Жените сè уште недоволно застапени на локалните избори

0
67
Фото: Canva

Македонија и натаму со недоволно жени во политиката. Иако, на чело на државата е жена – претседателската Гордана Сиљановска Давкова, а и главниот град има жена градоначалничка, сепак експертите од областа оценуваат дека родовата еднаквост сè уште е проблем кој треба да се решава во интерес на демократија. Во прилог на тоа говори и фактот што во пресрет на локалните избори, македонските граѓани, повторно ќе избираат меѓу повеќе мажи-кандидати за градоначалници, додека само неколку општини имаат кандидатки кои претендираат за оваа функција.

Родовата еднаквост треба да е една од клучните точки на социо-политичката агенда, но, се чини, тоа не е правило во Македонија, иако државата е потписник на меѓународни документи за еднаквост и ги вклучува родовите квоти во своето изборно законодавство. Реалноста покажува оти жените сè уште се маргинализирани, особено кога станува збор за избор на извршни позиции, како што се градоначалнички, а прашањето за притисокот врз нив, само поради нивниот пол, е дополнителен проблем поради кој довербата во системот е во постојано опаѓање.

Фото: Александра Цветковска, приватна архива

„Важно е да се нагласи дека присуството на жени во политиката не смее да биде само декларативно или резултат на формални квоти, туку суштински придонес кон создавање инклузивни политики. Лидерките покажуваат дека можат да бидат еднакво успешни и одговорни во носењето одлуки, доколку им се даде фер простор. Родовата еднаквост не е декларација или квота – таа е предуслов за вистинска демократија“, вели поранешната програмска директорка на Националниот демократски институт, Александра Цветковска, која сега самостојно работи на родова еднаквост во државава и на глобално ниво, како и на елиминирање на насилството врз жените во политиката.

И покрај повеќедецениските заложби, бројот на жени-кандидатки и избрани градоначалнички останува низок. Во ниту еден изборен циклус бројот на кандидатки не надминал 30. Цветковска овој податок го смета за загрижувачки.

„Иако квотите од минимум 40% вклученост на помалку застапениот пол на советничките листи обезбедуваат учество на политичарките во процесите на донесување одлуки, сепак останува предизвикот со кандидатки за градоначалничката функција и градоначалнички. Историски гледано, во 2005 имало 18 кандидатки, а три жени биле избрани за градоначалнички; во 2009, не била избрана ниту една градоначалничка, а имало 13 кандидатки; во 2013 – четири жени биле избрани за градоначалнички, а имало 29 кандидатки; во 2017 – 6 жени биле избрани за градоначалнички, а имало 15 кандидатки од 260 кандидати и на крај во 2021 – две жени се избрани за градоначалнички, а имало 25 кандидатки. Вкупниот број на кандидати на локалните избори се движи од 260 до 352. Овие бројки се загрижувачки и покажуваат дека бариерите за жените во политиката сè уште се реални – дел структурни, дел поврзани со стереотипи и недостиг на поддршка“, појаснува за ПИНА експертката Цветковска.

Иако квотите за советнички листи (40%) се формално исполнети, учеството на жени на извршни позиции (градоначалнички) е речиси занемарливо.

32 кандидатки за градоначалнички во 81 општина

Од вкупно 302 кандидати за градоначалници во 81 општина, 32 се жени. Меѓу своите опоненти-мажи, за градоначалничката функција на Град Скопје ќе се бори Каја Шукова од СДСМ. Претендентка за на чело на една од најголемите скопски општини – Кисела Вода е Бети Стаменкоска Трајкоска од ВМРО ДПМНЕ.

Во актуелното предизборие забележуваме дека реториката кон жените сè уште е недоволно ориентирана кон охрабрување и поддршка на нивното учество, вели Цветковска.

Жените често се поставуваат на пониски позиции на листите

Според Наташа Димова, претседателка на Мрежа Стела (мрежа за поддршка на жените) застапеноста на жените на кандидатските листи за градоначалнички и носителки на советнички листи останува на околу 10%. Во споредба со 2021 година напредокот е маргинален.

Фото: Наташа Димова, претседателка на Мрежа Стела

„Повеќето партии квотите ги исполнуваат формално, но не и суштински“ вели Димова, додавајќи дека ова претставува „игнорантен однос кон учеството на жените во политиката“.

На прашањето кои се најчестите бариери со кои се соочуваат жените кои сакаат да се кандидираат на локално ниво вели дека најсилно влијание имаат патријархалните норми и стереотипи, кои ја перцепираат политиката како „машка работа“ и создаваат очекување жените да останат во сферата на семејството и домаќинството.

„Дополнително, постои институционална слабост бидејќи квотите важат само за советничките листи, додека за кандидатки за градоначалници такви механизми не постојат, што резултира со нивна ниска застапеност. Дури и таму каде што квотите се исполнети, жените често се поставуваат на пониски позиции на листите, што ја намалува нивната реална шанса за избор“, изјави Димова.

Според неа голема пречка е и недостигот на ресурси – финансиски средства, мрежи на поддршка и политичка логистика – бидејќи жените имаат ограничен пристап до донаторски и партиски извори.

„Во рамките на политичките партии жените често се исклучени од клучните мрежи и кругови на одлучување, па тешко се пробиваат до влијателни позиции. Овие бариери дополнително се зајакнати со дискриминација и предрасуди, каде жените се омаловажувани или нивните способности се доведуваат во прашање, а истите грешки за кои мажите добиваат простор и разбирање, кај жените се санкционираат многу построго. Ниската видливост на успешни женски примери, недоволната подготвеност на институциите за родово сензитивни политики и ограничениот пристап до информации и обуки за водење кампањи ја прават политичката сцена уште потешко достапна за жените кои сакаат да се кандидираат на локално ниво“ посочува Димова.

Жената во политиката многу повеќе дава отколку што добива

Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка на Скопје, истакнува дека не чувствува директна дискредитација поради својот пол, но забележува непријатни коментари на социјалните мрежи.

„Сметам дека жените знаат да бидат поорганизирани и поодлучни… Спремна сум за суштински и системски промени“ изјави Шукова за ПИНА.

Таа посочува дека начинот на кој јавноста ги третира политичарките често зависи од нивната комуникација, транспарентност и инклузивност.

Фото: Каја Шукова

„Односот со јавноста го градите сами, и многу зависи од тоа колку сте инклузивни, трпеливи и одговорни. Како ќе ве перципира и третира јавноста зависи од многу фактори, но најголемиот број од нив се резултат на вашето однесување. Обиди за дискередитација имало и ќе има, тоа не треба да не обесхрабрува, особено не нас жените“, истакнува Шукова.

Бети Стаменкоска Трајкоска, кандидатка за градоначалничка на Кисела Вода, пак, упатува директна критика за нискиот број на кандидатки:

„Жените се пообразовани, имаме повеќе докторки на науки, но нивниот процент не се одразува на лидерските позиции… Жената во политиката многу повеќе дава отколку што добива“ децидна е Стаменкоска Трајкоска.

Сепак, таа наведува позитивен пример од својата општина:

Фото: Бети Стаменкоска Трајкоска, кандидатка за градоначалничка на Кисела Вода

„Во Кисела Вода, 70% од раководните позиции се жени, имаме локална стратегија за родова еднаквост. Да бидам искрена, не сум задоволна од процентот на жени, посебно од процентот на кандидатки за градоначалнички, но она што радува е фактот дека имаме голем број носителки на листи, а и застапеноста на жените на советничките листи на овие локални избори е задоволителен. Секако дека секогаш може подобро, кон подобро се стремиме и за подобро се бориме“, вели Стаменкоска Трајкоска.

Додава дека се труди да биде модел и пример за тоа дека жената може, знае и треба да се вклучи во политичките процеси. Сѐ до моментот кога како жени нема да бараме да ни се даде тоа што го заслужуваме, ќе имаме доста работа, е нејзината главна поента на темава.

„Со самиот факт што го прифатив предизвикот да се борам за да застанам на чело на општина како што е Кисела Вода, сметам дека многу позитивно ќе влијаам врз охрабрувањето на жените да сакаат да бидат гласни и да ни се приклучат во заедничката борба за подобра иднина. Сметам дека жените не се доволно застапени на лидерски и раководни функции, а тоа го засновам на фактот дека иако жените се пообразовани во споредба со мажите, имаме повеќе доктори на науки, магистри и дипломирани жени, во здравството, во образованието итн., но нивниот процент не соодветствува со реалната состојба каде што процентот на мажи на раководни функции е многу поголем. За жал, жената во политиката многу повеќе дава, отколку што добива, но затоа нашата мисија е да ги менуваме работите на подобро“ вели Стаменкоска Трајкоска.

65% од политичарките се жртви на насилство, најчесто во период на изборни кампањи

Како што истакнуваат и експертките, бариерите со кои се соочуваат жените се повеќеслојни: Патријархални норми и културни стереотипи, кои ја дефинираат политиката како „машка територија“, недостиг од поддршка од политичките партии, како логистика, медиумска видливост и финансии, квотите важат само за советнички листи, не и за градоначалнички позиции, онлајн и офлајн насилство, говор на омраза и лични напади, особено за време на кампањи.

Истражувањето на Националниот демократскi институт (НДИ) од 2020 година покажало дека 65% од политичарките се жртви на насилство, најчесто во период на изборни кампањи. Во 43% од случаите, тоа се случува непосредно пред или за време на избори.

Истражувањето на НДИ од 2023, спроведено од Реактор – Истражување во акција, покажа дека советниците се често жртви на насилство од политички противници, но советничките, покрај тоа, се соочуваат со напади и од сопствените партиски редови.

„Ова ја потврдува потребата за системска заштита на жените во политиката и поголема солидарност во осудата на ваквите појави. Жените во политиката не бараат привилегии, туку фер шанса и заштита од насилство“ оценува Цветковска.

Политичките партии и институциите имаат круцијална улога

Иако сите поголеми партии имаат жени на советнички листи, нивната застапеност на извршни позиции останува симболична. Политичките партии често ја користат родовата еднаквост како маркетинг, но во пракса недостасува поддршка за развој на женското лидерство. Недостасуваат и државни механизми за мониторинг на родова застапеност на локално ниво, а институциите ретко реагираат на случаите на родово базирано насилство врз политичарки.

Застапеноста на жените на претстојните локални избори повторно покажува дека родовата еднаквост во политиката не е прашање на политичка волја, туку на системска трансформација. Формалните квоти не се доволни доколку не се придружени со поддршка, политичка волја и културна промена.

Авторка: Маја Терзиова

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за жени новинари на ПИНА