Бугарија им е да стигнат до пасош на земја-членка на ЕУ.
Дипломата признаена во Европа, достапноста на универзитетските професори, стипендиите, можноста за практична работа и потенцијално вработување, условите во студентските домови, можноста за студентски размени и програмите за работа на студенти во Америка и Германија, младинскиот културно-забавен живот… се нештата кои ги нагласија речиси сите со кои разговаравме, бидејќи студентското искуство е многу повеќе од предавањата. Паралелно, бесплатно го учат бугарскиот јазик два пати неделно.
„Јас заминав поради далеку подобрите можности и финасиската исплатливост кои ги носи овој факултет,“ вели студент од Делчево кој сака да остане анонимен.
Како што споделува, има уште неколку испити до дипломирањето на Катедрата по информатика, а сите овие години примал стипендија поради просекот и секоја летна сезона работел во Америка преку студентските програми.
„Многу е едноставно и никому не должиме објаснување. Студирањето во Бугарија е достоинствено, квалитетно, но и многу исплатливо ако сте вреден и посветен студент,“ порачува тој и открива дека кога ќе прошета и заработи доволно пари, планот му е да се врати во Македонија и да инвестира во ИТ-секторот.
Андријана Алексовска од Крива Паланка на Природно-математичкиот факултет при „Неофит Рилски“ дипломирала во академската 2023/24 година, на насоката Информациски системи и технологии. Сега е вонредно на магистерски студии на истиот Универзитет, специјалност дигитални финансии.

Вели дека се запишала во 2019 година, и можеби, некои работи се променети оттогаш, но своето искуство го опиша како одлично.
„Најискрено на иста далечина беше факултетот како и Скопје, но имаше повеќе можности, полесно беше да се отиде на Еразмус размена и пракса, за работа во Америка полесно се средуваа документи и ми изгледаше дека се нудат повеќе можности отколку тука. Имаше и повеќе луѓе кои ги познавам и поинтересни специјалности кои се нудеа на Факултетот. Јас лично од студиите на ПМФ сум многу задоволна од гледна точка на достапност на професори, дали за прашања, појаснувања можевме да ги контактираме на меил, Вибер, Фејсбук,“ вели Андријана за ПИНА.мк.
Нејзиното академско искуство потврдува дека практичната работа многу повеќе се акцентира на овој факутет во Бугарија.
„Гледаа да нè мотивираат повеќе и да не потикнат да учиме. Многу им беше значајно да посетуваме вежби, практичниот дел им беше во фокус, секогаш сме имале практични вежби од типот да направиме веб-страна, да дизајнираме постери и слично. Административниот дел не беше „нападен“, бргу се завршуваше. Не сум имала проблем да ме вратат и покрај јазикот како бариера. Студентскиот дом знам сега дека се реновира. Тогаш бевме три во соба со ходниче, со сопствен тоалет, кујничка. Цената беше околу 22-23 евра месечно. Останатите цени тогаш беа поевтини од Скопје, а сега мислам дека се поскапени,“ раскажува Алексовска.
Вели дека освен основните стипендии, за некои факултети има и приоритени стипендии на успех.
„Знам дека на почеток на годината само доцнат исплатите, потоа ги добиваме наеднаш. Во глобала не сме останале без стипендија. Одлична е можноста за платена пракса во бугарски компании со кои соработува факултет, иако многу зависи од самите компании, Еразмус праксите нудат пракса надвор од Бугарија. Во иднина се гледам во Македонија барем следниве неколку години, секако отвoрени ми се можностите и за Бугарија, Хрватска или евентуално Америка… Не се гледам во Германија, Австрија, скандинавските земји,“ вели Алексовска.
19-годишната Ева Николова го привршува вториот семестар од првата година на Студиите за филмска и телевизиска режија. Иако, годинава ѝ била динамична од секој аспект, вели дека со задоволство продолжува со можностите кои и ги нуди студирањето во Бугарија.
„Се одлучив за студирање во Бугарија поради комбинацијата од неколку значајни фактори. Пред сè, квалитетот на образованието и меѓународната признаеност на дипломите беа клучни причини. Дополнително, близината до Македонија овозможува полесна адаптација и почеста комуникација со семејството. Исто така, условите за студирање, како и можностите за личен и професионален развој во меѓународна средина, значително придонесоа во донесувањето на оваа одлука,“ раскажува Ева чиј факултет е со четири години.

„Имам другарки кои се задоволни од студиите од Македонија. Споредбата зависи од индивидуалните приоритети на секој студент. Во татковината, постојат квалитетни универзитети и средината е позната, додека студирањето во Бугарија нуди поинакво искуство, поголема изложеност на меѓународни фактори и можности за проширување на видиците. Не би издвоила дека едната опција е апсолутно подобра, туку дека изборот зависи од личните цели и амбиции. Во однос на иднината, се гледам како професионалец кој ќе продолжи да се развива и усовршува, со отворени можности за работа и во Македонија, и во странство, во зависност од условите и перспективите што ќе се понудат,“ споделува младата Николова.
Професорката од Филозофскиот факултет при УКИМ во Скопје Ирена Теодора Весевска потврдува дека трендот за студирање во странство е веќе многу јасно изразен и во последните години станува сè повидлив.
„Не станува збор само за индивидуални одлуки, туку за поширок образец кој се формира меѓу младите. Сè почесто студентите уште во текот на средното образование активно истражуваат можности за студирање во странство, особено во земјите од регионот како Словенија и Бугарија, кои им се достапни и јазично и културно. Ова укажува на тоа дека одлуката не е импулсивна, туку е резултат на подолг процес на информирање и споредување. Младите денес имаат многу поголем пристап до информации, ги следат искуствата на нивните врсници и развиваат јасни очекувања од тоа што треба да им понуди високото образование. Во таа смисла, изборот да се студира во странство често се перципира како рационална и стратешка одлука, а не како ризик,“ вели професорката за Весевска за ПИНА.мк.

И професорката Весевска смета дека поврзаноста на високообразовните институции со пазарот на трудот е многу важен сегмент при изборот за студирање.
„Причините се повеќеслојни и произлегуваат и од реални состојби и од начинот на кој младите ги доживуваат различните образовни системи. Факултетите во регионот често нудат појасно структурирани студиски програми, поголема административна ефикасност и подобра организација на наставниот процес. Студентите имаат чувство дека системот функционира предвидливо, дека постојат јасни правила и дека нивниот академски пат е логично организиран. Покрај тоа, инфраструктурата, дигиталната поддршка и пристапот до ресурси во многу случаи се на повисоко ниво. Но, можеби уште поважно е тоа што тие институции успеваат да создадат впечаток на поврзаност со пазарот на труд. Студентите гледаат појасна перспектива по дипломирањето, што има силно влијание врз нивната одлука,“ вели професорката од УКИМ.
Таа додава дека во Македонија, од друга страна, не недостасува знаење или квалитетен академски кадар, туку често недостига системска поддршка што ќе го направи целокупното студентско искуство поконкурентно.
Висината на цените за студирање се тука некаде како и на државните универзитети во земјава, но предноста конкретно за овој Универзитет во Благоевград е што студентите уште од прва година земаат стипендии во висина од околу 70 – 100 евра месечно. Речиси сите споделија дека исплатата е навремена и дека се трудат да го фатат просекот за стипендија и за следната академска година.
Примамлива им е и можноста за платена пракса. Преку програмите за практична работа на „Еразмус+“, оние кои се заинтересирани имаат можност да аплицираат за платена пракса во времетраење од неколку месеци во текот на академската година, па така стекнуваат контакти со потенцијалните работодавачи.
„Кога имате можност за пракса во некоја компанија со меѓународен рејтинг, доколку се покажете, практично сте во тек со можностите за вработување во истата таа компанија,“ раскажуваат повеќето студенти-идни програмери кои се ангажирани на проекти во познати компании.
Професорката Весевска смета дека, овие програми не се клучни при конечниот избор за студии во странство, но сепак, имаат силно влијание, бидејќи директно ги адресираат економските аспекти на студирањето во странство.
„За многу студенти, можноста да стекнат професионално искуство во странство, притоа со финансиска поддршка, ја прави идејата за заминување многу поконкретна и достижна. Она што е особено значајно е трансформативниот ефект на овие програми. Студентите кои учествуваат во Еразмус+ не само што стекнуваат нови знаења, туку добиваат и самодоверба дека можат успешно да функционираат во меѓународна средина. Токму тоа искуство често ги поттикнува да размислуваат за подолгорочен престој или кариера надвор од земјата. Сепак, важно е да се нагласи дека Еразмус+ не е причината за одливот на студенти, туку механизам што ја засилува таа тенденција,“ смета таа.
Истражувањато со наслов „Млади, миграции, образование“ реализирано во 2023 година, од страна на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип покажува дека бројот на студенти кои заминуваат на студии надвор од земјава е речиси дуплиран.
„Квалитетот на студиските програми, рејтингот на универзитетите и студирањето на некој близок надвор од државата се причина 21% од матурантите од четири региони од земјва (од Североисточниот, Источниот, Југоисточниот и Повардарскиот плански регион) да заминат на некој од факултетите во странство“ – се наведува во тогашното истражување. Според истото, атрактивни дестинации за студирање се Словенија и Бугарија.
На темава која е тесно врзана со едно од болно-доминантните прашања во македонското општество – одливот на мозоци, одговор побаравме и од Министерството за образование и наука.
„МОН не располага со прецизни податоци за бројот на македонски студенти во странство, од причина што нема можност да го следи одливот на наши граѓани кои заминуваат во странство на сопствена иницијатива,“ велат оттаму нагласувајќи дека високото образование е еден од клучните владини приоритети.
Од министерството потсетуваат дека во процес на подготовка е нов Закон за високо образование, нов Закон за обезбедување на квалитет во високото образование и нов Закон за научно – истражувачка дејност – за кои велат дека, меѓу другото, ќе го унапредат квалитетот на студиските програми, ќе ја стимулираат меѓународната соработка и воведувањето на студиски програми со двојни дипломи, ќе значат предност при вработување на високообразовните установи за најдобрите студенти во една генерација, односно добитници на Инженерски прстен, како и за студентите кои студирале на некој од најдобрите 100 светски универзитети.
„Во меѓувреме се работи на подобрување на условите за студирање. По седум години откочена е изградбата на објектите во дворот на УКИМ, кои ќе бидат наменети за ФИНКИ, отпочната е постапка за изградба на нов објект за Факултетот за физичка култура, здравје и спорт, а во тек е и етапна реконструкција на државните студентски домови,“ велат од МОН, додавајќи дека во изминатите година и половина прифатени биле повеќе барања на студентските организации со кои се подобрува студентскиот стандард или пак се олеснува процесот на студирање.
Како примери ги наведуваат – проширена мерка субвенциониран студентски оброк со опфат и на студентите на постдипломски и интегрирани студии, бесплатен превоз, олеснети се критериумите за искористување на одредени категории на стипендии, дигитализирани се постапките за аплицирање за студентските права…
За законските измени професорката Весевска, пак, смета дека ако не се направи јасен пресврт кон суштински, а не козметички реформи, тешко е да се очекува дека ќе се запре одливот на студенти и дека ќе се врати довербата во домашниот образовен систем.
„Искрено, сметам дека постои сериозен ризик новиот Закон за високо образование да остане повеќе декларативен отколку трансформативен. Иако формално се претставува како чекор напред, анализите и забелешките што произлегоа од академската заедница укажуваат дека суштинските проблеми на системот не се адресирани на доволно длабоко ниво. Она што особено недостасува е јасна визија за тоа какво високо образование сакаме да изградиме,“ вели професорката.
Она што треба да се акцентира, според Весевска, е дека, како што вели, законот не дава убедлив одговор на клучните прашања како универзитетите реално да се поврзат со општеството и пазарот на труд.
„Најважно, сепак, е да се зајакне врската помеѓу образованието и реалниот сектор. Студентите треба да имаат чувство дека нивното образование води кон конкретни можности. Кога таа врска е слаба или нејасна, тогаш логично е да се насочат кон системи каде што таа перспектива е поочигледна,“ заклучува професорката алармирајќи дека неопходно е да се пристапи кон суштински промени кои ќе се одразат во секојдневното искуство на студентите.
Автор: Христина Николовска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА





