Недостатокот на дигитални решенија го отежнува секојдневието на студентите

0
63
Фото: Christin Hume on Unsplash

Дигитализацијата во современите општества направи големи промени во начинот на студирање, но во Македонија се уште на најголемиот Универзитет „Св.Кирил и Методиј“ за обична потврда студентите треба да одат лично во службата за студентски прашања. Она што најмногу им пречи е одењето на студентски прашања за да се завршат услугите кои што претходно биле завршени онлајн.

Петар Весовски, студент на Филолошки факултет вели дека треба да се укине шалтер системот, бидејќи нема смисла да запишуваат семестар и да пријавуват испити онлајн и на студентски прашања.

Студентите плаќаат две ставки поврзани со дигиталните услуги, а вкупниот износ е 450 денари, електронско запишување и заверување на семестар во износ од 100 денари и Е-УКИМ во износ од 350 денари.

Во индексот запишуваат и заверуваат семестри, а истото ова се прави и во iKnow системот. Оценките се запишани само електронски во iKnow системот и сите потребни информации за студирањето на еден студент се достапни во тој систем.

„Шалтер системот требаше да биде укинат многу одамна, мој личен став е дека треба да се укине што е можно побрзо. Најмногу сум чекал 40 минути до еден час, имајќи предвид дека студентските прашања работат само три часа со студенти,” вели за ПИНА.мк Љубомир Давитков студент на ФИНКИ.

Клучен е интересот на институциите

Претседателот на Комисијата за дигитализација при Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј во Скопје“ (УСС УКИМ), Александар Ристоски смета дека целосната дигитализација во себе треба да опфати неколку сфери, како упис, заверка и онлајн плаќање, чување на информации во вид на е-индекс, имање онлајн пристап до учебници коишто подоцна би можеле да си ги испринтаат доколку некој сака физички да ги користи, и вадење потврди.

„УСС УКИМ испраќа барања со цел дигитализирање на Универзитетот, а дополнително почнуваме и да испраќаме барања за сите институции, бидејќи не се сите услуги опфатени во рамките на УКИМ. Имаме испратено барања за дигитализирање на обрасците за упис и заверка и тие се веќе укинати. Следни чекори се индексот и статистичкиот образец, а дополнително ќе бидеме во комуникација со институции надвор од Универзитетот. Еден наш прв продукт е апликација – мапа за достапни оброци, а дополнително ќе се развиваат уште многу системи директно под наша надлежност,“ вели Ристоски.

Тој додава дека дигитализацијата може да се спроведе на побрз и поекономичен начин, доколку има добро планирање и на ниво на држава.

„Еден систем може да работи на сите институции, а тоа значи многу универзитети, средни и основни училишта. Тоа е и целата идеја позади софтверското инженерство, да создадеш еден наместо 10 исти системи,“ додава тој.

Според комуниколот Бојан Кордалов дефиницијата за целосната дигитализација подразбира интеграција на дигиталните технологии во сите аспекти на образованието, од основно до високо образование.

Тоа опфаќа не само употреба на електронски уреди и онлајн ресурси, туку и поставување на целосна дигитална инфраструктура: дигитални платформи за учење, системи за следење на напредокот, електронски учебници, виртуелни лаборатории и алатки за интерактивна настава. Целта е да се креира ефикасен, достапен и инклузивен систем каде што секој ученик и студент имаат подеднакви можности за напредок.

„Клучно, повеќе можности и слобода за учениците и студентите, можност за нивен неограничен развој и усовршување и мобилност која ќе им овозможи да се развиваат на личен, образовен и професионален план според нивните желби и замисли. Истовремено, дигитализација не значи наметнување, туку избор плус, да бидете во допир со образовните текови и трендови кои се менуваат секојдневно во развиените земји и на крајот на краиштата да ги донесеме дома образовните стандарди од земјите од Европа и САД, односно од земјите каде што нашите млади сакаат или одат да студираат и работат,” рече Кордалов за ПИНА.мк.

Тој смета дека клучна е волјата на институциите, и оваа тема треба да биде поставена како национален и натпартиски приоритет, вклучување на сите во процесите и секако посветена работа наместо честата неконзистентност и влечењето на секој на своја страна.

„Ние уште сме во фаза на разговор за дигитални услуги и дигитална трансформација, а светот веќе регулира и дава етичка насока на движење на вештачката интелигенција,” додаде Кордалов.

Стратегија има, потребно е делување

Како држава имаме започнато одредени чекори во правец на дигитализација, особено со обезбедување на дигитални платформи за настава и подобрување на интернет-конекцијата во училиштата.

Меѓутоа, за целосна дигитализација потребно е континуирано вложување во дигитална инфраструктура, обуки за наставниот кадар, и поголема свесност за бенефитите на дигиталната трансформација.

Министерството за дигитална трансформација, е новоформиран ресор во Владата и од таму за ПИНА.мк велат дека имаат сеопфатна визија и стратегија за дигитална трансформација на општеството во целина.

„Нашите надлежности се фокусираат на развојот на дигиталната инфраструктура, промоција на информатичкото општество, креирање на стратешки документи за дигитализација, спроведување обуки за дигитални вештини, како и обезбедување безбедност на информациските системи и мрежи.

Како Министерство за дигитална трансформација, ние остануваме посветени на обезбедување техничка поддршка и експертиза во доменот на дигитализацијата, во координација со сите релевантни институции, со цел успешна имплементација на дигиталните решенија во образовниот систем,“ велат оттаму за ПИНА.мк

Во програмата за работа на Владата е предвидена заложба за дигитализација на високото образование од аспект на електронско спроведување на одредени постапки кои ќе го олеснат студентскиот живот – заверување семестри, пријавување испити, електронски индекси кое треба да се направи во соработка со високообразовните установи.

Автор: Сара Танаскоска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА