Физички присутни, но институционално непостоечки

0
194

Во земјава според институциите постојат стотици граѓани кои немаат документи за идентификација. Од друга страна, невладините организации укажуваат за илјадници лица кои поради тоа што немаат документи, не уживаат никакви основни права како образование или здравство.

Еви Шкопи и Ивана Настеска

Омер има 24 години и е роден и пораснат во земјава, но не ужива никакво право бидејќи е евидентиран како мртов. Омер има извод на родени и посмртница, првиот документ од 1995 година, а вториот од 1997 година, но има и диплома каде се вели дека ги завршил студиите во 2014 год. Тој објаснува дека целата збрка се случила поради една грешка на неговите родители. Ова го сфатил на 18 годишна возраст, кога сакал да извади документи за идентификација. Тој понатаму раскажува:

„ Кратко по моето раѓање, се родил и мојот братучед, но тоа било породување дома. Не го запишале во Матичната книга на родени. Една година подоцна тој се разболел. Бидејќи бил незапишан во Матичната книга на родени, биле принудени да го носат на лекар со мојата здравствена книшка. Неговата состојба се влошила и за жал, починал. Од родителите било побарано да ја потпишат документацијата и од шокот доживеан поради губење на животот на член од семејството, не сфатиле дека всушност потпишуваат документи каде нивниот син фигурира како починат”, вели Омер.

Како се живее без никакви права?

И покрај тоа што не извршил никаков криминал, Омер вели дека живее во страв. Разочаран, вели дека можеби никогаш нема да има нормален живот.

Јас не постојам овде. Живеам како бегалец. Немам никакви права. Не можам да одам во странство. Кога сум болен, не можам да одам во државна болница. Не можам да уживам во правата на работникот, не можам да живеам како моите врсници. Работам како келнер и постојано сум во страв. Кога сум ноќна смена, честопати ја гледам полицијата на пат кон дома, многупати ме застанувале, ми бараат документи, а јас немам ништо. Потоа ме приведуваат во станица и ме држат со часови додека да се објасни ситуацијата и додека не дојде татко ми да ме земе. Утре не ќе можам да се венчам, ниту ќе можам татковство да пренесам на моите деца“, раскажува Омер.

Патот до решавање на овој проблем станува дури и покомплициран. Од Министерството за внатрешни работи му кажале дека за да тој да се регистрира, треба да се отвори гробот на неговиот братучед. Омер вели дека во тоа време неговиот братучед бил закопан во село, и денеска не се знае каде е гробот. Тој вели дека му било ветено неколку пати од политички фигури, за време на предизборни периоди, кога им требаат гласови, но веднаш по изборите, оваа мака, вели Омер, се заборавала од сите. Институционално нема поднесено барање за решавање на овој проблем, бидејќи се плаши де не го уапсат татко му поради направената грешка.

Ситуацијата во која се наоѓа Омер, најдобро ја разбира Сафије Пајазити.  Деведесет годишната жена од Бреза нема никаков документ, освен извод на венчани. Целата забуна се случила кога таа се мажела. Во тоа време имала 16 години и три месеци и нејзините родители сакале да ја подигнат нејзината возрасна граница. Како година на раѓање е напишана 1928-ма, но не мислеле на фактот дека истата таа година се родил и нејзиниот брат, со кој сега има само седум дена разлика. Таа не памети дали имала документи за идентификација до времето кога се венчала.

„Така биле луѓето порано, планински луѓе, пократко кажано. Ме омажиле, не ми средиле никаков документ. И јас бев млада, не барав никаков документ. Сум имала 16 години и три месеци, ми рекоа да ме направат постара. Кога го направија тоа, со брат ми испадна дека сме само 7 дена разлика„ – вели старата Сафије.

Документите за идентификација, вели таа, ги сака само за една цел – да добие здравствена книшка.

„Отидов на лекар, но не ме примија. Ми кажаа дека не смеат без документ. Назад дома. Јас барам државата да ми ги среди документите за да имам барем здравствена книшка, за да можам да одам на лекар. Бидејќи од ден на ден сум се послаба и ако лежам во болница, не ќе можам да платам дури и куќата да ја продадам.“

Точната бројка предмет на прогнози

Точен број на лица во земјата кои немаат лични документи нема никој, ниту институциите ниту невладините организации. Според првите, бројот на лица без документи достигнува 700. Бројките веројатно се многу поголеми, вели Драги Змијанац, од детската амбасада „Меѓаши“, само нерегистрирани деца, вели тој, се околу 5 илјади.

„Неофицијалните бројки можат да се движат од 3 до 5 илјади. Важно е да се дефинира точниот број. Според некои податоци на Министерството за труд и социјална политика, евидентирани се 330 деца фантоми, кои може да бидат киднапирани и исчезнат од мапата на Македонија, без да се знае претходно ниту од каде се движеле. Да не зборувам за трговија со деца, детски органи, детска проституција и други ужасни форми на злоупотреба на децата.“

  Дали новиот предлог-закон ќе им ги реши проблемите на овие граѓани?

Неодамна Владата го усвои предлог-законот на неевидентираните лица и го достави до собранието. Како што беше тогаш соопштено од владината прес-служба, предлог-законот има за цел неевидентираните лица во матичните книги на родените да се стекнат со својство на лице со посебен граѓански статус. Тоа треба да им овозможи остварување право за образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување согласно закон. Од Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите „Месечина“ од Гостивар велат дека овој предлог-закон е добар чекор, но тој нема трајно да ги реши проблемите на сите граѓани кои се без лични документи.

„Овој предлог-закон е крупен чекор кон напред и повеќе од потребен. Полесните случаеви ќе ги реши, но нема да даде трајни решенија за сите граѓани кои не се евидентирани. Особено, нема да ги реши проблемите кај покомплицираните случаеви. Овие граѓани е потребно да се стекнат со право на здравствена и социјална заштита, образование, а крајно да им се овозможи и правото за барање на работа“, вели Мухамед Точи од ХДЗР „Месечина“.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска неодамна информираше дека сите овие граѓани кои немаат документи ќе може да го остварат своите граѓански права.

„Овие луѓе премногу долго живееја на маргините на нашето општество. Со новиот Предлог закон кој го утврдивме на Влада им овозможуваме да ги остварат своите основни права. Право на здравствена и социјална заштита и редовен работен однос, а децата ќе можат да се вклучат во образованиот процес“, информираше Царовска.

700 лица без документи се регистрирале досега

МТСП и Управата за водење на матични книги уште лани во април објавија Јавен повик до сите лица коишто живеат во земјата а не се евидентирани во Матичната книга на родени. Тие беа повикани да дојдат во канцелариите на матичните служби за да пополнат Прашалник во кој ќе ги наведат своите податоци. Јавниот повик траеше до ноември 2018 година и беа пријавени 700 лица. Податоците од пополнетите Прашалници се внесуваат во посебен електронски регистер. Како што објаснуваат од Министерството, врз основа на овој регистер, Управата за водење на матични книги на овие лица ќе им издава привремен Извод на родени и МВР ќе им издава привремена лична карта. Од ова министерство велат дека на овој начин ќе можат да ги остварат сите права кои им следуваат како граѓани на оваа држава. Остварувањето на овие права и овој статус овие лица ќе го имаат се до обезбедувањето на потребните документи за нивна регистрација во редовната матична книга на родени, велат од МТСП.

Овој текст е продукт од проектот “Young Journalists’ Network” имплементиран од Демокраси Лаб. Овој проект е поддржан од Амбасадата на САД. Мислењата, откритијата и заклучоците или препораките изнесени овде се на имплементаторите/ авторите, и не ги одразуваат оние на Владата на САД.

This article is a product of the project “Young Journalists’ Network” implemented by Democracy Lab. This project was funded through a U.S. Embassy grant. The opinions, findings, and conclusions or recommendations expressed herein are those of the implementers/authors and do not necessarily reflect those of the U.S. Government.

Ky artikull është produkt i projektit “Young Journalists’ Network” I implementuar nga Democracy Lab. Ky projekt është i mbështetur me grant nga Ambasada e SHBA-ve. Mendimet, zbulimet dhe konkluzionet ose rekomandimet e paraqitura këtu janë të implementuesve/autorëve dhe nuk i reflektojnë domosdoshmërisht ato të Qeverisë së SHBA-ve.