Откако ПИНА објави дека Македонија поради долгови не може да учествува на изборот на песна на „Евровизија 2018“, од ЕБУ (Европската радиодифузна унија) за „ЕСЦ Тудеј“, велат дека се надеваат дека ќе најдат заедничко решение со МРТ, пренесе агенцијата МЕТА.
– Се разбира дека се надеваме дека може да се најде решение за МРТ да може да биде вклучена во натпреварот за песна за „Евровизија“ во 2018 година. За да го постигнеме ова работиме заедно со МРТ и РТП (Португалската радио-телевизија). Доколку најдеме решение ЕБУ ќе информира во догледно време – вели Џон Ола Санд, извршниот супервизор на ЕБУ.
Вчера Португалската радио-телевизија и ЕБУ објавија листа на учесници на Изборот за песна на „Евровизија“ 2018, на која ја нема Македонија.
На официјалната веб-страница на „Евровизија“ има листа на 42 земји учесници на овогодинешниот избор кои се потврдени од ЕБУ на која ја нема Македонија.
Под листата пишува дека промената од изборот во 2017 година е што Русија повторно ќе учествува, а Македонија нема, пишува агенцијата Мета.
ЕБУ минатата недела соопшти дека „Македонската радио-телевизија“ моментално е оневозможена да учествува на Изборот за песна на „Евровизија“ 2018 поради санкција за неплатен долг.
МРТ по ова испрати соопштение во кое ги наведе своите долгови кон различни доверители, кои изнесуваат 19,5 милиони евра, но порача и дека враќањето на долговите и нормалното работење на куќата се попречени од долгот на Управата за јавни приходи (УЈП) кон МРТ кој изнесува 34 милиони евра.
Во поглед на долгот и проблемите со Европската радиодифузна унија (ЕБУ), МРТ сега должи малку повеќе од еден милион евра, но според соопштението, била одржана средба меѓу двете тела при што било решено да се укинат сите санкции за МРТ и сите услуги на ЕБУ се сега достапни на македонскиот јавен радиодифузер.
Изборот за песна на „Евровизија“ 2018 ќе се одржи на 8, 10 и 12 мај во Лисабон, Португалија.
ПИНА објави дека МРТ веќе не може да ги користи услугите на Европската радиодифузна унија (ЕБУ) поради неплатен долг. Ова значи дека во опасност е целата програмска шема на националниот сервис. Гледачите на „Македонската радио-телевизија“ (МРТ) освен без Евровизија може наскоро да останат без европски спортски првенства, странски програми, филмови и без странски документарци поради натрупан долг кон Европската радиодифузна унија (ЕБУ). Извор од програмскиот совет на МРТ, кој сакаше да остане анонимен, за ПИНА откри дека долгот надминува 500.000 евра. Ова можеби изгледа ситно во споредба со огромниот долг што националниот сервис го има натрупано низ годиниве, а кој е поголем од вкупните годишни приходи на телевизијата. На крајот на 2016 година, МРТ имала приходи од 19,3 милиони евра, а вкупниот долг натрупан со години кон домашни и странски доверители бил 21,8 милиони евра.
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.