Напредок во делот на правосудството и човековите права и понатаму останува слаба точка на Македонија, во приближувањето кон Европска Унија. Ова беше нотирано и во последниот извештај на Европската Комисија, во кој исто така генералниот заклучок е дека нема напредок во приближувањето кон ЕУ.
Беба Жагар, истражувачка во Институтот за европска политика (ЕПИ), во интервју за ПИНА.мк, вели дека за 2025 година извештајот има послаба оценка во споредба со извештајот од 2024 година.
Според неа, намалените оценки во однос на 2024 година укажуваат дека реформите во правосудството не се движат во потребната насока и дека остануваат сериозни структурни слабости. Таа додава дека, извештајот нагласува и дека политичките притисоци врз судството сè уште се присутни. Како примери се наведуваат јавните изјави на политичари со закани за мерки против судии и обвинители, претресот во Судскиот совет и иницијативите за интерпелација на негови членови и јавниот обвинител.
„Особено е загрижувачки што нема напредок во Поглавјето 23: Правосудство и човекови права и Поглавјето 24: Правда, слобода и безбедност, кои се клучни поглавја за владеење на правото, но и влијаат на темпото на преговорите. Минатата 2024 година извештајот нотираше ограничен напредок во Поглавјето 23, оценка која за 2025 година е променета во нема напредок.
Намалена е оценката за напредокот во Поглавјето 24, каде што од забележан одреден напредок за 2024 година, сега оценката е сведена на ограничен напредок. Овој негативен тренд на движење на оценките на Европската комисија за нас покажува дека не ги спроведуваме неопходните реформи за подобрување на состојбата на владеењето на правото во државата и дека се уште постојат бројни проблеми за решавање, особено во областа на судството,“ вели Жагар во интервју за ПИНА.мк.
Извештајот забележува дека политичкото влијание врз судството сè уште е проблем. Дали граѓанскиот сектор гледа конкретни примери или трендови кои го потврдуваат тоа?
– Европската комисија изразува загриженост за надворешното и политичкото мешање во судството, со оглед на изјавите на политичарите за преземање мерки против судиите и јавните обвинители кои ги обвинуваат за корупција, претресот во просториите на Судскиот совет изминатата година како и интерпелациите против членови на Судскиот совет и Јавниот обвинител на Република Северна Македонија.
Покрај Годишниот извештај, овие притисоци се забележани во Извештајот за владеење на правото на Европската комисија, како и во нашите анализи на тие извештаи. Неопходно е да се запази принципот на рамнотежа и кочници, но истовремено, да се земе предвид независноста на секоја од гранките на власта една од друга бидејќи меѓусебно претерано мешање може да доведе до дополнително загрозување на независноста на правосудството.
Комисијата нотира ограничен напредок во борбата против високата корупција. Каде сметате дека институциите најмногу потфрлаат?
– За борба против корупцијата оценката дека нема напредок се повторува втора година по ред, истакнувајќи дека корупцијата останува распространета и предизвикува сериозна загриженост. Во извештајот директно се споменува и трагедијата од 16 март во Кочани, кога на виделина излегоа системските предизвици во спроведувањето на антикорупциските мерки. Видлива е недоволната транспарентност на правосудството, но и недоволната соработка на институции, како и инстанци на корупција од висок профил.
Дополнително, недоволно е нивото на имплементација на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2021-2025), што годинава се должи и на настаните поврзани со поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата. Покрај тоа, ДКСК се соочува со недоволни човечки и технички капацитети.
Од друга страна, и Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се соочуваат со недостаток на буџет и човечки ресурси за ефективно справување со корупцијата на високо ниво и организираниот криминал. Конечно, недостасува подобра координација помеѓу овие институции. Во таа насока, позитивен исчекор годинава е одржаната конститутивна седница на Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата.
Кои конкретни мерки треба итно да се преземат за да се подобри ефективноста на Јавното обвинителство и Специјализираните оддели за гонење на корупција и организиран криминал?
– Државата, преку Реформската агенда, има преземено обврска да донесе нови или да измени и дополни постојни закони, стратегии и акциски планови, вклучително и Законот за Советот на јавни обвинители, Законот за јавното обвинителство, Кривичниот законик, Законот за кривичната постапка, законите за платите на судиите и јавните обвинители; Акцискиот план за спречување на корупцијата во судството итн.
Во извештајот, Комисијата ја повторува забелешката дека не се доволни финансиски и човечките ресурси во судовите и јавните обвинителства, па следствено на тоа и изостанува напредокот во спроведувањето на стратегиите за управување со човечки ресурси, од 2020 година.
Најитно е зголемување на буџетот на јавните обвинителства со цел техничко опремување на обвинителствата, зголемување на бројот на вработени, како и јакнење на нивните капацитети. Дополнително, неопходна е подобра координација помеѓу јавните обвинителства, но и со други институции со кои обвинителствата соработуваат за поефикасно решавање на случаите пред нив.
Извештајот спомнува дека реформските процеси често остануваат на хартија. Што недостига за нивна реална имплементација – политичка волја, ресурси, транспарентност или нешто друго?
– Потребно е системско и инклузивно носење на законите, со вклучување на сите засегнати страни, со цел обезбедување нивна примена. Процесите треба да бидат транспарентни и отворени, но најважно е да се има јасна цел за тоа што сакаме да постигнеме. Законите се носат за подобрување на состојбата дома, што ќе овозможи и приближување кон ЕУ и европскиот стандард.
Колку е важна соработката меѓу граѓанскиот сектор и државните институции во спроведувањето на реформите што ги бара ЕУ?
– Важна е соработката помеѓу сите засегнати страни во општеството – владата, граѓанскиот сектор, бизнис заедницата, академската заедница. Покрај финансиските потешкотии и несигурната средина во која функционираат граѓанските организации, сепак имаат капацитет да понудат кредибилни наоди и препораки за креирање на политики и нивна соодветна имплементација.
Само со инклузивен и транспарентен дијалог, заснован на докази, може да се стигне до квалитетни и одржливи решнија, кои ќе ѝ помогнат на земјата побрзо да напредува кон ЕУ и да ја достигне целта. Во таа насока, како сериозен чекор напред мора да се спомене повторното воспоставување на Советот за соработката на граѓанскиот сектор со Владата годинава, во кој членуваат бројни претставници од министерства и граѓански организации. Нивната заедничка работа придонесува кон тоа да се слушне гласот на граѓанското општество, а истовремено и да се одржи редовна комуникација со Владата на теми релевантни за државата, но и за нејзиниот пат кон Европската Унија.
Конечно, дали сметате дека критиките на Европската комисија ќе послужат како поттик или како дополнителен притисок врз властите во однос на следниот извештај?
– Целта на ваквите извештаи на Европската комисија е да ја покажат подготвеноста и напредокот на државата на патот кон Европската Унија. За нас како невладин сектор, извештајот служи како основа за нашите активности, но за државата треба да биде патоказ за тоа како треба да се спроведуваат реформите.
Автор: Теута Бучи
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





