Поранешниот министер Беким Незири од огранокот на ДУИ во Чаир не е веќе ѕвезда на политичкото небо, но се уште има траги од неговото „полетување“ кон контролната кула на Македонската навигација (М-НАВ) од која се наведуваат авионите кои прелетуваат над земјава. Тој беше дел од скандалот со групата која влезе во кругот на кулата и нападнаа контролори на летање, кои биле на смена на работното место.
Но, сите беа осудени на условни казни откако признаа вина и се спогодија со Обвинителството кое наместо да ги товари за загрозување на безбедноста на сообраќајот, ги гонеше за поблаго кривично дело „спречување на службено лице во вршење на службено дејствие“, со образложение дека немало докази дека обвинетите го загрозиле авионскиот сообраќај.
Инцидентот се случи откако Синдикатот на контролорите на летање почнаа протести поради сомнителни огласи и вработувања. Тогаш на власт беше коалицијата СДСМ – ДУИ. Сега поставата е сменета, но обвинувањата за партиски вработувања не престануваат. Сега од другата коалиција, ВМРО – ДПМНЕ – Влен.
„Беким Незири уште работи во администрација, ама не знам што точно работи. Ако се сеќавате во времето на ДУИ имаше конкурс за 10 инженери. Конкурсот што го објавија не го објавија за да биде избран инженерски кадар како што е потребен, или пластично да објаснам, вие во болница за гинекологија имате потреба за гинеколог, а објавувате конкурс дека барате доктор. Нормално дека ќе се пријават и стоматолози и абдомен што работат. Бидејќи го распишаа тој конкурс трудова инспекција ги натера да ги вработат и тие кои нас реално не ни се потребни како такви инженери. И сега имаме околу 10 инженери кои се вработени, а немаме потреба, односно имаме 10 стоматолози во гинекологија“, вака за ПИНА ги објаснува дел од вработувањата, Александар Тасевски, претседател на Синдикатот на контролори за летање кој е еден од најактивните синдикати.
Која партија и да е на власт, Тасевски вели дека е апсолутно исто. Постапките, начинот на вработување се буквално исти, нема разлика, само е прашање како ќе се вика партијата, објаснува синдикалецот.
Па така смената на власта си бара нови кадри. Летово повторно се објави оглас за кој медиумите објавија дека се вработиле лица блиски до владејачката партија. Но, трудовиот инспекторат како што одговорија за ПИНА оттаму, два пати го проверувал овој спорен оглас, еднаш по претставка на Синдикатот, вторпат по претставка на физичко лице. Не нашле никакви неправилности.
„По доставена претставка од Струков Синдикат на контрола на летање во М-НАВ, со наводи за суштествени повреди на одредбите од Колективниот договор на ниво на работодавач и ЗРО во текот на постапката за избор на кандидати по Јавен оглас бр.1/2025 година, објавен од страна на работодавачот на 13.06.2025 година, Државниот инспекторат за труд на ден 04.08.2025 година има извршено вонреден инспекциски надзор, при што не се констатирани неправилности по наводите во претставката. Државниот инспекторат за труд на ден 05.08.2025 година извршил вонреден инспекциски надзор во Акционерско Друштво во државна сопственост за управување со воздушен сообраќај и давање услуги во воздухопловна навигација М-НАВ АД Скопје, со седиште на ул. Македонија бр.25 Палата „Лазар Поп Трајков“, Скопје; Центар, по претставка од физичко лице во која се бара да се направи увид во постапката за вработување по јавен оглас број 1/2025 објавен на ден 13.06.2025. По направениот увид на лице место и во документацијата не се утврдени никакви неправилности и постапката е запрена со записник“, велат од Инспекторатот.
Платите на овие огласи се и до 100 илјади денари, односно не се помали од 1.000 евра, а токму високите плати се примамливи за оние со партиски заслуги.
„Партиски вработувања имало отсекогаш, откако паметам дека постојат партии. Зошто М- НАВ е привлечна? Сите фирми изгледа се привлечни само што партиите имаат рангирање на членовите, па најверојатно некои ги сместуваат во пониско платежна фирма, буџетарска, дали тоа ќе биде администрација, општини, министерства итн, или во М – НАВ или во ЕЛЕМ каде треба да добијат повисока плата. И нормално, тоа е главна цел“, вели Тасевски.
Едно од главните барања на синдикатот е да се вработува исклучиво кадар кој е навистина потребен, пред се контролори на летање и да се направи функционална анализа за да се утврди реалниот број на работни места.
„Ние не ги спориме новите вработувања. Тука има конкурси и каде ќе се вработуваат луѓе кои ги задоволуваат критериумите. Во овој случај тие вештачки прават потреба од работни места коишто не ни требаат, измислуваат работни места. Ако вие знаете само да плетете, сеа ќе ве направиме советник за плетење во авијација. Такви работни места измислуваат за едноставно да ги оправдаат потребата дека тие луѓе мора да се вработат, иако, дури и да имало потреба од некакви такви работни места можеле да ги пополнат со лица од кои веќе имаме превработеност од претходните партии. Тие и сами не знаат што да прават на тие работни позиции, па можеле внатрешно да ги прераспоредат“, рече Тасевски.
М-НАВ АД –Скопје е компанија на која државата и делегира задачи и одговорност за управување и контрола на цивилниот воздушен сообраќај во Македонија. Од есента минатата година претседател на Управниот одбор на М-НАВ е Владимир Ристески со кого контактиравме за барањата и обвинувањата на синдикатот за партиски вработувања. Ристески само кратко ни изјави дека тоа се обвинувања во пресрет на избори и дека сите вработувања биле со согласност на Синдикатот. Иако ни посочи и-мејл адреса за да ги пратиме прашањата, одговор не добивме.
На истата седница Надзорниот одбор со oдлука го назначил Владимир Ристески за претседател на Управен одбор на М-НАВ и за извршен директор на секторот за воздухопловна навигација, со мандат од 4 години.
Од Владата во чија сопственост е М-НАВ велат дека се обезбедени вработувања на контролори и инженери, кои не можат да се вработат заради локалните избори. Како што велат од владата, штрајкот бил побаран уште на 13 јули кога е потпишана спогодбата на двете страни.
„Во однос на Вашите прашања, Ве информираме дека станува збор за штрајк кој е побаран на 13.07.2025 и тогаш е потпишана спогодба помеѓу тогашниот менаџмент и синдикатот, потоа е потпишан колективен договор. Во однос на барањата за обезбедување на стручен кадар обезбедени се одобренија за вработување на шест контролори (дополнително меѓународна сертифицирана компанија ќе го врши изборот на овој стручен кадар како би се избегнале сите состојби на нерегуларности) и пет одобренија за вработување на инженери. Поради фактот што во овој момент се распишани локални избори не постои законска можност постапките да бидат започнати и реализирани“, ни одговорија од Владата неодамна, пред изборите.
Од Владата тврдат дека „остануваат посветени на професионален пристап, актуелниот менаџмент на АД М-НАВ е во постојана комуникација со синдикатот, дотолку повеќе што и за сите други барања кои се и од технички карактер, менаџерскиот тим активно постапува.
„Затоа цениме дека нема простор за нецелосни изјави во институција како М-НАВ“, велат од Владата за ПИНА.
Тасевски објаснува дека во компанијата има одбор од тројца директори, двајца се избираат од самата фирма, „но и тие внатрешните кога се тепаат да бидат директори одат со ветувања кои се контрапродуктивни за нас, вработените“.
„Изгледа им е побитно да ја зачуваат позицијата отколку да ја исправат фирмата на прав пат и потклекнуваат на било какви притисоци иако може „мазно“ да ги отфрлат притисоците. Дури и да го разрешат од директор, ќе биде пак контролор на летање или инженер. Но, за жал има и такви ликови кои не се меѓу таа бројка на луѓе кои стоиме позади професионализмот. Едноставно не ги интересира, единствена цел им е да седнат на таа фотелја“, вели Тасевски.
За да исполнат барем дел од барањата тие се заканија со штрајк кој требаше да се одржи по изборите, но Граѓанскиот суд по тужбата од раководството на М-НАВ експресно донесе времена мерка за забрана на штрајкот без да ги слушне аргументите на Синдикатот.
Не така одамна, неколку дена не работеше единствениот исправен радар на скопскиот аеродром бидејќи вториот не функционира подолго време. Му прегореле информатички делови на компјутерот на работа поради што веќе втор ден на скопскиот аеродром не работи радарот.
Од друга страна, во дворот на М-НАВ до скопскиот аеродром стои новиот радар набавен од Италија кој е неотпакуван и во оригиналното пакување кој треба да профункционира наредната година во февруари. Со години во најава е и нова опрема и нова зграда за контролата за летање, додека во старата пак, контролорите немаат по неколку дена вода и се снаоѓаат за основните потреби.
Авторка: Фросина Факова Серафиновиќ
- Текстот е изработен во рамки на Програмата за новинарки на ПИНА





