Меѓу закон и пракса: не функционира гонењето по службена должност за семејно насилство

0
94
Фото:Wesley Tingey on Unsplash

И покрај засилените напори, дебати, прес-конференции и трибини, изминатиов период, за да се изнајдат начини за подобрување на заштитата на жените од насилство, пратениците во Собранието повторно не го изгласаа предлогот на пратеничката Моника Зајкова од ЛДП за воведување електронски нараквици за следење на насилниците.

Од вкупно 97 регистрирани пратеници, „за“ гласаа само 27, што не беше доволно за усвојување на измените. Со ова, по вторпат пропаѓа иницијативата за воведување електронски надзор на сторителите на семејно насилство, мерка која требаше да придонесе за поголема заштита на жртвите.

„Од денес станувате соучесници во секоја следна жртва, во системот кој овозможува макар и една жена да живее во страв,“ кажа Зајкова од собраниската говорница.

Предлог-измените, кои предвидуваа покрај мерката за забрана за приближување, сторителите да носат и електронски уреди за следење и навремено предупредување на жртвата, не добија поддршка од пратеничкото мнозинство. Станува збор за иницијатива што не е нова,  истите измени беа поднесени и минатата година, но и тогаш не беа изгласани.

Со секоја нова жртва, на виделина излегуваат институционалните слабости и пропусти

По трагедијата во Тафталиџе, во која Ивана Јовановска и нејзината 6 годишна ќерка Катја ги изгубија своите животи како последица на сурово и свирепо долгогодишно семејно насилство од Стојанче Јовановски, маж на Ивана и татко на Катја, на виделина повторно излегоа пропустите и слабостите на институциите кои наместо да зашитат и превенираат, игнорираат и замижуваат, а откако ќе се случи најлошото, апелираат да се пријавува.

Но и покрај тоа што жените пријавуваат и по неколку пати, а во случајот на Ивана постоеле и сведоци и снимки, системот затајува, пријавите не се процесираат, слаб е одговорот и заштитата, па жртвите се оставени сами на себе да се штитат, да докажуваат и да бараат помош, а никој да не одговори.

Тука се поставува прашањето зошто и покрај новите измени во Кривичниот законик за гонење по службена должност за дело на семејно насилство со телесна повреда, МВР сепак не постапило во согласност со измените во случајот со Ивана и Катја?

Според адвокатката Марта Гусар во конкретниот случај токму проблемот доаѓа од тоа што не се направила соодветна проценка на ризик.

„Доколку жртвата каже дека нема ништо или дека не е повредена МВР мора, особено по толку пријави, да направи проценка на ризик, па да вклучи доколку е потребно и мултисекторски тим од ЦСР и веднаш без одложување да извести дежурен обвинител. Во конкретниот случај ништо од тоа не се случило. Ако веќе имаме измена на КЗ, жртвата од страв можеби повторно нема да каже што се случило, но сепак МВР е институцијата која треба да направи проценка на ризик. Ако некој има евиденција за одредено лице, односно досие за пријави тоа е МВР. Кој друг требало да реагира повеќе од МВР?“, прашува Гусар.

Според неа, со измените во Кривичниот законик нема да се намали насилството, но сепак се охрабрува жртвата да не се откажува.

„Се надевам со измените, конечно сите служби и институции кои работат на оваа тематика, најпрво ќе научат како да се прави проценка на ризик и дека при првото пријавување на семејно насилство нема да се бара видлива повреда на отворени делови од телото, односно непокриени. Проценката на ризик не може да се направи од несензибилизирани вработени ниту во МВР ниту во Обвинителство, ниту во ЦСР. Ако ги земеме предвид случаите во изминатиот период, ниту една жртва не беше заштитена, а истите беа жртви и на психичко и на физичко насилство, па никој од горенаведените институции не направиле проценка на степенот на ризик, ниту пак знаеле како да постапат“, дополнува таа.

И од Македонското здружение на млади правници (МЗМП) велат дека за гонењето по службена должност да даде резултати во пракса, не е доволна само законската измена. Потребен е функционален систем во кој полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа имаат обучен кадар, јасни процедури за постапување и ефективна меѓусебна координација.

„Клучно е институциите навреме да ги препознаат ризиците и проактивно да собираат докази, бидејќи во случаи на семејно и родово засновано насилство жртвите често се повлекуваат поради страв, зависност или притисок. Особено е важна улогата на полицијата како прва точка на контакт. Доколку пријавата се минимизира или погрешно се квалификува, целиот понатамошен процес се доведува во прашање. Во центрите за социјална работа предизвик се ограничените човечки ресурси и големиот број случаи, додека кај обвинителството е потребно побрзо и поактивно постапување со јасна процена на ризик.

Клучниот предизвик е дали институциите ќе реагираат навреме и координирано. Многу случаи на фемицид покажуваат дека институциите имале претходни сигнали за насилство, но системот не успеал да го препознае ризикот на време. Оттука, покрај законските измени, клучно е зајакнување на институционалните капацитети и одговорноста за пропустите, бидејќи без тоа гонењето по службена должност тешко може да стане ефективен механизам за спречување на насилството“, вели Мартина Дранговска Мартинова од МЗМП.

Јана Иванова Битракова од МЗМП дополнува дека измената во Кривичниот законик носи значително олеснување затоа што одлуката за гонење повеќе не е на товар на жртвата.

„Кога делото се гонеше по предлог, постапката зависеше од нејзината волја и можеше да се запре ако предлогот се повлече, што често создаваше притисок, убедувања или чувство на вина дека токму таа е одговорна за водењето на постапката. Со гонењето по службена должност, таа одговорност се префрла на државата, односно на обвинителството, што може да го намали и притисокот од сторителот. Од друга страна, дел од предизвиците остануваат.

Најтешкиот чекор и понатаму е самото пријавување на насилството, особено кога постои страв, економска зависност или недоверба во институциите. Дополнително, жртвите често мораат повеќепати да го раскажуваат искуството пред различни институции, што може да доведе до секундарна виктимизација. Можно е и насилството да биде пријавено од трето лице, а жртвата да не сака постапката да се води, при што нејзината улога зависи од тоа дали ќе соработува со институциите. Затоа, покрај законската измена, клучно е институциите проактивно да собираат докази и да обезбедат поддршка за жртвите“, потенцира таа.

Сепак, предупредуваат од МЗМП дека можно е во пракса, доколку жртвата не сака да даде исказ пред обвинител да се отежни собирањето докази, бидејќи обвинителството ќе мора да се потпре на други извори: полициски записници, медицинска документација, сведочења од други лица, фотографии од повреди или други релевантни докази. Доколку таквите докази не се доволни, тоа може да влијае и на исходот на постапката.

„Во кривичната постапка секое лице може да биде повикано како сведок, но не секој има обврска да сведочи. Законот предвидува право да одбие сведочење за одредени лица, како брачен или вонбрачен партнер, крвен сродник во права линија, роднина до трет степен во странична линија, како и посвоител или посвоеник на осомничениот, односно обвинетиот. Затоа, во вакви случаи клучно е институциите навреме да обезбедат и други релевантни докази што ќе овозможат постапката да се води и без активна улога на жртвата“, додава правничката.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство побара итна, темелна и независна истрага за трагедијата што се случи на 2 март, каде животот го загубија 31-годишната мајка и нејзината шестгодишна ќерка. Од Мрежата оценуваат дека случајот претставува „црвено знаме за целиот систем“ и бараат утврдување одговорност доколку се потврди дека институциите имале сознанија за насилство, а не презеле соодветни мерки. Тие посочуваат дека трагедијата не е изолиран случај и дека само во 2026 година веќе се изгубени четири животи како последица на родово базирано и семејно насилство.

„Ова што го гледаме не се изолирани инциденти, ова е образец. Образец на недоволна превенција, задоцнети институционални реакции, слаба проценка на ризик и недоволна заштита на жртвите“, истакнуваат од Мрежата.

Рекордни бројки на насилство и фемициди лани – истата приказна продолжува и оваа година

Минатата година ја одбележаа рекордни бројки и во пријавени случаи на родово-базирано и семејсно насилство, но и на фемициди. 4.745 жени пријавиле семејно насилство во 2025 година во Македонија, покажуваат бројките на Министерството за внатрешни работи (МВР), во кои спаѓаат кривични дела, прекршоци и поплаки од семејно насилство. Ако се погледнат бројките од последните пет години, состојбата е загрижувачка. Најчесто сопругите се најпогодената група, што е аларм за воведување засилени мерки за нивна заштита и поддршка.

Минатата година имаше и шест убиства на жени, а билтенот секојдневно е полн со сè повеќе случаи на насилство и оваа година.  Фемициди, силувања, напади, закани, омраза, возменирување, демнење, уценување, мизогонија и сексизам не се изолирани инциденти, туку резултат на едно секојдневие кое ги дехуманизира жените.

Според Гусар, иако досега се направени многу обуки во МВР и ЦСР, сепак тие треба да продолжат и да се интензивираат, особено и за болниците и во образованието.

„Мислам дека и образовните институции се должни да го знаат законот и начинот на постапување. Принципот на должно внимание важи за сите нас, а особено за инстиуциите кои се наведени.  Многупати до сега кажав дека сè додека не почнат да плаќаат казни сите институции за непостапување по должно внимание, додека нема кривична одговорност на таа околност, никогаш нема да има промена.

Еве сега гледаме дежурни судови, кои беа во закон и претходно, земајќи го во предвид фактот дека постапувањето треба да биде во рок од 24 часа. Ако се земе во предвид дека на ЦСР им требаат 30 дена за да пуштат предлог, како очекуваме дека сме заштитиле некој? Ако МВР не прави проценка на ризик, не знае како да постапи, никогаш досега не поднел мерки за отстранување на сторителот од домот, иако оваа мерка постои од 2014 година, како очекуваме дека ќе се зајакнат капацитетите?

Со последните случувања, гледаме промени, само се надевам дека тоа не е промена за три дена и пак за кратко да биде сè по старо. Обуките не само што не смеат да престанат туку треба да се интензивираат, затоа што очигледно ништо досега никој не научил како треба да работи“, вели адвокатката.

На сериозните слабости во институционалниот одговор на насилството врз жените укажа и професорката од Факултетот за безбедност, Стојанка Мирчева, на тркалезната маса што ја организираше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски неколку дена по последниот случај со Ивана и Катја.

Жртвата смее да му прости на насилникот, но државата не смее“, истакна професорката.

Како најкритичен проблем го посочи повеќегодишното спротивставување на полицијата да ја спроведува итната мерка за заштита, отстранување на насилникот од домот и забрана за приближување, како полициско овластување. Таа нагласи дека ова е единствената мерка што државата може веднаш да ја изрече без согласност на жртвата. Мирчева предупреди дека во пракса се губат над 36 часа додека полицискиот предлог стигне до судијата кој треба повторно да ја изрече мерката.

„Во тие 36 часа пресметајте сами колку пати може насилникот да ја убие жртвата“ кажа професорката.

Министерот Панче Тошковски на тркалезната маса за поддршка и заштита на жртвите на насилство врз жени и семејно насилство на која учествуваа, обвинители, заменици министри и претставници од невладиниот сектор, посочи дека едeн од најголемите предизвици во справувањето со семејното насилство е ситуацијата кога жртвата ја повлекува изјавата дадена пред полицијата. Министерот истакна дека постојат механизми во рамките на актуелната регулатива, но дека е неопходна постојана и проширена координација меѓу сите институции вклучени во системот.

Случајот со Ивана и Катја, но и претходните случаи како со Росица, Танкица и други жртви, ја откриваат сериозната институционална слабост во заштитата на жените од семејно и родово базирано насилство, при што законските измени и мерки остануваат недоволни без навремена, координирана и професионално спроведена проценка на ризик од полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа. Бројните пријави и трагедии покажуваат дека за ефективна заштита потребни се системски промени, обуки, одговорност и функционални процедури, со цел жртвите да бидат навремено заштитени и да се спречат идни фемициди.

Автор: Марта Стевковска

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА