Пожарот кој избувна на депонијата „Дрисла“ во септември годинава, заедно со уште неколку пожари на дивите депонии, повторно го отвори прашањето за управувањето со отпадот во Скопје и безбедноста на најголемата депонија во државата. Иако ваквите инциденти не се реткост, јавноста остана без јасни одговори за причините, последиците и можните одговорности. Институциите и јавните претпријатија тврдат дека пожарот бил ставен под контрола без дополнителни буџетски трошоци, додека граѓанските организации укажуваат на системска нефункционалност, недостиг на транспарентност и хронична зависност од застарени модели на депонирање.
Институционален одговор и трошоци
Според одговорот добиен од Јавното претпријатие „Дрисла“ на нашето барање за информации од јавен карактер, во гаснењето на пожарот биле ангажирани вработените на претпријатието со сопствена механизација — два камиони, багер, булдожер и два утоварувачи. Дополнителна помош дошла од други градски јавни претпријатија: „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“ и „Улици и патишта“, како и од Пожарната бригада на Скопје.
Во интервенцијата учествувале и тимови на Дирекцијата за заштита и спасување, кои користеле специјална пена за гасење, како и фирми ангажирани преку Центарот за управување со кризи – меѓу нив „Вато“, „Гранит“, „Ленди Груп“, „ИГМ-Трејд“, „Битем“ и „Арда“. Со помош на булдожер на Армијата на Република Македонија, пожарот бил целосно изгаснат со покривање на жариштата со глинена земја.
Иако се работи за интервенција во која биле вклучени повеќе јавни и приватни субјекти, од „Дрисла“ информираат дека немале дополнителни финансиски трошоци освен за гориво за сопствената механизација. Компаниите, според нив, помогнале „на сопствен трошок“.
Кадар и ресурси за безбедност
Во одделението за обезбедување и мониторинг на ЈП „Дрисла“ се вработени 19 лица. Според податоците за буџетот, секоја година се издвојуваат 600.000 денари за одржување и сервисирање на противпожарна опрема и хидранти, како и 3.540.000 денари за заштитна и противпожарна опрема, од кои само 250.000 денари директно за противпожарна заштита.
„Дрисла“ опфаќа површина од 76 хектари, третира комунален, индустриски и медицински отпад и се наоѓа само 14 километри од центарот на Скопје. Со оглед на потенцијалните еколошки и здравствени ризици, прашањето е дали сегашниот број на вработени и распределбата на средства обезбедуваат вистинска заштита.
Реакции од јавноста и граѓанскиот сектор
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ остро реагираше на пожарот и на изјавите на премиерот, кој најави ново јавно-приватно партнерство за управување со депонијата. Според нив, таквите модели во минатото резултирале со загубени години, нерегуларности и нефункционалност. Тие потсетуваат дека „Дрисла“ веќе беше предмет на спорни договори и дека ветените инвестиции никогаш не биле реализирани.
Во својата реакција, организацијата нагласува дека решението не е во нови концесии и странски партнери, туку во концептот „нула отпад“ – системско намалување на отпадот преку компостирање, рециклирање и повторна употреба. Тие предлагаат конкретни мерки: локални компостари за биоотпад, преработка на градежен шут, работилници за поправка и реупотреба, како и јавни кампањи за примарна селекција на отпад.
Организацијата предупредува дека јавно-приватните партнерства често претставуваат „прикриена форма на приватизација“, каде јавните средства и ризици се префрлаат во приватни раце. Според нив, токму недостатокот на јавна контрола и транспарентност овозможува повторување на истите проблеми, вклучувајќи и инциденти како пожарите на депониите.
Институционална постапка и истрага
Пожарот предизвика и истрага од страна на Министерството за внатрешни работи. Директорот на „Дрисла“, Самир Хусени, заедно со неколку вработени, беше повикан на распит во СВР Скопје поради сомневања за можно намерно палење. Иако од МВР сè уште нема официјална потврда за причините, случајот останува отворен.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека во интервенцијата учествувале два противпожарни камиони со пет пожарникари, како и еден авион „ер- трактор“, кој бил користен за спречување на ширење на пожарот кон околната шума и викенд населбата. Според пилотот на „ер-тракторот“, фрлање вода од висина можело дополнително да го разгори отпадот, што укажува на комплексноста на гаснењето на ваков тип пожари.
По завршувањето на пожарот, на терен биле поставени термални камери и дрон со термална опрема за набљудување на потенцијални нови жаришта и спречување на повторно палење.
Системски проблем наместо изолиран инцидент
Честите пожари на депониите покажуваат дека пожарот на „Дрисла“ не е изолиран инцидент, туку симптом на подлабок системски проблем – недоволно управување со отпадот, недоволна контрола и недостиг на превентивни мерки.
Иако институциите реагираат во кризен момент, граѓаните реагираат дека недостигаат стратегиски механизми кои би спречиле повторување на вакви ситуации.
Фактот дека гаснењето е спроведено без „дополнителни трошоци“ звучи економично, но во исто време ја поставува дилемата за реалната вредност на користените ресурси и одговорноста на сите ангажирани страни.
Од друга страна, граѓанските организации нудат долгорочни решенија, но тие ретко добиваат институционална поддршка. Идејата за „нула отпад“ бара инфраструктура, едукација и транспарентност – три работи кои системски недостасуваат.
Пожарот на депонијата „Дрисла“ е уште еден потсетник дека управувањето со отпадот во Македонија не може да се сведува на краткорочни интервенции и кризен менаџмент. Потребен е интегриран пристап кој ќе ги вклучи институциите, јавните претпријатија, граѓанскиот сектор и експертите.
Ниските буџетски издвојувања и можните злоупотреби при управување со отпадот во Дрисла укажуваат на хронична институционална слабост.
Реакциите на граѓаните покажуваат дека тие се сè повеќе свесни за поврзаноста меѓу еколошките катастрофи, политичката одговорност и квалитетот на животот. Депониите не се само прашање на отпад – тие се прашање на јавна безбедност, здравје и доверба во институциите.
Додека не се воспостави транспарентен и одржлив систем за управување со отпад, секој следен пожар на депониите ќе биде само уште една епизода од истата, веќе позната приказна.
Авторка: Маја Терзиова
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА





