Дел од куќите во Велес, кои се познати по својата автентична архитектура и се дел од културното наследство, се оставени на забот на времето и за жал пропаѓаат. Грижата за нив е запишана само на хартија, но не и во пракса.
Според документи на Подрачна единица на Државен архив на Македонија во Велес, во 80-тите години на минатиот век под заштита се евидентирани 72 куќи со архитектонско значење.
Неколку децении подоцна, само десеттина од нив сѐ уште ја живеат од една страна честа што државата им ја укажала, а од друга страна не им дала никаква финансиска и стручна помош на нивните сопственици туку само ги попречувала да поправаат и реконстриураат. Сите останати се урнале сами од себе или се пред уривање.
Ги има во спотови и филмови, но нема финансиска помош за одржување
Варналии во Велес не е повеќе плоштад туку див паркинг. Заглавен помеѓу триесет и осум паркирани моторни возила, четири бетонски столбови на започната и за среќа стопирана градба, како и опкружен од неколку трошни објекти во распаѓање, до кои поставени се лимени гаражи, на поранешниот плоштад а сега див паркинг Варналиите, единствено успева да се одржи во живот стариот Јавор.
Тоа дрво е нем сведок на случувањата низ најмалку три века во кои плоштадот прво се создал откако градители добро испланирале и изградиле велелепни куќи. Помалку од еден век подоцна, комплексот на куќи Варналии во маалото Прцорек, државата ги прогласува за заштитено културно добро како дел од градителско наследство, архитектура на традиционална македонска куќа од XIX век за потоа да го гледа нивното пропаѓање, разградување или пеплосување од оган.

Државата исто така со овие градби се фалеше низ светот. Милчо Манчевски ги сними во спотовите на македонската туристичка кампања „Македонија вечна“ откако многу одамна, во 1958 година, беа прикажани и во филмот „Мис Стоун“. Ставени се под заштита во 1964 година а сопствениците од тогаш до денеска не добиле ниту една државна финансиска помош за одржување.
Од катастрофалниот пожар на 20 декември 2019 година, во кој до темел изгоре куќата на Паунови и настрада сопственикот Миле, до денес не е одвоен ниту денар, не е започната реконструкцијата и нема изгледи дека воопшто куќата ќе може со реконструкција да се изгради на местото на кое пленеше со убавина од 1868 година.
Иако Управата за заштита на културно наследство наложила на одделот на Конзерваторски центар, надлежен за Велес, да ја сними и да направи проект за реконструкција на изгорената куќа на Паунови како и на уште една, соседната, на Маневи, после седум години реалната состојба покажува дека таму не е ставен ниту еден камен во темел или тула во ѕид. За жал, земјената подлога во основата на куќата на Паунови служи за паркинг места на кои се паркираат возила.

Сопственикот Лазо одлучи – ја продава семејната или куќата на Тренчови
Наскоро на Прцорек и куќата на Тренчови ќе ја снема од сокакот на Варналиите. Осумдесет и четири годишниот Лазо Тренчов одлучи да ја продаде родната куќа извлекувајќи поука од немилиот настан, од пред шест години, кога доволна беше една искра од кварцна печка за пеплосување на куќата на соседот Миле Паунов и беше кобна по неговиот живот, додека во руина ја претвори соседната куќа, на Маневи.
Лазо живее сам во неа и неговите возраст и здравствена состојба не дозволуваат како претходно да може да се движи и грижи за неа. Куќата е стара 162 години. Таа е една од најубавите стари градби во Велес која располага со голем двор од кој дел е во приземјето на куќата, има два ката на кои освен по четири одаи, соби, се наоѓаат и три чардаци. Искачувањето до катовите е преку дрвени скали на кои има дрвени огради.

„На моја возраст повеќе не е безбедно да се качувам по скалите. Немам ни потреба да ги користам собите. На чардаците нема гости кои што би седеле. Немам средства а веќе сум и стар за да ја уривам и си изградам мал приземен дел во којшто ќе се чувствувам прво безбеден а потоа ќе ги одживеам последните години како квалитетни на еден старец. Кога можев не смеев клинец да удрам без одобрување од државата. И сега не смеам а се пропаѓа,“ вели Тренчов во разговор за ПИНА.мк.
Тој додадава дека од малата пензија двои за варосување и за справување со влагата, со мемот.
„Државата ниту еднаш не се сети, не праша што ни треба, државни претставници не дошле да ги видат условите во кои се наоѓаат овие куќи, сите не само мојата, за да сфатат дека еден посилен земјотрес, една искра од оган од нив ќе претвори купови а не ќипови на архитектура или не знам веќе како се не ги нарекуваат. Сега ништо не ми треба. Очекувам да се јави сериозен купувач кој ќе може да инвестира во современ дом а јас нема многу да размислувам. Ја ставам на продажба,“ додава тој.
Под куќата на Тренчови, е куќата на Прнарови. Нејзиниот трем, дел од приземјето, е претворено во магацински простор. Со првиот чекар ве пречекува глетка на темнина заедно со мирис на мем и влага во тремот.

Погледот однадвор кон двата ката во висина и кон покривот на оваа куќа доловува глетка на дограма или на дрвени прозорци во распаѓање со искршени стакла, искривена влезна порта на која повеќе ги нема украсните клавоси и орнаментираното метално чукало. Качувањето по првите неколку дрвените скали од тремот кон првиот кат остави впечаток на ризик што дополнително го потврдија извикнувањата на соседите „не се качувај, не се знае колку се безбедни!“
Годинава не е планирано започнување на реконструкцијата на куќата на Паунови
Mинистерството за култура и туризам за ПИНА.мк не одговори конкретно дали во Годишната програма за работа на министерството и на Национален конзерваторски центар за 2026 година е планирано започнување на реконструкција на Куќата на Паунови, со колку финансиски средства и за кои фази.
Оттаму соопштија дека на оваа државна институција и биле значајни заштитата и унапредувањето на објектите од старата градска архитектура како дел од националното културно наследство во рамките на стратегиските определби.
„Заштитата на објектите е долготраен процес и затоа би сакале да нагласиме дека постојат приоритети кои се утврдуваат врз основа на повеќе критериуми, меѓу кои, степенот на подготвеност на проектната документација, итноста на интервенцијата, расположливиот стручен кадар, како и расположливите буџетски средства. Во моментот, фокусот е ставен на проекти кои се во понапредна фаза на подготовка и за кои постојат целосно обезбедени предуслови за нивна реализација,“ велат од надлежното министерство.
Од таму додаваат дека тие во соработка со надлежните институции, меѓу кои и Националниот конзерваторски центар, продолжува да работи на анализа и дефинирање на следните чекори за објектите кои претрпеле сериозни оштетувања, со цел нивно соодветно третирање во наредните програмски периоди.
„Во однос на двата опожарени објекти од 2019 година, Националниот конзерваторски центар има изработено идејни проекти за нивна реконструкција, а нивната реализација ќе следи по завршување на веќе започнатите активности. За динамиката и за понатамошните активности јавноста ќе биде навремено информирана,“ дополнуваат од министерството.
Реконструкцијата на куќата на Паунови, во комплекс куќи Варналии, ќе чека во редот на приоритети. Останатите куќи како на Прнарови, Тренчови и Маневи можат да се продаваат но не смеат да се планираат никакви интервенции во нив. И не само за овие туку, и за останати стари куќи кои се распаѓаат во Велес кои се во старото градско јадро.
Дел од нив се на значајни велешани или семејства, како родната куќа на Ѓорѓи Шоптрајанов или куќата на семејството Дончови, визуелно изградени една спроти друга, но на двата брега на Вардар.


Или куќата на бавчованџијата Аликара попозната како на семејството Апасиеви, кај Црна џамија, чиј горен кат е пред распаѓање а со години чека да биде реконструирана. Таа, исто како и куќите на Прнарови и Тренчови, била изградена од турски бег во средината на XIX век а откако државата пред шест децении ја ставила под заштита позитивно не им одговорила на Апасиеви ниту еднаш на нивните барања за поправка или реконструкција. Пред оваа куќа три години стоеше поставено скеле и горниот кат беше покриен со заштитна фолија а ништо не се реконструираше со одобрените 1 милион и 200 илјади денари во 2024 година од Министерство за култура.
Стари куќи во Велес се купуваат за неколку илјади евра за да бидат оставени да сами од себе да се урнат и опасност се за граѓаните
Во Велес, исто така, не е мал бројот на стари куќи кои не се под државна заштита но поради негрижата на сопствениците кои не живеат во нив сами од себе се уриваат и се опасност за минувачите и за соседите.
Последната се наоѓа на улица „Благој Јосмов“ бр. 16 како и најмалку четири куќи кои се непосредно до неа.

Соседот Никола неколку пати без успешно барал помош од Општина Велес во пронаоѓањето на сопственикот, кој ја купил оваа куќа па заминал во странство и сега се претпоставува дека повторно се вратил во Велес.
Овој сосед сметал дека треба да го заштити својот, имотот на соседите и нивните и особено животите на децата кои иако имаат забрана за игра околу старата куќа, мора да поминат околу неа за да влезат дома. Истото се однесува и на случајните минувачи. Но Никола не успеал во намерата. Тоа што тој се надевал дека согласно Закон за градба општината или ќе го пронајде и ќе му врачи решение на сопственикот или ќе ангажира фирма и ќе ја урне куќата а потоа ќе му ја испрати фактурата на сопственикот засега не се случило.
Општина Велес за ПИНА.мк потврди дека е запознаена со проблемите од општа опасност на овие граѓани. Запрашани, кој и како постапува по пријави на граѓани чии имоти или лична безбедност се загрозени од евентуални уривања на стари куќи, Општината одговори дека Комисија за објекти склони кон паѓање формирана од Градоначалникот постапувала согласно Законот за градење и Правилник за објекти. Општината постапувала по секоја пријава одделно, каде се констатирало дали објектот има сопственик или нема.
„Комисијата излегува на увид на лице место по поднесената пријава и составува записник за утврдената состојба. За утврдената состојба на лице место го известува сопственикот на објектот или законските наследници на сопственикот на објектот, дека е потребно да го оттстрани објектот кој е склон кон паѓање, со тоа што ќе започне постапка за добивање на Одобрение за отстранување по претходно изготвен и доставен ревидиран проект за отстранување на објектот, и дека во спротивно тоа Општината ќе го направи на негов трошок,“ велат од Општина Велес.
Во 2026 година до Општина Велес има доставено две пријави за нови објекти склони кон паѓање, за едно од нив се чека позитивно мислење од Управата за заштита на културното наследство, за да може да се постапува понатаму.
Кои се можните решенија?
Законот за градење прецизно ги утврдува надлежностите на општините над објектите од втора категорија, во кои спаѓаат индивидуални или колективни куќи – згради, како и деловен простор односно објекти на фирми. Тоа значи дека целосното менаџирање, управување, носење на урбанистички планови е во надлежност на општините. Исто така, постапката за стари обрушени објекти ја води општинскиот градежен инспектор според надлежности кои произлегуваат од Законот за градежно земјиште кој пропишува дека „излегува на терен, врши надзор, утврдува фактичка состојба и носи Решение, Заклучок или друг Акт со кој се задолжува сопственикот или друг орган – фирма за уривање да постапи согласно Закон за градење“.
Според информациите на ПИНА.мк останати се само уште два или три комплекси на стари куќи кои можат да се спасат со реконструкции за да се сочува и долови амбиентот на стар Велес од втората половина на XIX век. Тоа се куќите во комплекс Варналиите, комплекс куќи околу Градски саат, куќите во месноста „Фурни“, од основното училиште „Свети Кирил и Методиј“ до делот викан Долни Дуќани, каде се наоѓаат Куќите на Касапови, на Васил Главинов, на Јордан ХК Џинот, како и мал дел во месноста Којник, околу плоштадот.

Во урбанистичкото проектирање на градот со наследена архитектура нема разработено Детални урбанистички планови кои се основа за изработка на студија за реставрација и ревитализација на старото градско јадро, со што се дава нов живот на простор кој успева да зачува архитектонски градби и вредности што светот ги цени и вреднува од историски и културолошки аспект. Без стратешки урбанистички документи повеќе од видливо е дека се губи дел по дел од наследството кое само ако се премине државната граница и се влезе во соседството покажува друг пристап и друга димензија на вредности.
Македонски архитекти сметаат дека со отворање на куќите за потребите од културни настани во Велес како што се поетски читања, сликарски ателјеа или библиотеки од една, за потреби од настани на граѓански здруженија од друга или за преноќишта и кафе простори од трета страна, куќите можат да заживеат.
Автор: Убавка Јаневска
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА





