Зголемувањето на пензиите како стратешка алатка: Политичка опортуност наспроти фискална одговорност

0
15

Најавата за линеарното покачување на пензиите од 1 000 денари, поделено во две рати на есен и напролет, претставува значаен потег на актуелната влада. Оваа мерка е наменета да го подобри животниот стандард на најранливата категорија пензионери, но анализата на нејзините импликации открива повеќе димензии – политички, економски и социјални.

Наодите сугерираат дека и покрај краткорочната корист за голем дел од пензионерите, оваа политика носи фискална цена и може да влијае на структурната одржливост на пензискиот систем. Оваа одлука, исто така, отстапува од воспоставената законска методологија за усогласување на пензиите, а нејзиното темпирање се совпаѓа со претстојните избори.

Времетраење на политиката во изборниот циклус

Најавата за линеарното зголемување на пензиите од страна на премиерот Мицкоски се совпаѓа со актуелниот политички контекст. Претседателот на Собранието, Африм Гаши, уште на 31 јули изјави дека локалните избори ќе бидат распишани до крајниот датум, во првата половина на август.

Оваа временска рамка се поклопува со најавите за покачување на пензиите, кое треба да се реализира на есен и напролет, во периодот пред и за време на изборната кампања. Примена на слична стратегија е забележана и претходно кај оваа влада, која донесе ад-хок линеарно покачување од вкупно 5 000 денари, поделено во две рати во септември 2024 и март 2025 година, со цел да го исполни своето предизборно ветување.

Пензионерите се една од најголемите групи на гласачи, а директното, униформно зголемување на нивните примања може да влијае на перцепцијата за грижа и социјална одговорност

Прашањето за линеарното зголемување директно се разликува од утврдената законска рамка за пензиско усогласување. Според Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пензиите треба да се усогласуваат двапати годишно врз основа на методологија која комбинира 50 отсто од порастот на индексот на трошоците за живот и 50 отсто од порастот на просечната плата. Одлуката за линеарно зголемување, иако е овозможена преку законски измени, претставува отстапување од оваа законска обврска.

Економската анализа на Finance Think укажува дека оваа мерка ќе генерира дополнителен трошок од околу 300 милиони евра на годишно ниво, што е околу една четвртина од вкупните расходи за пензии и речиси половина од годишниот буџетски дефицит.

Ова зголемување се вградува во основицата на пензијата, што значи дека трошоците за пензискиот фонд ќе се зголемуваат секоја наредна година, продлабочувајќи го дефицитот и зависноста на Фондот за ПИОМ од централниот буџет.

Дистрибутивен ефект: Корист за дел од пензионерите, помала добивка за други

Анализата на дистрибутивниот ефект покажува дека линеарното зголемување има нееднаков ефект врз различни групи пензионери. Околу 150 000 пензионери ќе добијат повеќе пари отколку што би добиле со процентуалниот модел. Оваа група ги вклучува оние со најниски пензии, кои се движат до околу 22 000 денари. За нив, линеарното зголемување од 1 000 денари е поповолно од процентуалната корекција, која би изнесувала меѓу 700 и 850 денари.

Сепак, околу 116 000 пензионери ќе добијат помалку пари со линеарниот модел. Оваа група ги вклучува оние со повисоки пензии, кои со процентуално усогласување би добиле од 1 500 до 3 500 денари.

Долгорочни изгледи и одржливост на пензискиот систем

Одлуката за линеарно покачување на пензиите се фокусира на краткорочните бенефити, без да ги адресира основните структурни проблеми на пензискиот систем. Демографската слика е неповолна, со стареење на населението и иселување на младите, работоспособни лица. Ова доведува до намалување на бројот на осигуреници кои уплаќаат придонеси, додека бројот на корисници на пензии расте.

Меѓународните финансиски институции како Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд постојано предупредуваат дека трошоците за пензиите се најголем дел од јавната потрошувачка и дека системот е неодржлив на среден и долг рок. Тие препорачуваат спроведување на реформи, како што е зголемувањето на ефективната возраст за пензионирање.

Сепак, најавата за линеарно покачување се чини дека се одлучува за краткорочно популарна мерка наместо да ги примени препорачаните реформи. Овој избор помеѓу домашната политичка стратегија и експертските препораки покажува дека се адресира симптомот (ниските примања на пензионерите) наместо болеста (структурниот дефицит на Фондот за ПИОМ).

Краткорочна корист и долгорочни ризици

Линеарното покачување на пензиите од 1 000 денари е комплексен потег кој се карактеризира со соочување на политичките цели и фискалната одговорност. На краткорочен план, оваа мерка е корисна за повеќе од половина од пензионерите, особено за оние со најниски примања. Сепак, оваа краткорочна корист доаѓа со цена.

Анализата покажува дека линеарното покачување претставува значаен фискален трошок кој може да ја продлабочи буџетската дупка во Фондот за ПИОМ. Со вградувањето на ова зголемување во основицата на пензиите, долгорочните трошоци ќе продолжат да растат, создавајќи поголема зависност од централниот буџет.

Дали тоа во агрегат ќе биде „поевтино“ од класично процентуално усогласување зависи од техничките детали и макро-индикаторите – а во октомври, ќе зависи и од тоа кој наратив ќе ги убеди пензионерите дека добиле „фер“ дел.

За ПИОМ ова е солидарна мерка за намалување на социјалните разлики

Одлуката за линеарно покачување на пензиите е донесена врз основа на барањата на сите здруженија на пензионерите, истакна Никола Мемов, директор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.

„Сите бараа редовното усогласување да биде линеарно, а не процентуално, и Владата го послуша гласот на пензионерите. Масата на пари што ќе се исплати е идентична со онаа што ќе се исплатеше преку старото законско решение за процентуално усогласување“ објасни Мемов.

Според него, во јавноста постои погрешна перцепција за ова зголемување.

„Ова усогласување, односно покачување што сега се прави, има цел да ги амортизира ценовните шокови и инфлацијата. Затоа концептот на еднаква помош на граѓаните, преку линеарна исплата на пензиите, е исправен концепт“ додаде тој.

Мемов нагласи дека ваквата мерка не е само финансиско зголемување, туку и социјална поддршка.

„Целта е да се намалат социјалните разлики помеѓу пензионерите. Ова е солидарна мерка на Владата што им се дава на пензионерите за да можат да си го одржат животниот стандард“ порача директорот на Фондот.

Влада: Ова е праведен модел што нема да ја загрози стабилноста на системот

Владата ја брани својата одлука за линеарно покачување на пензиите, нагласувајќи дека тоа претставува најправеден начин за распределба на средствата и обезбедување на повисок животен стандард на пензионерите.

„Линеарното усогласување на пензиите обезбедува рамномерна распределба на средствата наменети за усогласување на пензиите заради подобрување на животниот стандард на пензионерите. Треба да се има во предвид фактот дека приватизацијата во државата доведе многу граѓани да останат без стаж и плати што сега се рефлектира со корисници на најнизок износ на пензија, односно корисници на пензија под просечниот износ на пензија. Поради овие причини од минатото како и програмските определби на Владата за унапредување на животниот стандард на пензионерите и намалување на јазот на пензиите Собранието го донесе законското решение за линеарно усогласување на пензиите“ велат од Владата.

За усогласувањето на пензиите во 2025 година ќе бидат издвоени околу 1,5 милијарди денари од Буџетот. Владата нагласува дека овие средства се веќе предвидени и дека нема да предизвикаат дополнителен дефицит или ново задолжување.

„Нема промена во формулата за усогласување на пензиите, па затоа и нема дополнителни фискални импликации од тие што веќе се предвидени со Буџетот“ појаснуваат од таму.

Во однос на критиките дека ваквата мерка е предизборна, Владата одговара дека усогласувањето на пензиите е редовна законска обврска.

„Пензиите се усогласуваат секоја година во март и во септември. Линеарното усогласување не е нова исплата, туку само нов начин на распределба на средствата“ наведуваат од Владата.

Тие додаваат дека одлуката е донесена по консултации со пензионерските здруженија и дека ваквиот модел е барање на самите пензионери.

„Владата е во постојани консултации со здруженијата и пензионерите. Покрај оваа мерка, работно тело веќе подготвува анализа на состојбата на пензискиот систем за да се предложат структурни реформи за долгорочна сигурност“ велат од Владата.

Со ова, Владата уверува дека линеарното покачување не е изолирана краткорочна интервенција, туку дел од поширока стратегија за подобрување на пензискиот систем и намалување на јазот меѓу најниските и највисоките пензии.

Автори: Михаил Милошевски и Кристијан Трајчов

  • Текстот е изработен во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА