Почетна Анализи Граѓаните се жалат на недостапност на јавни информации, Агенцијата за слободен пристап...

Граѓаните се жалат на недостапност на јавни информации, Агенцијата за слободен пристап ретко ги санкционира институциите

0
48
Фото: Wesley Tingey, Unsplash

Кон средината на април годинава повторно почна да функционира Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ), откако претходно четири месеци беше затворена. Овој прекин директно се одрази врз можноста на граѓаните и медиумите да ги добијат бараните податоци од институциите.

Законот за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер го штити правото на граѓаните да вршат увид во работата на јавните институции. Сепак, праксата покажува дека слабостите во функционирањето на Агенцијата директно влијаат врз неговата примена и врз транспарентноста на институциите.

Главниот и одговорен уредник на Радио МОФ, Исмет Шабановиќ вели дека во изминатите четири месеци како медиум испратиле повеќе жалби до АСПИ, но не добиле одговор дали жалбите се примени и дали се процесирани.

Шабановиќ за ПИНА вели дека забележал ноншалантен однос на институциите во постапувањето по барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од четири испратени барања, на едното барање никогаш не добиле одговор, додека другите три институции се изјасниле за ненадлежни иако по закон биле.

Исмет Шабановиќ | Фото: Приватна архива

„Во случај кога Агенцијата не функционира, јасно е дека институциите не го спроведуваат законот суштински. Добивате одговори кои се само некоја форма, со што се намалува нивната отчетност. Во случаи кога не функционира контролната институција за спроведување на законот, тој постои само на хартија“, вели Шабановиќ.

Агенцијата за слободен пристап не функционираше од декември 2025 година поради избор на нов директор. Од 15 април повторно е активна, а за директор е именуван Петар Гајдов, вработен во институцијата. Во меѓувреме веб-страницата, електронската пошта и телефоните повторно се ставени во функција, а вработените се вратени на работа.

Сепак во моментот, нема назначено заменик директор, што според Шабановиќ претставува уште една дополнителна институционална пречка да се реализира правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.

Пречки во спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер

Во случаи кога, Агенцијата за слободен пристап утврдува повреда на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер таа носи решение за наложување на институцијата да постапи по барањето. Може да донесе решение за задолжување на институцијата да спроведе конкретни чекори да го овозможи правото на граѓанинот или да донесе решение за повторно постапување по барањето со цел да се отстранат пречките во остварувањето на граѓанското право.

Според последниот годишен извештај на АСПИ за 2024, во пракса се случува институциите и покрај решението издадено од Агенцијата, да не постапат по насоките, со што на граѓаните дополнително им се успорува остварувањето на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер.

„Не помалку за одбележување е и негативната „праксата“ на одредени институции кои, наместо да постапат по решенијата на Агенцијата, носат свои одлуки спротивни на одлуките на Агенцијата, или пак поднесуваат тужби против решенијата. Меѓу нив се Град Скопје, Агенција за пошти и Министерството за финансии. Против дел од службените лица, Агенцијата поведе прекршочна постапка, а против дел бидејќи беа поведени управни спорови не беше покрената прекршочна постапка“, стои во извештајот на Агенцијата.

Од Управниот суд за ПИНА потврдија дека од 2020 до 2025 година, против одлуките на АСПИ биле поднесени вкупно 156 тужби пред Управниот суд, од нив 19 се уважени, а 5 постапки сè уште се во тек, за сите останати судот проценил дека се неосновани.

Ограничено санкционирање на институциите за непочитување на законските обврски

Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер има надлежност да изрекува санкции и врши притисок врз институциите, но во пракса тоа ретко се случува.

Владимир Бангиевски | Фото: Приватна архива

„Законот дозволува АСПИ да изрекува прекршочни санкции кон институциите кои не ги доставуваат побараните информации до граѓаните, но тоа во пракса ретко се случува, а уште позагрижувачки е што секоја година бројот на жалби е во благ пораст, а бројот на изречени санкции се намалува“, вели адвокатот Владимир Бангиевски.

Додава дека глобите се ретки и често не се реализираат.

Во исто време, според годишните извештаи на Агенцијата, бројот на жалби расте од 296 во 2021 година на 354 во 2024 година, додека бројот на изречени санкции се намалува од 71 во 2022 на 21 во 2023 и 2024 година, што според Бангиевски упатува на фактот дека сѐ поголем број граѓани наишле на пречки во остварување на правото да дојдат до потребната јавна информација, но институциите не биле санкционирани за своето непостапување.

„Од вкупниот број на изречени санкции, најголем број се само опомени, кои немаат суштинска моќ да поттикнат сериозни промени во работата на институциите“, вели Бангиевски.

Податоци од Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер

*Во делот на санкции, земена е 2022 година како референтна, а не 2021 како во случај со бројот на жалби, бидејќи во извештаите до 2022 година во делот за прекршочни санкции не се јасно одделени и дефинирани број на преземени предмети од претходна година, број на направени порамнувања и број на нови побарувања за поведување прекршочна постапка. Од 2022 година наваму тие делови во извештаите се јасно разграничени, па за поголема сигурност земени се податоците од 2022 како референтни и тие покажуваат дека бројот на нови изречени санкции се намалува. 

Лимитирани механизми за заштита кога Агенцијата не функционира

Податоците и искуствата на новинарите укажуваат дека, кога контролната институција не функционира целосно, примената на правото на слободен пристап до информации се соочува со сериозни предизвици.

Судовите и Народниот правобранител можат да постапуваат по повреди на правото за слободен пристап до информации, но нивните надлежности се ограничени. Правобранителот делува преку препораки и јавен притисок, без можност да изрекува санкции, додека судските постапки често траат од неколку месеци до неколку години.

Во услови кога Агенцијата не функционира, како што беше случајот во изминатиот период, или функционира со ограничувања, без заменик директор, како што е во моментот, како и без користење на можности за почесто изрекување на санкции кон институциите, граѓаните остануваат со ограничени опции за заштита.

Авторка: Магдалена Стојмановиќ – Константинов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА
ПИНА
Privacy Overview

This website uses cookies so that we can provide you with the best user experience possible. Cookie information is stored in your browser and performs functions such as recognising you when you return to our website and helping our team to understand which sections of the website you find most interesting and useful.