Движењето „Петоци за иднината“ кое започна уште во 2018-та година, протестира против недостатокот на акција за кризата со климатските промени низ светот. Од 2019-та година ова движење функционира и во Македонија и одржува протести за локалните проблеми, како загадувањето така и за климатските промени.
Иво Босилков е активист од движењето и во интервју за ПИНА потенцира дека не треба да се намалува тежината и суштината на проблемот. Тој вели дека се работи за криза која што е резултат на нашиот начин живот и општо начинот на функционирање на сето ова општество, почнувајќи од конзумеризмот и создавањето на енормните количини на пластика, користењето фосилни горива, како и на секакво загадување во однос на природата и на океаните.
„Тоа што ние конкретно сакаме да го постигнеме овде, како и секој огранок на Петоци за иднината на глобално ниво што работи во локален контекст, кои се тие промени кои што се поврзани таму со климатските промени и како може да се влијае на таа конкретна власт и на таа институција која што е во тоа место. Да ја спроведе таа општествена трансформација и тие барања што се на глобално ниво за намалување и не само тоа, туку и ставање крај на испуштањето на ЦО2 гасови кои што ја загреваат атмосферата, да се случи истовремено насекаде и тоа е тоа што се обидуваме да го направиме“ – појаснува Босилков.
Неодамна, тој беше дел од активистите кои што беа задржани од обезбедувањето на Министерството за животна средина за време на герила акција со боење која ја направија пред министерството. Нивната реакција, Босилков ја оценува како тотално несоодветна, несразмерна и според некои сознанија, дури и правно неиздржана.
„Реакцијата, таа паника и хистерија која што ја демонстрираа луѓето од обезбедувањето и од полицијата беше некоректна и особено укажува на тоа каква е таа дискрепанца помеѓу справувањето со вакви банални изрази на активизам. Од друга страна, и на кој начин односно никаков начин, системот се справува со број еден проблемот кој што го имаме овде, а тоа е еколошката криза“ – дециден е Босилков.
Иако верува дека е можно во институциите да постојат луѓе кои што се трудат да направат сѐ што е во нивна моќ, сепак тој вели дека се додека пошироката јавност не го гледа тоа преку тотална мобилизација во однос на прашањето за животната средина, за нив тоа нема да ги постигне посакуваните критериуми. Затоа како движење ќе се потрудат борбата со климатските промени да не стане бесконечна, а особено ќе ја набљудуваат ситуацијата пред изборите. Она што ќе го понудат партиите и како сето тоа ќе се развива на институционално ниво.
Движењето „Петоци за иднината“ го откажа вчерашниот протест поради препораките во однос на појавата на корона вирусот. „Основниот принцип на нашето движење е грижата за здравјето и безбедноста на граѓаните, и затоа не сакаме нашиот собир да претставува закана за нив. Во таа насока, сакаме да потсетиме и дека кога епидемијата ќе биде ставена под контрола, климатската криза и загадувањето ќе останат најголемите егзистенцијални проблеми на оваа и сите други држави“, наведоа оттаму.
Во продолжение слушнете го целото интервју со Иво Босилков:
Автор: Бјанка Станковиќ
Сторијата е изработена како дел од Програмата за жени новинарки, проект кој го спроведува ПИНА со поддршка од Цивика мобилитас. Содржината на оваа сторија е единствена одговорност на ПИНА и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.