Иако веќе две години нема репрезентативна студентска организација, при уписот на семестар на факултетите на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, задолжителна е уплатата на име „Студентски парламент“, пишува Диверсити медиа.
На сметката на Здружението на граѓани „Студенски парламент при УГД“ во 2018 година, како што објавуваат тие, студентите уплатиле над еден милион денари. И во 2019 година студентите плаќаа на име „Студентски парламент“, но парите се уплатуваа на сметка на универзитетот.
Во текот на уписите за оваа студиска година 2019/2020 во септември 2019 година, сите студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, уплаќале задолжителни 150 денари за „Студентски парламент“ и правобранител.
При тоа никој не го покрена прашањето – за кој „Студентски парламент“, кога со новиот Закон за високо образование од мај 2018 година, оваа организација веќе не е репрезентативно тело на студентите, туку студентските собранија, кои не беа формирани.
Парадоксот да биде поголем, пари за „Студентски парламент“ се прибирани и во 2018 година, при уписите за студиската 2018/2019 година.
Со новиот закон, студентските организации кои постоеја предходно, познати како „Студентски парламент“, организирани како здруженија на граѓани, автоматски престануваат да бидат репрезентативни тела на студентите. Тоа беше и објаснувањето што го добивме од Универзитетот. Меѓутоа, Здружението на граѓани „Студентски парламент при УГД“ се’ уште постои и има активна жиро сметка, потврдија од Централен регистар. Здружението последната завршна сметка која ја има приложено во февруари 2018, прикажува приход од 1.313.256 денари. Од тоа 1.077,407 денари, се приходи од членарина од студентите, кои плаќаа при уписите на студиската година.
Целата сторија на Теодора Новеска и Шефкије Аласани работена како дел од „Мрежата на млади новинари“ е достапна на Диверсити медиа.